ПРИРОДНА СОСТОЈБА, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

29. Достојни луѓе

Овие неколку стени
една крај друга
им пркосат
на ветришта најавени,
ненадејни, лути,
долготрајни;
сите со почеток
и крај.

Се случува по некое,
по нечие долго,
по нечие кусо време
некоја да напукне,
на некоја
да ѝ се издели,
да ѝ се откине,
да ѝ се откорне
дел од нејзиното тело
или од нејзината душа,
но и тогаш и потоа
стои исправено,
како ништо
да не ѝ се случило,
како ништо
да не ѝ сториле.

Се собрале
достојни луѓе
под стениве,
меѓу стениве,
пред да се раздуваат
ветришта
најавено, ненадејно,
луто, долготрајно;
сите со почеток
и крај.

Да се помогнат,
заедно да достојат
исправени, извишени;
макар некој
да напукне,
макар некому
да му се издели,
да му се откине,
да му се откорне
дел од телото,
дел од душата;
макар жива рана
да му отвори.

Потоа да заживеат
заедно, сплотено,
во нивно единствено
совремие.

Leave the first comment