Потребно време за читање: 2 минути

880. Виден, непризнаен, незнаен:
Ме имало-Ме нема-Ме има.

881. Само идиоти, изроди, мафијаши и предавници пак ќе гласаат идиотиве, изродиве, мафијашиве и предавнициве да бидат на власт.

882. Да не се бесрамни, властодршциве не би му излегле на народов пред очи, а камо ли од него да бараат пак да ги гласа за власт.

883. Многу кажано, докажано и укажано од мене-многу прекажано од други како свое. Нечесно и недолично.

884. Веќе многу малку на број оние што ме паметат зашто ме имале за свој по нешто.

885. Човек стамен, достоинствен и виден со дело. Во сè подлабок заборав.

886. Мудар, учен и творец-обичен, дури незабележлив меѓу луѓе.

887. Внатрешна убавина на љубов-на виделина.

888. Сè повеќе предоцна за стар и снеможен.

889. Завршува уште една година живот од преостанат.

890. Не сум пред никого, туку сум единствен.

891. Се бројат ли или не нивните последни денови? Нивен проблем. Нашиот е дали ќе заживееме во нови.

Прочитај и за ... >>  ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, 776-826

892. Во неврат поет и пријател. Допрва неговата трага во нашето заедничко време.

893. Безогледно, бескрупулозно и безумно страховладеење со држава на народ пред исчезнување. Ужасно.

894. Надежно, а жално и немоќно.

895. Човек во години може уште малку за себе и уште многу за други.

896. Те мислам пред заспивање, те сонам до пред будење.

897. Било, е, а не се знае дали ќе биде:
Сите учени ги јаде срам поради неколкумина неуки бесрамници.

898. Има граѓани кои се гордеат со своето селско потекло, граѓани кои се срамат од него и граѓани кои живеат здрав живот на село.

899. Многу ме загрижува сè подлабокиот јаз меѓу младите и старите. Ем не живеат заедно ем не се помагаат.

900. Нема што да ми земете. Немам ништо што не е мое.

901. Одбивам да бидам со вас за да сметате дека сум ваш.

902. Ќе биде лесно и јас да заминам одовде. Никој нема ни да забележи дека ме нема.

Прочитај и за ... >>  ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, XXI, 458-511

903. Не се прашувам чиј ќе биде крајот на крајот. Знам дека мојот ќе биде само мој.

904. Стаса на крајот прашувајќи се зошто сите со него се како него.

905. Готово е со тебе кога не ти даваат ни слободно да мислиш, а ти тршиш и си го крпиш животецот.

906. Никој ни те чита ни те слуша, а ти упорно продолжуваш да си докажуваш на себеси дека сè уште постоиш.

907. Не очекувам, не се надевам и не посакувам ништо друго, освен крај со нов почеток.

908. Тој најмногу жали оти нема на што да се радува.

909. Има надеж дури нема крај без нов почеток.

910. За тебе не е добро кога ти е само тебе добро.

911. На секој плоштад во ова што остана од Македонија треба час поскоро да се постави столб на срамот.

912. Треба многу повеќе од живот и работа во град за да станеш граѓанин.

Прочитај и за ... >>  ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, XXI, 207-235

913. Долга е, та предолга секоја неспокојна ноќ.

914. Те трујат и се труеш зашто нема утре за тебе.

915. Животот еднаш почнува, а многупати почнува продолжувајќи.

916. Создадов огромно дело за секој што ќе го живее во дел од својот живот.

917. За тебе посебно место во моето постоење.

918. Можеш да ме имаш како било додека ме има во твојот свет.

919. Што подалеку од оној што сака власт за да владее со тебе.

920. Најпрвин сè гнило на буниште, па чистење на патот пред тргање кон догледни цели.