Потребно време за читање: 4 минути

38.

Многу ги жалам сестра ми Роза и брат ми Коста. Откако обајцата умреа ненадејно на млади години како мртви, со нас, во мојов и семеен гроб ги немам видено ни за миг ведри, развеселени, насмеани. Постојано се во длабок молк и рамнодушни за сè. Како сенки од луѓе живи и мртви. Нивните коски собрани во мрачен агол на гробов, спроти моиве, ни ноќе ни дење не прибираат во себе макар зрак светлина сончева или на свеќа. Да го напуштат гробов, да се прошетаат низ уличките и улиците на гробиштава, да се подружат со знајни или незнајни мртви? Не доаѓа предвид. Не им паѓа на ум. Не дека не сум се обидувал да ги оттргнам од тагувањето, апатичноста, летаргичноста. Напротив. Но сè е залудно. Не е поради ненадејното умирање на млади години, тие се доволно зрели и паметни, разбираат дека е така и неменливо со животот и смртта. Тој трае колку што трае, а таа иде кога ќе реши да дојде? Тоа е судбина? Обајцата не веруваат во неа, а не им е ни беспоговорно верувањето дека и тој и таа се пишани од Бога, како што одредил тој. За судбината се убедени дека всушност станува збор за состојби и околности кои во еден миг се изедначуваат или се испреплетуваат, а не може да е пишано од Бога зашто сè што е пишано од Него и за Него е за живот дури е живот и за смрт како живот во неа и по неа. Убедени се дека нивните насилни смрти се последица на непочитување, обезвреднување, ништожење и бесмислено трошење или прекинување на животот.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Го прашувам Бог (нека биде замислено):

-Боже, зошто нема ред во умирањето? Ти го дозволуваш?!

Бог:

-Смртта е независна од мене. Јас неа ниту ја одобрувам, ниту ѝ наложувам кога и како да настапи, да одзема живот. Со оглед дека е неминовна…

Јас:

-Ама ја негираш.

Бог:

-Не ја негирам, туку постојано ѝ го спротивставувам животот. Не дозволувам да надвладее над животот, да завладее со него, да го обесмисли. А не дозволувам ни рамнотежа помеѓу нив.

Јас:

-Затоа живот постојан и менлив, и во живот и во смрт како живот? Што е и што треба да биде суштествено од тебе?

Бог:

-Прашуваш, а знам дека знаеш, Ристо од Петар. Зарем тебе треба да ти зборувам за творечката енергија и непорочната љубов?

Јас:

-Не треба. Само да знаеш, Боже мој, дека на живите не им паѓа тешка, мачна, болна и страдална неминовната смрт, туку ненадејната. А особено онаа што е завршен чин на безнадежноста. Да не си ни Бог, за многу смрти тебе би те обвинувале или во најмала рака многу смрти на млади живот не би ти биле простени.

Бог:

-Го знам тоа. Меѓутоа, секој што доживеал таква смрт на ближен и сакан треба да знае дека моја секојдневна грижа и борба за човекот е грижа и борба наспроти смртта. Не треба да те потсетувам, но еве: човекот умира целосно, во мигот на смртта исчезнува животот што се изразува со гаснење на сите животни функции и тој не постои веќе во никаква свесна состојба. Заминува во физичко, не во духовно непостоење.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Јас:

-Не треба да ме потсетуваш, Боже мој. Знам што вели Библијата и јас сум согласен и како мртов жив: „Живите барем знаат дека ќе умрат, а мртвите не знаат ништо…Нема работа, ни мислење, ни знаење, ни мудрост во гробот во кој заминуваш“. Секој треба да има на ум и дека бесмртноста воопшто не се спомнува во Стариот завет, а во Новиот завет таа се спомнува само двапати. Таа не е на човекот и за човекот, туку твој атрибут, Боже. Ти си по природа бесмртен…Допрва ќе се навраќам на твоето учење: животот на душата е и живот на телото, тие се во единство. Прифаќам дека смртта е крај на човековото временско постоење, но кога човекот ќе умре, тој умира веднаш; во мигот на смртта престанува секоја искра на живот, се гаснат сите животни функции и тој не постои веќе во никаква свесна состојба…Во Проповедник: „Одамна ги снема: нивната љубов и нивната омраза и завист, и веќе немаат учество во ништо што се случува под сонцето…Кога ќе излезе духот од него, тој се враќа во својата земја и во тој ден пропаѓаат сите негови мисли.“…Ако го следиш внимателно моево приклучение, сигурен сум дека си забележал: кога зборувам како мртов и мртов како жив не го ни спомнувам единството на животот на душата и животот на телото.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Бог:

-Се разбира. Знај дека ми е сосем прифатливо твоето постоење како мртов и мртов како жив меѓу молк и тишина исто како меѓу паметење и заборав. Се разбира, мислам на творечката енергија и непорочната љубов.

Уште на почетокот од моево кажување и раскажување наспомнав дека сестра ми Роза умре ненадејно на триесет и осум години. Беше осум ипол години помлада од мене умрен и умрен како жив. Беше немажена и немаше рожба. Ја прегази моторџија на главната крстосница на Страдец. Всушност, при ударот со огромна брзина ја отфрлил неколку метри и таа паднала со главата на рабник. Умрела на самото место, со свест неколку мига и голема болка на телото (контузија на мозокот, пресечена вратна артерија, скршеници на `рбетот, три скршени ребра, скршеници на левата надлактица и десната потколеница).

Доживеа неколку љубови, но ниедна долготрајна, сериозна, за забрачување. Со една остана бремена и имаше спонтан абортус.

И сестра ми Роза и брат ми Коста се мртви, но не мртви како живи. Значи, не најпрвин во животот со изразена и докажана творечка енергија. А тоа е и главна причина зошто не ни помислуваат на непорочна љубов.

За брат ми Коста…Морам да здивнам.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here