ТИВКИ КЛОКОТИ, реефлексивни искази, 48

Потребно време за читање: < 1 минута

48. Навика

Полесно е да се навикнеш отколку да се одвикнеш. Секоја навика си има свое време што не го менува и внимава никој да не ѝ го смени.

Човек не може без свои навики. Според нив и се изделува и се препознава себеси пред другите. Тој и не може да се искачува по животното скалило ако не ги богати со нови, едновремено менувајќи ги старите. Некогаш може, некогаш сака, но најчесто мора. Особено кога ќе се најде во небрано, кога веќе не може да биде како што е, да оди по старо, кога почнува да се назадува, да се паѓа.

Мора да се менуваат навиките за да се поттикнат и прифаќаат промените. За да се оди напред. Она што нè чека, она што почнува бара од нас пред сè ослободување, откажување од многу наши навики; и работни и неработни. Прифаќајќи или прилагодувајќи се на некои нови што се суштествени за развиениот свет.

Треба веднаш да почнеме да се одвикнуваме од досегашното, од старото. За полесно да ни биде навикнувањето на новото.