Библијата и библискиот Бог

Потребно време за читање: 3 минути

Библијата е збирка на текстови кои Евреите (само Стариот Завет) и христијаните ја сметаат за света, од Бога вдахновена и главен извор на својата вера. Се нарекува и „Свето писмо“, „Писмо“ или „Писма“.

Евреите ја нарекуваат „Тора“ (Закон), Мигра (Читање), Китбе годеш (Свети списи) или Танак (кратенка од Тора, Невиим и Кетувим). Стариот Завет е пишуван на хебрејски, освен делови на Езра и Даниел и неколку зборови во Книгата на Постанокот и во Еремија пишувани на арамејски.

Христијаните ја делат Библијата на Стар Завет и Нов Завет. Стариот Завет опфаќа 39 протоканонски (истоветни со хебрејскиот канон) и 7 деутероканонски книги (протестантите, како ни Евреите, не ги признаваат- апокрифи). Новиот Завет, напишан во втората половина на I. век, опфаќа 27 книги: 4 Евангелија (според Марко, според Матеј, според Лука и според Иван), Дела апостолски, 21 послание (14 на Павле и 7 апостолски) и Откровение (Апокалипса).

Изворно, библиските книги се пишувани на свитоци од пергамент.

Библијата е единствената порака која Бог им ја упатил на луѓето. На необичен начин е сочувана низ илјадници години до денес, и покрај времињата во кои била прогонувана и уништувана.

Пораките на Библијата се сеопфатни-важат за сите луѓе и во сите времиња. Христијаните веруваат дека вечниот Бог го замислил Светото писмо и преку пророците му го пренел на човечкиот ум. Бог не диктирал збор по збор, освен Десетте заповеди. Тој ги ставил своите мисли во умот на писателот кој потоа ги пренел на човечки јазик.

Иако Библијата ја препишувале и преведувале луѓе наклонети на грешки, Бог на чудесен начин управувал со ова дело, така што денес на сите луѓе им е на располагање неговата Света Реч.

Светото Писмо речиси се изгубило во текот на вавилонското ропство. Во првите три века од нашата ера, за време на прогонството на христијаните од страна на Римјаните, било речиси целосно уништено. Од 7. до 9. век се намножиле легенди и апокрифи, како замена и спротивност на Светото Писмо. Потоа дошла неписменоста на 10. и 11. век, кога кнезовите не знаеле да читаат, а што предизвикало светите списи речиси да го изгубат своето значење. Од 12. до 14. век во некои европски земји наведувањето на Светото Писмо се казнувало со смрт.

Еврејскиот историчар Јосип Флавиј пишува во своето познато дело „Еврејски старини“, околу 40 години по Христовата смрт:

„Ние немаме мноштво книги кои се спротивни една на друга (како што е тоа кај Грците), туку само 22 книги што содржат извештај за минати времиња; ние со право веруваме дека се божествени; од нив пет му припаѓаат на Мојсеј…Пророците кои живееле по Мојсеј запишале во 13 книги што се случило во нивно време. Преостанатите четири книги содржат химни на Бога…“

Во современите изданија на Библијата има 39 книги. Имено, Евреите одделни книги распоредувале и делеле поинаку отколку што е тоа сторено во денешните преводи.

Интересно е дека повеќето старозаветни книги се наведуваат во книгите на Новиот Завет-дури во 433 наводи. Цитирани се точно 30 од 39 книги.

Пронаоѓањето на библиските ракописи во пештери на брегот на Мртвото море додаде уште илјада години на ракописите кои биле познати до 1946. година. Овој наод во многу помогна да се утврди точноста на подоцнежните преписи и да се потврди дека Исаија и Данило живееле пред Христа. Пред тој значаен наод многумина критичари злонамерно тврделе дека овие две книги се напишани по Христа, главно затоа што содржат многу пророштва за Него.

За Библијата постоењето на божество не е под прашање, но го преиспитува нашето постоење: ако е Бог семоќен, зошто постои злото на светот? Ако е Бог праведен, зошто не ги казнува лошите? Која е врската помеѓу божествената промисла и слободната волја? Каде е Бог кога патиме?

Тоа не се прашања кои се поставуваат за нечија вера во Него да биде размрдана, туку за да се преиспита нашиот однос спрема верувањето.

Факт е дека Библијата овие прашања ги поставува како повик до оние што ги читаат нејзините текстови. Исто така, одбива да претстави единствена слика на Божеството, што значи дека ниеден рабин, свештеник или пастор не може да тврди дека го поседува целокупното теолошко знаење.

Библискиот текст е антологија, со различни перспективи на Божеството кое има различни имиња и секое од нив различно се изговара: YHWH, Elohim, El Shaddai, El Elyon, El Roi, El Berit, El Olam итн.

Најпосле, хебрејскиот текст им дозволува на читателите и самите да му пристапат на Бога, и тоа низ искреноста, емотивноста и барањето. Така Аврам го предизвикува Бога да има обѕир спрема Содома, Јоб се буни поради неправедното патење, но Бог сепак ги наградува.

Без потреба да се наведуваат какви било апологетски или атеистички аргументи, сите би требало Библијата да ја посматраат како исклучително корисно и занимливо четиво кое ни дозволува одново да се загледаме во себе си.

Милиони христијани ширум светот веруваат дека Библијата е Реч Божја. Тие потекнуваат од разни општествени слоеви: научници, адвокати, професори на унвиерзитети, доктори, учители, политичари, писатели, уметници, дури и луѓе од медиумските куќи и спортисти-интелигентни мажи и жени од сите доба и од различни култури. Многу милиони малку пообични смртници со векови верувале во сосема истото. На сите ним Библијата им била или е посебна книга-Реч на живиот Бог полн со љубов.

Библијата е најпродаваната и најчитана книга на сите времиња. Досега е преведена на над 1700 јазици на светот.

(Користени повеќе прилози на Интернет и стручна литература)

Leave the first comment