Прочка

Потребно време за читање: 2 минути

Овој празник пред Чесниот пост е устроен за да потсети на духовниот карактер на постот. Му се посветува на проштевањето или посуштински на покајанието, кое во Црквата претставува единствена вистинска содржина на односите помеѓу луѓето.

Телесното воздржување, што се практикува за време на постот, е неразделно од богокопнежливата љубов на христијаните. Таа самата подразбира стремеж да се живее во добродетелите на милостивост, кротост, долготрпеливост, смирение и секое човвекољубие. Според христијанското религиозно верување, помеѓу луѓето треба да постои прошка, разбирање и меѓусебно помагање.

Понеделникот по Прочка е наречен Чист понеделник. Како што самото име кажува, на овој ден се чисти целата куќа, особено покуќнината. Земјените и дрвените садови, тарунот и синиите за месење, како и штиците за носење на леб, се попаруваат со врела вода и со пепел и со четка добро се тријат. Додека бакарните садови, за да бидат сосема исчистени од маснотиите, наново калаисуваат.

Прочитај и за ... >>  Празникот Божик

Според некои истражувачи на традиците и обичаите, во обичаите на православниот празник Прочка има античко-македонски елементи. Обичајот за простување постоел и во античка Македонија, но не и во античка Грција. Се цитира книга на Газепос за обичаите на античките Македонци:
„Во Македонија постоел религиозниот обичај ‘проштевање’ (прочка), односно ‘исповедување’, што во грчкото верување го немало.”

Всушност, станува збор за два суштински елемента: простувањето и маскирањето на младите. Како и кај античките Македонци, младите се собираат и маскираат, па одат по куќи, слично како што тоа го правеле античко-македонските Менади.

Се разбира дека во денешното празнување на Прочка постојат и православни елементи, но фактот што Прочка обично се слави на почетокот на март (годинава порано), т.е. неполни 3 недели од почетокот на пролетта, е идентичен со пролетното празнување на античките Македонци кое и денес се одвива заедно со трите македонски главни празници-Лазара, Ѓурѓовден и Руса среда.

„Прости ми”-“Простено, прости ми и ти” е вообичаената формулација што си ја разменуваат православните христијани, пријателите, роднините, соседите.

Прочитај и за ... >>  Мистицизам

Со Прочка или Велики Поклади практично почнуваат седумнеделните Велигденски пости. Прочка повеќе се сфаќа како официјална шанса за оние што не се подготвени лесно да им ги простат грешките или гревовите на другите. Се верува дека на Прочка и небото и земјата се проштеваат, па тоа треба да го сторат и луѓето. Притоа, секогаш помалиот бара прошка од постариот, а во некои краишта на Македонија оној што бара прошка носи и некаков симболичен подарок, на пример портокал, лимон, суво грозје, алва, па некаде портокалот дури се смета како симбол на проштевањето.

Од утре почнуваат големите пости кои траат до Велигден, поточно до таканаречените тримери, кога вистинските верници кои строго ги почитуваат правилата, од понеделник до среда воопшто не внесуваат ниту храна, ниту вода, за в среда да се причестат.

Leave the first comment