АФОРИЗМИ И ДРУГИ ЈАДРОВИЗМИ, XIX, 511-540

Потребно време за читање: 2 минути

511. Еднопартискиот систем е олицетворение на тиранијата, а повеќепартискиот карикатура на демократијата.
Чуму партија? Чуму партии?

512. Нема политика без ука, опит и умност. А ним таа не им треба.

513. Небулоза е „конструктивна опозиција“. Борбата за власт е сама по себе деструктивна.

514. Поразително за човекот и човештвото е што секое чудо веќе не е ни за еден, а камо ли за три дена.

515. Дебилни лаги и измами на власта за оние што ѝ слугуваат беспоговорно.

516, Препорака:
Не се мешај во она што не го знаеш и не е твоја работа.

517. Јавно си одговорен штом си јавна личност. Ако си личност.

518. Многумина несовесни ми згрешиле во животот. Свесно.

519. Меѓу стварен и заумен свет секогаш творечки.

520. Добро е, ми минува времето. Значи, уште не ми минало.

521. Продолжувам по свој пат со надеж дека ќе стасам на наш.

522. Не верувам дека е готово меѓу нас. Можеби во тебе.

523. Скоро сум сигурен дека ќе нема ништо за поправање. Не остана речиси ништо нерасипано и нерастурено.

524. Не сум убеден дека сите ќе одговараат за сторените злосторства. Некои можеби.

525. За што уште живеам? За тебе!

526. Не доживуваш радосен или тажен миг, ако немаш со кого да го споделиш.

527. Не се согласуваш!? Па што?

528. Не ти вреди што си жив ако не можеш напред, не можеш назад, а не можеш ни да стоиш во место.

529. Бесполезни ми се и создадените дела и создавањето нови? Да, веќе несомнено, но сосем небитно.

530. Толку му е мила власта, што не може ни да се замисли како чесен и праведен.

531. Партии на шути волови и шути крави-најподобни за натурена слугинска власт и „стратешко партнерство“.

532. Не знаат што и како, ниту кон каде и до кога.

533. Паметни можат, ама не сакаат со итри и будали властодршци ни пред нив ни зад нив.

534. Од ден на ден сè потешко мораат овде зашто немаат каде одовде.

535. Убав ден и убава ноќ за убави луѓе.

536. Си била една љубов исто како да не била.

537. А бре, говедо едно, не ти треба многу! Само читни на Интернет што е етникум, што народ и малцинство, а што делови од народ.

538. Безобѕирниот идиотизам властодржачки едновремено го ништи и личното и достоинството на народот.

539. Ниту одговараат, ниту ќе одговараат. Сè се завршува докрај, покриено, добро сокриено и без трага.

540. Два проблема на натурени властодршци со умни, учени и опитни личност: со нив не можат секако и товарот на личната инфериорност.