Лице в лице - сега е достапно онлајн Kupi Lice v lice - sega e dostapno onlajn
Купи Лице в лице - сега е достапно онлајн
Потребно време за читање: 10 минути

Кафето потекнува од јужна Етиопија, од каде што е пренесено во Арабија, а оттаму низ целиот свет. Се одгледува плантажно во Бразил, од каде што доаѓаат најдобрите видови. Кафето бара длабока, лесна и влажна земја. Одгледанаото во планински краишта е подобро од она во низините.

Кафето е грмушка, сивозелено дрво, со околу 5 метри височина, со наспротивни гранки, раширени и секогаш полни со зелено и јајчесто, озгора темнозелено, а оздола бледо и наспротивно поставено лисје. Има 3-7 бели мирисни цветови, плодот е тркалеста бобинка црвена како црешата и преградена со 2 прегради однапред со рамна и одзади со заоблена семенка-зрно на кафе.

Постојат две најчесто одгледувани сорти: арабика и робуста. Обете го содржат познатиот алкалоид што се нарекува кофеин. Една шолја кафе подготвена од сомелена арабика содржи 70 милиграми кофеин, додека кај робуста, која кај нас се пие повеќе, таа содржина е над 200 милиграми.

Кафето се бере по 3-5 години старост на дрвото. Во 10-тата година едно дрво може да даде околу 1-2 кг кафе годишно.

Сите видови на напитоци од кафе, од турско кафе до капучино, се раствори на кафе во вода. Кафето што може да се купи во секоја продавница е направено од ситни гранули, добиени со мелење на крупни зрна. Ако само се сипе во вода, кафето ќе се раствори делумно, а по неа ќе пливаат ситни грутки залепени зрнца на кафе.

Зрното губи на тежина по 2 години. По пржење аромата станува подобра, зашто зеленото кафе го нема тој типичен мирис и е горчливо. Непрженото кафе има поинаков состав од прженото. Со пржењето во зрното настанува темно, испарливо и мошне ароматично масло. Тоа е кофеинот.

Досега се направени речиси 200.000 студии на тема влијанието на кафето врз здравјето на човекот.

Така на пример, истражувачи од Хауард дошле до откритие дека кај луѓе кои дневно пијат 1 до 3 шолјички кафе за 12% се намалува ризикот од дијабетес.

Најмалку 6 студии утврдиле дека луѓе кои редовно конзумираат кафе имаат 80% помала можност да добијат Паркинсонова болест.

Со многу медицински истражувања се дошло до следните заклучоци:

-Луѓето кои редовно конзумираат кафе кај себе го намалиле за 25% ризикот да заболат од канцер на дебелото црево, за 80% ризикот да заболат од цироза на црниот дроб и речиси 50% да добијат камен во желудникот. Потоа дека кафето помага при контрола на астма, запирање на главоболка.

Првенствено кафето го подига расположението. Сето тоа е поврзано со кофеинот кој во кафето го има повеќе одошто во чајот и чоколадото;

-Кафето е полно со антиоксиданси, вклучувајќи ја и групата наречена квинини кои во експериментите се покажале како причина за засилена чувствителност на инсулин, што е значајно при лечење на дијабетес. Италијански истражувачи во кафето откриле и присуство на компонентата тригонелин која, освен што на кафето му дава мирис и вкус, има антибактериско и антиатхезивно дејство, што спречува појава на кариес:

-Црното кафе не им се препорачува на нервозни лица или на оние кои имаат чир на желудникот, зашто ја нагризува слузницата и предизвикува несоница, па нервозните луѓе нека не пијат по 15 часот.

Не е чудо што за кафето веќе долго се расправа во здравствените кругови, зашто долготрајното уживање во него може да создаде зависност.

Арапите и Турците сервираат кафе во помали шолји (филџани), заедно со талог. По правило го подготвуваат дури кога ќе стигнат гости, и тоа свежо пржено и сомелено кое долго не било во залиха. Дури пред варењето тие и го пржат и го сомелуваат, брзо го заваруваат и откако кратко ќе зоврие го преливаат со малку студена вода, па заедно со талогот и прилично многу шеќер го сервираат и пијат јако и концентрирано. Токму во талогот на кафето се наоѓаат важните состојци кои го неутрализираат и слабеат дејството на кофеинот и незаситените материи.

Млекото за кафето нема штетни особини, а наедно му користи на телото, особено му користи на желудникот.

