Потребно време за читање: 2 минути

Странски зборови и изрази кои веќе се одомаќени во македонскиот јазик и за нив како да не е можно да се најдат синоними:

-политологија-посебна општествена наука,
-политика-способност за управување со државата и други форми на општествена акција и општествени институции,
-политиканство-дејствие спротивно на општата и јавната политичка дејност.

Колкумина од нашите политичари во власта и опозицијата се политичари, а колкумина политиканти? За третите-политиколозите многу не се прашувајте. Не ги сакаат ниту едните, ниту другите, па се ептен ретки помеѓу нив. Можете да ги најдете надвор од политиката, на универзитетите и други научни институции. Како авторитетни, стручни и компетентни личности.

Секој може да се занимава со политика? Сите нѐ бидува за управување? Не и за работење? А управувањето не е работа?

Политологија-Политикологија

Политологијата или политикологијата е посебна општествена наука што ги истражува политичките феномени. Станува збор за самостојна и специфична наука чиј развој почнува од античката практична филозофија и продолжува се до нововековната, односно филозофијата на политиката.

Прочитај и за ... >>  Од филозоф до филозофски

Традиционалната филозофија на политиката ја истражува суштината на политичкиот живот и на политичките институции, а модерната политологија повеќе се занимава со истражување на фактичките политички процеси и политичките институции.

Политичкиот феномен најчесто се расчленува на неговиот внатрешен, надворешен и теоретски аспект.

Со својата проблематика, политологијата е најтесно поврзана со филозофијата на политиката и политичката социологија.

Политика

Таа е способност за управување со државата или со друга општествена заедница. Истовремено, со неа се означуваат сите постапки на управување кои се изразуваат во организираните облици на општествената акција и општествените институции, а преку кои луѓето се стремат кон остварување на своите општествени интереси и кон регулирање на општите работи на заедницата.

Политиката е придружник на секој општествен однос во кој се изразуваат интересите на поединците, на општествените групи, класи, сталежи, слоеви. Тие односи стануваат политички односи врз основа на свесно, повеќе или помалку организирано заемно дејствување на субјектите, носителите на тие интереси.

Прочитај и за ... >>  Од класици до класицизам

Политиканство

Политикантството е колоквијален израз што означува дејствување спротивно на општата и јавната политичка дејност. Со други зборови, тоа претставува дејствување поради лична материјална корист, стекнување на сигурност, честољубие, кариеризам. Едновремено, со овој израз се назначува задкулисното дејствување, интригантството, озборувањето, беспринципиелното здружување за да се стекнат моментни добивки.

Политикантот гради политичка кариера со неполитички средства: лични врски, роднински односи, поранешни заслуги, бирократски итроштини, уцени, полтронства, поткупување и сл.

За разлика од демагогијата како борнирана политика (борниран-духовно ограничен, тесноград, оптоварен со предрасуди, со тесни и ограничени погледи), политикантството е под нивото на политичкото дејствување, па затоа подлежи на спонтана морална и политичка осуда.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here