79. Нов пламен љубовен
Светлана Адамова воопшто не го крие новиот пламен љубовен што го разгоре Пламен и пламти сè посилно во нејзиното срце. Негов деловен партнер, негова стара познаничка, уште од гимназиските денови, колешка во проектанското биро „Перспектива“. Ја „донесе“ Андреј Воденски, инсистирајќи дека е неопходен токму таков кадар за нивниот проект „синергичка куќа за синергичка живеачка“-специјалист за урбана социологија. Тој не ги крие задоволството и благодарноста за поддршката на таа негова идеја, а дефинирана од неа. Напротив, не се воздржува да искаже и одушевеност.
Светлана Адамова е средовечна самохрана мајка на две ќеркички; едната четиригодишна, другата шестгодишна. Ниска и стројна, одоко не повеќе од метар и шеесетина сантиметри. Има убаво ведро лице, а во нејзините очи Пламен Бригиски многу лесно „чита“ радост и среќа, возбуда и рамнодушност, сомнение и решителност, промислување и непорекливост. Ја прашал зошто и како самохрана. Едноставно: имала голема љубов, но не сакала нејзино „формализирање“ со брак. Сакала рожба, но не нивна заедничка грижа и одгледување, ниту меѓусебно материјално или какво-годе друго спомагање. Тој прифатил, му одговарало, па така функционирале година ипол. Починал од ненадеен срцев удар на улица, на жешко летно пладне, на четириесет и една година.
Пламен ја запозна Светлана како жена и мајка со модерни погледи и сфаќања на животот. Него особено го привлекува стилот.
Какви модерни погледи и сфаќања?
За неа животот е исполнет со смисла и содржина кога се живее никако не сам, а во круг со амбициозни луѓе, со луѓе кои не престануваат да го откриваат светот, да го учат и освојуваат. Но, притоа со самосвест за сопствената индивидуалност. Таа става знак на равенство меѓу индивидуалниот и колективните идентитети. Дека тие еднакво се негуваат, надградуваат и бранат со знаење на минатото, особено корените и трагите во него, со сегашност која се докажува и придвижува напред живеејќи наспоредно со минливости и создавајќи вредности, и со предвидлива, замислива и остварлива иднина. За модерни и нему мошне привлечни ги смета нејзините ставови за семејството: неговата традиционалност не смее да се обесмислува, уште помалку да се обезличува; тоа се однесува пред сè на роднинските врски и меѓусебната почит спрема знаењето и опитноста, како и на секојдневната живеачка која не смее да се дозволи никому да му се престори во живуркање, а што би значело поднослив или неподнослив товар; да се одржува и квалитетно надградува вредноста на оставината на предците, истовремено сегашните живи да создаваат нови семејни вредности кои на идните поколенија ќе им обезбедат контиуирано опстанување крај свое домашно огниште.
Што се однесува на стилот на Светлана Адамова, на кој Пламен дури нескриено му се одушевува, тој го истакнува како потврда на посебност, препознатливост и неповторливост. Тие, пак, ненаметливо, неизвештачено, а природно, вградени и постојано надградувани во карактерот на човекот.
Нејзиниот стил најмалку го поврзува со облекувањето, модните трендови, кои и според неа не се друго освен „диктат на консумеризмот“. На преден план е однесувањето како постојана потврда, афирмација на личната култура на која, ѝ се суштествени критериумот за вредност, квалитетот, оригиналноста. Таа на секој чекор, во секој свој активизам ја докажува одамна сознаената смисла на полнотата на животот: во едноставноста е совршеноста.
Што е со односот меѓу Пламен и Светлана? Да, тие биле и се блиски, непосредни, искрени. Тој со поставена лична пријателска граница која сè уште не си дозволува да ја премине, а таа без неа, што значи нескриено, невоздржано, за него некогаш дури неподносливо наметлива. Впрочем, таа многупати отворено му кажала дека го чека дефинитивниот раскин на неговата брачна врска со Бисера, која „мора да се случи“ пред сè како резултат на раздалекот кој е секогаш срцевина на самотното сопатништво. „Тоа мора да се случи, макар и по сто светлосни години, а потоа не ќе можеш да ми „избегаш“, Ќе бидеш само мој“.
Бисера замина за Монтреал со донесено решение „в раце“-скорашно дефинитивно враќање во Македонија и одново почнување „по старо“, но…Зошто беше толку студена, дури рамнодушна при нивната последна заедничка ноќ. Дури и во сексот…Пламен добро ја знае својата Бисера. И кога е радосна, задоволна, жизнена, и кога е оптоварена со некоја грижа, кога нешто не е в ред со неа или во неа…Го прифати решението, се разделија со ветување на Бисера дека ќе настојува што побрзо да ги „среди“ работите во Монтреал и да се врати…Зошто толку невоздржано, нескриено се спротивстави на неговиот нов бизнис во кој тој планира да ја вклучи и неа? Не ќе е само сомнежот дека пак нема да успее, повторно ќе пропадне поради аполитичноста од една, а од друга страна политичките притисоци, уцени, рекет…А Светлана? Можен ли е во него нов пламен љубовен? Да „потклекне“ пред него и конечно да го прифати? Конечно…Зошто да не?
Си вели Пламен на себеси:
„Бисера замина како да решила никогаш да не се врати…Децата се големи и веќе тргнаа по свои патишта…Јас не отстапувам кога е збор за бизнисот…Светлана ми прилега…Времето ќе покаже и докаже што и како натаму“.