Прва ненадејност

Потребно време за читање: < 1 минута

Се стресува земја во ран миг
пред будење на будни луѓе,
кои се собрале во страв.

Очевидно е дека не успеале
совреме да застанат
на свои нозе,
та да се обградат со зборови
чие значење е одамна
затврдено;
а донесени од ветар
за кон некоја страна со тајна
сè уште неоткриена.

Пред да се стресе земјата
во ран миг пред будење
на будни луѓе,
без какво-годе навестување
се случуваа
чудни нешта во воздухот,
водата и небото,
всушност ги разболуваа
нивните внатрешни органи:
несносливи чад, оган
и неснослива смрдеа
која ги души,
им го запира дишењето;
матна вода надојдена
налудничаво
во речно корито без дно,
која се пробива низ празна
тишина;
птици умрени во лет паѓаат
врз нивните глави
сосе поројни дождови.

Во ран миг пред будење
на будни луѓе,
необградени со зборови
со затврдено значење,
ненадејноста е еднаква
со донесениот ветар,
со тајна сè уште неоткриена.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетска инсталација, 12