Дневната употреба на кафето, т.е. кофеинот не би смеела да премине 30 мг. Меѓутоа, претераната употреба е следена со симптоми: нервоза, засилена раздразливост, несоница, забрзана и неправилна работа на срцето, тегоба или други гастроинтестинални проблеми, треперење на мускулите, главоболка.

Канцелариски луѓе, новинари и келнер(к)и, кои имаат чест „допир“ со кафето, се први кандидати за кофеинизам, постојана зависност од кофеин. Тоа не се однесува само на испивањето кафе, туку и на љубителите на „Coca-cola“. Кога зависниците од кафе или„Coca-cola“ ќе се лишат од нивниот пијалок само ден-два, тие можат да почувствуваат силна главоболка, тромост и раздразливост. Во лименките на„Coca-cola“ од 330 милилитри има една третина кофеин кој се наоѓа во една шолјичка кафе.

Кафето им припаѓа на киселите напитоци (има pH 4,5), па се препорачува да се сипа малку базни додатоци (млеко, сурутка).

Научно е докажано дека кафето е:

-добар стимуланс на нервниот систем, особено на вниманието и помнењето,

-помага подобро да се троши енергијата акумулирана во текот на денот,

-ја засилува потрошувачката на енергија и влијае врз разградувањето на маснотиите,

-помага кај дијабетес од типот 2, па 5-6 шолјички кафе дневно го намалуваат ризикот од дијабетес за третина,

-кофеинот има позитивно дејство кај создавањето на супстанција слична на витаминот Б која влијае врз помнењето,

-кофеинот дејствува аналгетички, врз ширењето и стеснувањето на крвните садови,

-заедно со ибупрофенот (молекула која има противвоспалително и аналгетско дејство), кофеинот ја намалува главоболката.

Калориската вредност на шолјичка кафе без млеко и шеќер е само 2 калории.

Научните истражувања за поврзаноста на кафето и кардиоваскуларните болести покажа дека овој напиток не влијае врз ризикот од инфаркт, артеросклероза, аритмија и хипертензија.

Кафето го развива своето полно дејство 20 минути по пиењето, во организмот останува полни 6 часа, а потоа се излачува.

Точно е дека кафето го подига притисокот (станува збор за моментален ефект кој исчезнува по 30 минути). Заблуда е дека кафето само го зголемува крвниот притисок, тоа и го намалува. Притисокот малку пораснува веднаш по пиењето и тој ефект е краткотраен. Потоа вредностс на притисокот опаѓа повеќе одошто бил пред порастот.

Кафето на почетокот го забавува пулсот и ги намалува отчукувањата на срцето, по што ја почнува втората фаза- забрзување. Тоа е всушност реакција на срцето на периферните крвни садови.

Кофеинот по пиењето се апсорбира и преминува во крвта.

Хемиски состав на сурово кафе во 100 грама: 0,7-1,8% кофеин, 10,0-15,0% масти, 8,0-12,0% влага, 5,0- 7,0% шеќер, до 40,0% целулоза, алкалоиди, калиум, магнезиум и калциум.

Главна состојка на кафето е кофеинот- силен стимуланс кој го ослободува серотонинот (хормонот на среќа) и го надразнува централниот нервен систем, особено мозокот. Тој ги зголемува будноста, вниманието, расположението. Дејствува како афродизијак врз жените, но не и врз мажите (ги стега крвните садови и го спречува дотокот на крвта во гениталните подрачја).

Препорачлива доза на кафе е најмногу 3-4 шолјички во текот на денот. Индивидуалната реакција зависи од метаболизмот и навикнатоста на негова употреба. Една шолјичка кафе содржи 100 до 150 мг кофеин. Поголеми дози на кафе (повеќе од 2 шолји) во текот на денот кај некои лица можат да предизвикаат несоница, вртоглавица, треска и други знаци.

Кофеинот дејствува како срцев аналептик, а во зависност од присуството на количеството на теобромин и теофилин го засилува излачувањето на моч. Танинот дејствува против пролив, а активниот јаглен кој настанува при пржењето на кафето ги впива отровите во органите за варење.

Кофеинот во кафето е врзан за хлогоренската киселина, заедно со калиумот во вид на двосол. Таа содржи и супстанции кои го забрзуваат обновувањето на слузокожата на цревата, а ја спречува и неконтролираната делба на ќелиите која е главен предизвикувач на рак. Го содржи антиоксидантот метилпиридиниум кој го поттикнува дејствувањето на ензимот (кој се наоѓа само во прженото кафе).

