Потребно време за читање: 4 минути

Митологијата е еден од ретките „глобални светови“. Не постои и најмало катче на планетава во кое не се „родила“ некоја приказна (обично многу, обично изграден цел систем) со фантастична содржина, со јунаци богови, полубогови, херои и слично, а што претставува мит, легенда, традиција, усмено предание итн. Всушност, таа „најопшто и најлесно“ ги објаснува настанувањето на вселената, природните феномени, со еден збор сите појави за кои не постои едноставно и логично објаснение (зависи од степенот на развојот на сознанието и знаењето).

Па сепак, митологијата како наука има „поблиско“-„поконкретно“ значење: таа е збир на приказни (во некој дел и вистинси, во некој легендарни, а пред се метафорички или симболички), во кои со измислена стварност се прави обид да им се прикаже, открие, па и објасни на луѓето она што не е сфатливо. Таа е метафора на стварноста што ја користеле генерации на човештвото со намера да подучат, да пренесат мудрост или едноставно да дадат одговор на „она нешто непознато“.

Ликовите во митолошките приказни се најчесто и религиозни, па митологијата и религијата на разни народи се тесно поврзани.

Важно е да се знае дека митолошкиот свет е „жив“, постојано во процес на создавање и продлабочување. Со право се потенцира дека таа и денес, во нашево време несвесно, но и свесно (систематски, наметливо), се (ре)продуцира. Од тн. модерна митологија може да се посочат повеќе книжевни, филмски и телевизиски остварувања (серијали), а од сите нив „најтипична”, најуспешна е секако трилогијата „Господар на прстените“. Најмногу елементи на митот има токму Толкиновиот „Господар…“ ( и извонредната филмска трилогија на Питер Џексон-Peter Jackson)- дава одговори и објаснувања за настанокот на светот, за човекот, но и едновремено алтернатива, нова согледба, нов начин на размислување.

Прочитај и за ... >>  Велика Сабота

Постои една општоприфатена поделба на митологиите по региони во светот која припомага за нивно најопшто запознавање (за подетално и посеопфатно се нужни многу други „нешта“- теоретски знаења и непосредно запознавање- истражување на теренот):

  • Африка- Зулу митологија;
  • Азија- будистичка, јапонска, кинеска, корејска митологија;
  • Австралија и Океанија- меланезиска, микронезиска, полинезиска, австралиска митологија;
  • Блиски исток- арапска, христијанска, исламска, сумерска, еврејска митологија;
  • Европа- англосаксонска, англиска, етрурска, грчка, келтска, корзиканска, христијанска, германска, римска, нордиска, словенска митологија;
  • Северна Америка- Навахо митологија;
  • Средна и Јужна Америка.

Народите кои живееле во Средна Америка пред доаѓањето на Шпанците и христијанството имале мошне богати митолошки светови. Тоа еднакво се однесува на Маите, Астеките, Микстеките, Олмеките, Запотеките и Толтеките, а од нив последните се можеби најмистични.

Во митологијата на Мексико постојат многу теории за поврзаноста со Атлантида, и тоа почнувајќи од тоа дека Астеките своето царство го нарекувале Азтлан, па се до градбите во форма на пирамиди кои постојат од обете страни на Атлантикот.

Според некои учени, корените на мексиканската религија во предхиспанското доба треба да се бараат во заедничката религија на Толтеките, Олмеките и Цицимечката култура.

