Потребно време за читање: 10 минути

XXVI

Општост и конкретност

Дамјан Истиноси:

-Предизвик ми се и релациите и корелациите меѓу општоста и конкретноста. И како книжевник и како колумнист, и во мојата поезија и проза и во колумните или поентите. Особено затоа што и едната и другата не се неменливи дадености. Јас најчесто ставам знак на равенство помеѓу нив. Некогаш само како почеток, некогаш на самиот крај, а неретко од почеток до крај. Тоа најмногу се однесува на собитијата и приклученијата од една, и на доживувањата и преживувањата од друга страна.

Прво општоста:

Ние сме од раѓање до смрт во општости. Се, разбира, најпрвин како индивидуи. Мислам на самиот живот, посебно на неговата динамика, на растежот и зреењето, како и на меѓучовечките односи. Во тие рамки ги поставувам современоста, секојдневноста која најмногу ја сведуваме на преживување, недоволност, незадоволство и лична кариера, истовремени со личните и заедничките времиња, родството, врските со блиски и далечни.  

Сега конкретноста:

Мислиш дека не те следам, не читам како ме раскажуваш, а те прави сомничав кога реагирам на некои твои обиди да ме претставиш како посебна, ретка, дури единствена личност? Се разбира дека те следам и читам, но најчесто сум, неретко и сосила се правам рамнодушен. Дури и кога измислуваш нешта поради динамизирање, па и драматизирање на фабулата. Не ти верувам кога тврдиш дека само пишуваш белешки без амбиција на некој твој крај тие да станат поголем расказ, новела или роман. Доволно сум опитен за да можам совреме да го согледам дури и она што некој го создава спонтано, па и несвесно. Оставам ти да го конкретизираш тоа во некое или неколку продолженија односно поглавја.

За мене конкретноста е самата активност, акцијата на човекот и создавањето дела, како и резултатот и делата. Не на пример неговите моментни расположби, изразените или контролираните емоции. Не на пример повторливите приклученија и нивните лични доживувања.

За мене голем предизвик се конкретностите како баналности на кои им придаваме клучно, дури пресвртно значење. Би требало и за тебе, на пример мојата самост. А ти напротив! На пример, досега на мојата самост не ѝ посвети поголемо внимание. Ти давам задача скоро неа да ѝ ја сопоставиш на правото на сомневање во творечка смисла.

Да ти кажам уште нешто: иако сè уште не сум сосем навлезен во старечките години, и јас како многумина во шестата деценија живот сум прилично витален, признавам дека сè повеќе ме обзема жалоста од немање потомок. Не како залуден живот, туку како живот без трага и утрешнина.

Не прозборев ни збор до крајот на мојата прошетка со Дамјан низ малите улички на стариот дел од градот и долго откако се разделивме на Мостот на разделбите.              

Од колумните (поентите)      на Дамјан од Истин      

1.Што или кој-кои?

Што се тоа фер и демократски избори? Се знае? Н е мислам ѕолку на оние што ги спроведуваат, колку на учесниците-власта и опозицијата. Најмногу мислам на нивната заедничка одговорност.

Ајде малку да „симплифицирам“:

Фер избори значи пред сè и над сè коректни, „колегијални“, „културни“ избори. Значи, во рамноправна борба да се победи или да не се изгуби. Значи и да се признае поразот, да се честита на победата. Тоа, пак, значи основна политичка култура.

Всушност, фер избори се оние со завидна политичка култура. Како се постигнува тоа?

Мошне едноставно: со почитување на противникот и борба против него на теренот исклучиво со факти и аргументи. Без лични и колективни навреди (мислам на адреса на партии), без дисквалификации, унижувања, потценувања, маргинализирања. Што значи исклучиво базирани на сопствените понуди (изборни програми) и сопоставување на понудите на другите-противниците.

