Потребно време за читање: 3 минути

Тој е најмоќниот словенски бог-Громовник, господар на молњата на небото и огнот на земјата. Се смета за непобедлив воин, а му припаѓале ѕвездите, Сонцето и Месечината.

Името Перун настанало од индоевропскиот корен „пер“ односно „перк“, кој значи „да се удри“ (да се удира мошне силно), „да се распрсне“, и суфиксот „ун“ кој го означува оној што го извршува дјествието.

Србите, Бугарите и Русите (денешните Руси, Украинци и Белоруси) го нарекуваат Перун, Полјаците Пјорум (Piorum), Чесите Пераун (Peraun), а Словаците Перон (Peron) односно Паром (Parom). Се појавува и кај балтичките народи под името Перкунас. Сепак, секое од тие имиња има заеднички корен во зборот кој кај сите Словени означува гром.

Гледајќи уште подлабоко во минатото, се наоѓа врска помеѓу индискиот бог на молњата Parjanye, што го покажува неговиот индоевропски карактер.

Перуновите светилишта се наоѓале на планини и во дабови шуми. Тие биле посетувани во текот на рана пролет и во лето, кога се вршени ритуали и жртвувања. Близу до Новгород е откриено Перуново светилиште опкружено со девет камења, зашто се верувало дека Перун има девет синови кои се во неговата придружба. Веројатно оттаму потекнува мотивот на деветте синови во многу словенски народни приказни и песни.

Дабот е дрво посветено на Перун, зашто се верувало дека гром најчесто удира во него. Останало забележано дека во Перуновите светилишта гореле вечни огнови кои биле одржувани со дабовина, а оној кому огнот би му се угаснал го чекала смртна казна. Овој обичај влече корени од дамнина, уште од времето кога луѓето се уште не знаеле сами да запалат оган, туку морале да се потпрат на тн. небески оган (удар на гром) кој веројатно удирал најчесто во даб, по што луѓето биле принудени да го одржуваат за да си го олеснат опстанокот.

Прочитај и за ... >>  Што се случува во моментот на смртта?

Перуниката е тесно поврзана со Перун. Тоа се гледа во обичајот наречен Богиша, забележан во Дубровник, во кој се свети перуника (или богиша), која потоа се чува во домот за да го штити од гром и со неа да се лечат болни.

Како бог на војната, на Перун му се посветени сите оружја-големи чекани, секири, мечеви, стрели.

За Перун се врзани и духовни појави, создадени под влијание на култот на огнот: змејови и огнен петел. Од животните, Перун го симболизирал јарецот и изумреното говедо зубр, а од растенијата дабот, перуниката, жалфијата, пченицата, копривата, јаболкото, смилот. Перунови обележја биле и трупци, кремен камен, знамиња и рог.

Пред неговиот кип верниците одржувале покрсти и давале завети, со растителни и животински жртви. Кога немале храмови (на кои потсетуваат христијанските цркви), Словените му се молеле на Перун во свети гори или под даб. Од тоа во христијанството се задржало обожувањето на дрвото- запис, обично дабово.

Прочитај и за ... >>  Мистичниот свет

Перун е замислен како човек со брада кој живее на небото, а во рацете држи голем чекан од камен со кој гаѓа и скаменува луѓе. Се сметало дека во текот на луњите тој патува по облаците во својата кочија и фрла молњи на Земјата, а грмотевицата потекнува од клопотарењето на тркалата на кочијата.

Перуновите дрвени кипови содржеле знаци на Сонце, молња, кремен камен, плодови на даб и други растенија. Во рацете држел рог, а капата и делови од облеката упатувале на воин оклопник.

Како бог на летото, кој живее на небото, Сварги, и го симболизира редот, бил во голема спротивност со богот Велес, кој живеел во коренот на Дрвото и претставувал хаос.

Киевскиот кнез Владимир на Перун му подигнал идол недалеку од градот. Тој бил претставен со сребрена глава и златни мустаци. Се чини дека тоа бил главен и најраширен начин на прикажување на Перун. Неколку години по подигањето, Владимир го примил христијанството и наредил Перуновиот идол да се врзе за коњски опаши и да се влече по земја, а потоа да се фрли во Дњепар. Изворите наведуваат дека жителите плачеле поради тој безбожен чин на кнезот и избувнал вооружен бунт во градот против христијаните, кнезот и неговите помошници. Владимир наредил статуата да се уништи пред да се фрли во реката за да не исплива, но таа сепак се сочувала, заглибувајќи се на песочниот брег, кој подоцна го добил името според Перун.

Прочитај и за ... >>  Екумена и екуменизам

Како соларен бог, Перун е прославуван во текот на летото, веројатно некаде околу Илинден, ако не и на самиот Илинден, кога сушата веќе сериозно почнува да ги загрозува посевите поради што Словените и му се обрнувале за помош. Нему му е посветен цел циклус на додолски обичаи се кои е повикуван дождот што во тоа време (во текот на летото) најчесто била страотна луња проследена со молњи или како тн. летен дожд (кој се појавува ненадејно и трае мошне кусо), што на старите Словени морало да им делува како дар на боговите.

Споменот на Перун е сочуван и по покрстувањето. Останале многу топонимски поими поврзани со него. Така на пример, постојат населби под името Перун, Перунац, Перуновац, Перуника, Перуничка Глава, Перуни Врх, Перуња Вес, Перуна Дубрава, Перунуша, Перучица, Перудина и Перутовац.

По преземањето на христијанството Свети Илија ја презел улогата на Перун. Оваа замена почнала уште со првиот пробив на христијанството помеѓу Словените и може да се нарече општословенска. Свети Илија им одговарал на христијанските мисионери поради близината на датумот кога се прославувал со оној на кој се прославувал Перун, а не е исклучено и прославата на Свети Илија да е поместена на Перуновиот ден.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here