Потребно време за читање: < 1 минута

37. Несогледливоста

Во сè во што влегува тој
бавно или внимателно,
забрзано или изненадно,
да остане некое време
сам со себе,
најпрвин мигновено,
а потоа доволно време
за непорекливо
докажување на опстанок
смисловен,
влегува со намисла
да почне или да доврши
свет единствен, свој,
долго, може дури е
неповторлив.

Затоа што токму таа,
несогледливоста,
според него е предуслов
за будење, распалување,
па и траење на неговата
творечка енергија.

Затоа што тој без неа
просто не постои,
напросто не е што е,
просто напросто не може
да се вкорени самосвесно,
жизнено, препознатливо.

Влегува тој мигновено,
а внимателно,
можеби изненадно
за оној со кого е заедно
додека не реши да престане
да животвори
меѓу два мига на својата
несогледливост;

како да не е тој, неделив,
исто како да осмислил дел
од своето суштествување.