Во однос на политичката култура, најчесто и најмногу нејзиното ниво се „илустрира“ со користениот вокабулар при обраќањето на гласачкото тело (најмногу на митинзите). Тоа е неприфатлива симплификација, но и ако се прифати мора да се има на ум дека културниот говор содржи фонд на зборови и стил и начин на изразување, па и на однесување (при говорењето). На пример, оној што често и нервозно мавта со рацете (најчесто со едната и со показалецот „некаде“ над главите на насобраните) исто така покажува ниско ниво на говорна култура. Да не ја спомнувам ведрината, духот-духовитоста, инспиративноста итн.

А вокабуларот…Тој е најмалку израз и одраз на политичка култура. Се смета дека најкултурен е оној што користи едноставни зборови, многу повеќе од народниот говор, па и од дијалектот на оние на кои им се обраќа. Може и од жаргонот. (На пример, најлесно може да им се доближи на младите ако успее во најтешкото: да им се обрати на нивниот јазик.) Некогаш се културни и „благо вулгарните“.

А демократски избори?

Тие се полесни за дефинирање. Едноставно, такви се кога нема инциденти (од полнење на гласачките кутии под закана, семејно гласање, до „бугарски воз“). А кога ги има, извршната и судската власт брзо и ефикасно си ја завршуваат работата-ги санкционираат.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XXXV

За демократски избори исклучива одговорност има власта, и таа не може да ја споделува со опозицијата. Освен во работата на теренот превентивно-тие да не се случат односно навреме да се спречат.

Е, сега размислете:

Судејќи според сè што се случуваше на досегашните избори, дали се можни фер и демократски избори?

Да, треба да бидеме трпеливи, толерантни и да почекаме, ама мене лично ми се поставува прашање на кое многу не се трудам да си одговорам бидејќи и тој-одговорот ми се наметнува сам по себе, токму знаејќи го сето „назад“:

Каква предизборна кампања? Од каде „неформална“? Постои ли таква во развиениот деморкатски свет? Зарем и кај нас таа не  треба да се санкционира како таква? Јас знам само за една-„формална“, поточно законска. Каква е таа? Позната е: сопоставување програми, проекти, решенија, па и ветувања. Ништо друго.

Ама…Си знам јас, не сум си ни на севесу наивен. Бидејќи сме правна, а „нефункционална“ држава (во која има закони, но проблемот е во нивното доследно и непристрасно-читај неполитичко спроведување), сите досегашни „неформални“ предизборни кампањи имале третман на „формални“.

Нема таков, кој аматерски или професионално, значи од занимација или за плата и привилегии се занимава со политика што да не знае што е што и што треба да биде. Во тој контекст си поставувам суштинско прашање, не толку во однос на кампањата, колку во однос на понудените за избор:

Има ли таков помеѓу нас што знае кој е кој и кои треба да бидат? Јас не познавам. Само знам за ваков: што ги познава, ама кога слуша сега за нив длабоко разочарувачки констатира дека не ги знаел. Се разбира, запознава и некои што може да ги биде. Но, недоволно за сè што мора да биде.

И јас сум убеден толку што да не може никој да ме разубеди: изборите (ќе) зависат не од што, туку од кој односно кои. Кои?

За жал, малкумина, недоволно „вистински“ на број: млади или возрасни независни, самостојни, самосвојни, слободоумни, мислечки. Несомнени авторитети.

2.Потребни се нови, ама ги нема?

Како што се разгорува предизборната кампања и се наближуваат избори, на политичките партии, особено на нивните лидери се чини им станува сè полесно. Сè повеќе им „олеснува“ на душа и срце оти нема, па нема нови, пред сè млади лица на македонската политичка сцена. Ете, се потврдува нивното: нема и не може да се појават нови лица, иако „се разбира“ дека се потребни, ма неопходни.

Значи, насловот на мојава колумна односно поента-„Потребни се нови, ама ги нема?“, станува сè поактуелен, но едновремено и веќе надминат. Прашање е дали е потребен прашалник на крајот, а кој означува (значи дека следува „Да“ или „Не“ односно „Дали?“, а може и „Зошто?“, „Како?“, „А кога?“ и слично).