Имено, древните богови кои преживеале речиси неизменети и станале универзални мексикански богови се: Чиутецучли (Xiuhtecuhtli), богот на огнот, Господар на Времето, Квецалкоатл (Quetzalcoatl), бел бог чиј симбол е Венера или ѕвездата деница, кој ги донесува Знаењето и Светлината, како и Спасителот- Тлалок (Tlaloc), богот на Земјата, Пченицата и Виното, значи божесто на изобилието. Еден од најважните богови и речиси сигурно врховен на Астечкиот пантеон е Текатлипока (Teskatlipoka)- Оној Што Сјае во Црно Огледало, бог на Ноќното Небо. Тој често се идентификува со Темнината, но никогаш со злото. Чипе Тотек (Xipe Totec), Нашиот Господ, е фалусно божество на плодноста кое е инкорпорирано од религијата на народите што живееле на бреговите на Пацификот. Тлацолтеотл (Tlazolteotl), Божицата на жените и бременоста, исто така била мошне важно божество, додуша повеќе кај други народи, а помалку кај Астеките, кои биле крволочен воинствен народ.

Прочитај и за ... >>  Велигденското јајце

Еден од најпознатите митови на Средна Америка, доколку може да се посматра како мит бидејќи се базира на мајанскиот календар од 360 дена, инаку најточен календар со исклучок на нашиов- современиов, е секако митот за Петте Сонца. Тој опишува пет периоди во животот на човековиот вид:

Прво Сонце- Оцелот (Ocelot); го означува времето кога Земјата била во Темнина и луѓето живееле инстинктивно, без разум и интелигенција. Така неспособни за живот сите ги изеле диви мачки;

Второ Сонце- Сонце на Воздухот; било време на воздушни Интелигенции и проѕирни суштества кои можеби некогаш ќе се вратат. Тие суштества биле присутни за луѓето да ги подучат на законите кои владеат во Универзумот, но бидејќи луѓето ништо не сакале да слушаат освен своите себични, приземни желби, боговите сите ги претвориле во мајмуни;

Трето Сонце- Сонце на Огнот; луѓето го игнорирале постоењето на Богови и тргнале по патеката на насилство и глупост, па целиот свет е уништен со оган, освен птиците кои биле на небото, на сигурно;

Четврто Сонце- Сонце на Водата; новосоздадените луѓе биле уште полоши од претходните, уште потврдоглави и зли, па светот исчезнал во огромен Потоп што го испратил богот Тлалок;

Петто Сонце- ова нашево, денешново; календарот предвидува дека расата на луѓето, која ќе живее под петтото Сонце, ќе биде најлоша од сите, но ќе има можност да го наслушне гласот на Боговите и да го избори својот живот, да скршне од патеката на злото, насилството, злосторството, лагата и измамата, како и уништувањето на планетата; според мајанскиот календар, крајот на Петтото Сонце настапува во 2021. година.

Прочитај и за ... >>  Прочка

Една од културите за кои се знае најмалку е онаа на Толтеките. Нивното царство траело од 10. до 12. век, со средиште во главниот град Тули. Се простирало низ Мексико, Гватемала, се до Јукатан. Тоа била воинствена, крволочна култура, со развиена уметност и религија. Нивната возвишеност, знаењето и мудроста биле толку големи и силни што владетелите на Маите и Астеките биле магепсани со докажување на своето толтечко потекло.

Од она што се знае за нивната култура: остатоците сведочат дека доминантни мотиви во архитектурата и сликарството биле човечки черепи и змии, како и огромни статуи на луѓе високи 3 и повеќе метри кои тие ги нарекувале Атланти. Најбитни биле две божества: Квецалкоатл (Quetzalcoatl) и Тескатлипока (Teskatlipoka). Поклониците на второто кренале бунт за време на најзначајниот владетел на Толтеките, Це Акатл Топилцина (Ce Akatl Topiltzina), и го истерале од градот; тој прорекол дека ќе се врати од исток и ќе ги уништи сите свои непријатели. Кралството почнало да опаѓа и конечно подлегнало на навалата на Цицимеките, по што почнал периодот на безвластие и граѓанска војна во цело Мексико. Тој траел 200 години, се до издигнувањето на Астеките кои со страв го очекувале враќањето на Топилцин, а кого го препознале, како и својот крај, во Франциско Пизаро кога овој излегол од својот брод.

(Користени повеќе прилози на Интернет и Општа енциклопедија)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here