Потребно време за читање: < 1 минута

Тој нигде не оди
пред да собере сè
негово,
и од него и со него,
и за него и пред него;
собрано, наредено
според значење,
според важност
или според содржина.

Пред да трне негде
во непознато, догледно,
недогледно, согледливо,
смислено, промислено,
внимателно гледа
сегде околу себе
дали остава некаква
своја трага;
најпрвин дали има
некоја што некого
ќе го упати кон него
или ќе го следи
дури не го достаса.

Никогаш не трга
на пат за напред,
кој не е за назад,
ниту на кој узнал
дека нема пристан
за одмор на снага
и на мисла
сосе целен опстанок.

Зашто го научиле
годините и времињата
секакви
колку е мачно човек
да животвори
нешто необмислено,
нешто што барем
нешто од него
ќе стане зародок.