Еден мој личен став, кој сосема му се спротивставува на владејачкиот:

Да, потребни се нови луѓе во македонската политика и (ќе) ги има! Со други зборови, постојните да не се надевааат дека ќе останат единствените и нека бидат сигурни дека допрва ќе им „отежни“ од нови.

Во аргументацијата најнапред ми се наметнуваат неколку „приоритетни“ прашања:

Кои и какви се или треба да бидат новите политичари (млади, возрасни- стари, искусни, неискусни, политички активни или досега воопшто неактивни-без никаков политички багаж)? Можна ли е „стара“ политика со нови политичари, и обратно-нова политика со „стари“? Дали навистина досега ги нема или е проблемот во неспособноста да се препознаат, да ги препознаеме? Можно ли е преку ноќ да се „роди“ нов политичар? Што значи политичкото искуство, поточно политичкиот ангажман и багаж? Дали познати творци-авторитети кои би се ангажирале во една, на пример, „нелидерска“ партија, би биле нови политичари?

Без амбиција да одговорам на сите поставени и многу други од мене непоставени прашања, сосема накусо ќе изберам само некои од нив. Би сакал моите одговори да ги прифатите само како поттик за сопствено промислување.

Кога се мисли на нови политичари, се мисли пред сè на нови лица во политиката. Тоа значи досега непознати или, во најмала рака, „неполитички“. Следствено, очекувањата би требало да ги толкуваме како нивно „паѓање од небо“, како родени преку ноќ, кои досега воопшто не сме ги забележувале или си стоеле настрана, па наеднаш ги откриваме.

Во однос на „неполитичноста“, мошне дискутабилно е самото негово значење: што значи да се биде „неполитичен“ односно аполитичен? Има ли таков кого не го засегнала или не го засега политиката, кого таа не го интересира? Дали еден врвен творец-интелектуалец од која било област е „неполитичен“ (аполитичен) само затоа што досега не бил зачленет или одбива да се зачлени во некоја партија? Зарем политичкиот ангажман не е можен или, пак, не знаеме да го препознаваме како вонпартиски?

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), III, роман

Се разбира дека одговорот е еден: кога се зборува за потребата од нови лица на македонската политичка сцена, не се мисли на оние од вториот, третиот ешалон или, пак, на некои од партиските подмладоци, туку на оние кои се неопходни како политички ангажирани, макар вонпартиски.

Што се однесува на политичкото искуство или неискуство, пак се поставува прашањето: што значи тоа? Дали станува збор за вештина-итроштина, снаодливост, мудрост, знаење или за некаква политичка харизма? Да не треба тоа да се изедначи со животното и работното искуство на секој човек?

Овде запирам и ви го поставувам најважното и можеби најтешко прашање за сегашнината и утрешнината на државава, а кое е најнепосредно поврзано со прашањето-насловот:

Што е тоа политичар?

Одговорете си сами, без да барате толкувања и дефиниции во лексикони, енциклопедии, стручни книги. Тие многу нема да ви помогнат.

3. Медиокритети

Што е тоа медиокритет? Дали за „современиот“ е доволно основното толкување на овој поим: осредност, осредна состојба, осредна способност, дело со осредна вредност, но и човек со осредна умна способност и вредност? Се разбира, тоа е суштинското, но во наши состојби и услови…

Според моето катадневно скромно искуство, ако останеме само на претходното-основното толкување, нашите медиокритети одамна се адаптирале-камуфлирале до непрепознавање. Пред сè со помош на свесното долгорочно одложување да се постави-втемели, а потоа и постојано, континуирано да се надградува систем на вредности. Кој, се разбира, ќе кореспондира со светскиот.

Некои наши „европеизатори“, од оние што си ја поставиле нашата (не и нивната) европеизација како една од заложбите поради кои се надеваат дека повторно ќе заслужат глас на избори, се залагаат за импелемнтација на некакви „европски“ вредности!

Прашање до нив: во што и со што тие се разликуваат од светските? На пример, дали не „минуваат“ бидејќи се пониски или повисоки од американските како дел од светските?

Имајќи го предвид најпрвин токму тоа, го поставив проблемот со нивното препознавање:

Кои се нашите осредни вредности и способности?

Можете ли да посочите на некои, на пример од политичката „елита“ со осредни умни способности? Што е осредност во нашиот живот, нашето работење и дејствување, во создаденото од сите нас? Кој тоа ни наметнува осредност, од кого прифаќаме и зошто?

До колку се согласуваме дека во сиот досегашен криминално-коруптивно-полит-бизнисменски период дозволувавме и дозволуваме да ги „спуштат“ нашите критериуми за вредното и убавото, за квалитетот на животот воопшто, а за да ја прифатиме нивната осредност, тогаш кој кого може и треба да препознава: тие-медиокритетите нас или ние-„осреднетите“ нив? Кој против кого може и треба да се бори?

Во медиокритетско општество и во медиокритетска држава можат да живеат, поточно да преживуваат само медиокритети. Се надевам дека се согласувате со овој став. Па каде се оние другите? Нè напуштија во меѓувреме? Да? А што е со оние кои останаа со нас, се помеѓу нас зашто не биле во можност да нè напуштат или, пак, не сакале?

Дали медиокритетството е „потешко“ од нашата од политичарите наметната осредност ? Да, имено поради следнава разлика: првото е многу повеќе „динамично“, второто над сè „статично“; првото „дава“, „наметнува“, агресивно се натура (со секакви средства, а особено со заплашување и послушност), а второто „прима“ со помал отпор сè до целосно предавање и сопствено непрепознавање. Медиокритетите создаваат осредни за во буквална смисла да можат да владеат со нив.

Не е проблемот дали медиокритетите се препознаваат помеѓу себе, туку дали ние сме научиле или допрва треба да научиме да ги откриваме помеѓу нас. Во овој политички и секаков друг „судбински“ миг тоа е една од нашите најтешки обврски пред нашево денес и нашето утре.

Но, има една полесна и многу поитна задача за нас. Која, пак, може многу да ни помогне во таа борба против медиокритетите откако ќе научиме да ги препознаваме: да ги научиме и најнапред на личен-индивидуален, а потоа и на групен-колективен план да ги прифатиме-усвоиме светските вредности, што значи критериумите за нормално, реално вреднување на цивилизациските дострели.

За нашиве медиокритети повеќе да не можат да ни продаваат ветер и магла, ниту да можат да ни се претставуваат како некаква политичко-бизнисменска или каква-годе друга „авангарда“, да научиме да ги препознаваме како „ајвангардисти“ (македонски „превод“ на медиокритет: ајван). Или „разложено“: да ги препознаваме ајваните во политичките гарди.

Да нема недоразбирање помеѓу нас: први на „дневниот ред“ ми се политичките медиокритети. Зашто тие, за жал, во сè се сè уште први, па и последни.

Една многу едноставна препорака до сите вас, а која можеби ќе помогне во поттикнувачка и ангажирачка смисла: запознајте ги, научете ги светските вредности и според нив оценувајте-проценувајте, критички согледувајте, анализирајте, синтетизирајте.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXIII, роман

4.Проект

Што е тоа проект? Излишно прашање? Секој знае, нема кој не знае? Па зошто тогаш постојано се нагласува дека проблем со користењето на меѓународните фондови е пред сè недостиг на „вистински“ проекти, односно неквалитетот на понудените?

Сепак, чинам дека не е на одмет да се потсетиме на основното:

Проект е секоја деловна замисла, одлука. Во потесна смисла нацрт, скица, разработен план, предлог за работа, постапка, научно, книжевно или уметничко дело, законски текст и сл. Идејниот проект има сумарен карактер, додека завршниот (дефинитивниот) навлегува во детали.

Просто како…

Сè во животецов наш насушен и секоја активност, работа, дејствување е и мора да биде „проектирано“. Тоа значи однапред осмислено, не само идејно, туку во сите детали. Притоа, од пресудно значење е смислата за антиципација, предвидување на идните можности и капацитети врз основа на сегашните. Но и на последиците. И не „Господинот Ризик“, туку „Господинот Случај“ во него се сведува на „џуџе“.

Секој проект има свој автор или тим (автори). Еден за сè (од идеја до реализација), но почесто (вообичаено за развиениот свет) посебни тимови за секоја фаза одделно. Во името на стручноста, способноста, искуството.

Секој проект се темели на знаење-стручност, искуство, анализа и реална проценка на можностите за реализација, но и на капацитетите што стојат на располагање за негова реализација. Ако не ги содржи идејниот и завршниот-деталниот, со сите неопходни меѓуфази, се сведува на скица-кроки што „раскажува“ нешто кое некому едноставно му паднало на памет. Тоа е најдобрата „илустрација“ на инфантилизмот.

Сè во животецов наш насушен и секоја активност, работа и дејствување мора да биде „проектирано“. Следствено, и во политиката, во политичкото дејствување. На пример, кога почнува битката за освојување на власта. Нормално, партиите, во името на своите кандидати, подготвуваат изборни програми што претставуваат збир на проекти кои ветуваат дека ќе ги реализираат, доколку ја добијат довербата на гласачите. Воопшто не е точно дека проблемот на македонските партии не е во проектите, туку во нивната реализација. Се разбира, го има тоа, но лагите и измамите беа токму поради нереални, инфантилни проекти. А за што се гласа? Се разбира, за проекти што ќе ги реализираат изгласаните.

Овојпат нема детално да анализирам изборни програми односно проекти, туку само ќе посочам на едно откритие оправдано мошне немушто: изборна програма препишана од партија во Велика Британија (дури цели 80%)! Со со право се постави прашање дали се добиени авторските права за препишување.

Мене ми паѓа на ум нешто од блиското минато: една партија се фалеше дека за подготовка на нивната изборна програма (проекти) ангажирала над 200-мина домашни експерти! Се реализира? Не! Затоа што не беше „издржана“?

5.Што е што и дали никому ништо

Што му прави лудиот на збунетиот? Има едно дејание…ама не, немојте да бидете вулгарни. Лудиот се обидува збунетиот да го направи паметен. Особено ако е политичар, како во нашиве прилики и неприлики. А ако не е?

На неполитичарот лудиот се обидува да му помогне да не се распамети (дури уште има троа од паметот).

Она што вообичаено се случува како предизборна кампања кај нас не дека личи на „правењето“ помеѓу лудиот и збунетиот, туку е ептен тоа и ништо друго. Сè се плашам дека ниту тој-лудиот не ќе може да издржи во помагањето на паметниот. Лично стравувам дека нема да остане ниту еден збунет и ќе нема кого лудиот да го…прави паметен, де! Притоа, партијата на власт изигрува лудило, а опозицијата „збунило“.

Да не заборавам на уште нешто многу важно, а е ептен во контекстот на меѓусебното „работење“ на лудиот и збунетиот: опозицијата постојано повикува на лидерски ТВ дуел, иако досега ни сум слушнал ни сум прочитал некаде дека тоа го сакаат или бараат ТВ гледачите.

Мое предизборно  предупредување: слушајќи сè и сешто, од мали и големи скандали до изнесување на валкана „политизирана“ долна облека, може лесни да ви се случи да ви ослаби слухот, а богами и видот (особено од гледање низ розови и црно-бели очила.

Ако продолжам со конкретни примери во врска со она што „вообичаено“ му го прави лудиот на збунетиот, може да дојдам и до третирање на проблемот со наталитетот! Па да изведам несакан заклучок дека, на пример, тој „однос“ да доведе и до одумирање на наши „врвни“ политичари и големи и мали политички партии.

Ме учат некои мои пријатели дека тоа се викало политички хомосексуализам и лезбиство. Ве молам, немојте да бидете и вие вулгарни како моите пријатели. Нели се согласивме на почетокот дека во нашата политика лудиот се обидува збунетиот да го направи паметен?