Состојците на кафето му припаѓаат на семејството на полифеноли и нивната концентрација варира во зависност од начинот на подготовка (1 класична шолјичка има 200 до 550 милиграми).

Лековити својства на кафето:

-го поттикнува доброто расположение,

-ја отстранува сонливоста,

-го регулира, го забрзува варењето, ги поттикнува желудничките сокови, потпомага во согорувањето на маснотиите и ослободувањето на енергија (не е причина за гастритис и чир),

-ја јакне способноста за интелектуални напори, подобро паметење и концентрација,

-го јакне имунолошкиот систем,

-стимулативно дејствува врз срцето, мозокот и тонусот на мускулите,

-штити од рак на дебелото црево,

-ги намалува заморот и агресивната состојба,

-го поттикнува излачувањето на вода од организмот,

-дејствува и како диуретик.

Контраиндикации: конзумирањето на кафе не им се препорачува на лицата кои патат од стомачни проблеми (тегоби со варењето, гастритис, чир, ждригавица), несоница, зашто тоа ги влошува.

Коментар:

Кофеинот од испиено кафе доаѓа на местото на аденозинот (аминокиселина-дериват на аденин) во приемниците (рецепторите) на ќелиите. Со тоа го исклучува аденозинот од функција (кој ги шири крвните садови на мозокот, влијае смирувачки врз ЦНС, го забавува работењето на срцето, ја намалува разградбата на масните киселини и го отпушта катехоламинот кој го зголемува притисокот) и на тој начин предизвикува процеси спротивни на дејствувањето на аденозинот.

Посебна напомена: кофеинот има позитивно влијание само во мали количества. Во поголеми дози е опасен и штетен по здравјето.

Вкусот на кафето ја зголемува сексуалната желба и го продолжува половиот однос. Кафето е силен физички и психички стимуланс. Тоа не значи што повеќе кафе, повеќе уживање. Решавачка е мерата.

Според најсвежите податоци на журналот на Американската медицинска асоцијација, во кои е даден систематски преглед на огромен број на медицински истражувања во текот на 2005. година, луѓето кои пијат 4 до 6 шолји кафе имаат 28% помал ризик да заболат од дијабетес, отколку лицата кои воопшто не пијат кафе.

Според податоците од 15-годишна медицинска студија спроведена во Ајова, САД, на примерок од 27.000 жени помеѓу 55 и 69 години, кафето го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања за 24%.

Лекарите сепак не советуваат кафето да се пие во огромни количества поради тоа што кофеинот влијае врз зголемување на крвниот притисок, па претераното количество може механички да ги оштети крвните садови и да ги подигне нивоата на одделни штетни аминокиселини.

Препорака да пробате:

-Виенско кафе (за 4 лица): 5 дл јако кафе, 4,2 дл свежа слатка павлака, 100 гр чоколадо за готвење, 4 лажички какао во прав, 4 лажички цимет во прав.

Се растопува чоколадото со третина од слатката павлака, па во него се додава жешко кафе и шеќер, а потоа се помешува и се истура во чашите. Се украсува со заматена слатка павлака по која се сипаат какао и цимет во прав;

-Виенско ладно кафе: во чаша наполнете до половина сладолед од ванила, потоа прелијте изладено силно црно кафе и „поклопете“ со шлаг;

-Француско црно кафе: сварете силно црно кафе со шеќер, изладете го, а потоа замрзнете го. На 1 литар кафе додајте 7 дл шери, бренди, рум или ракија;

-Mokka кафе со пиво (рецепт за 1 лице): 5 дл пиво, 1 лажица инстант кафе, 2 лажици шеќер, 2 коцки мраз, многу малку рум, многу малку коњак. Се составете и миксајте 1 минута, а потоа послужете;

-Зимска приказна (за 1 лице): 2 дл коњак или вињак, 1 осмина од литар млеко, 4 лажици слатка павлака, 1 мала лажица мед, половина лажичка анис, 2 лажици ликер од вишна.

Коњакот или вињакот, млекото, шлагот, медот и анисот лесно се загреваат удирајќи со рачен миксер и смесата се трга настрана пред да проврие. Врелиот ликер полека се сипа на ивицата на чашата, не се меша и се служи веднаш;

-Ирско кафе (за 1 лице): 2 чашки квалитетно виски, 2 лажички шеќер, јако еспресо кафе за 5-6 шолјички, слатка павлака.

Во загреана чаша се сипа зготвеното кафе. Во лонче над пламен се загрева вискито со шеќер, а потоа се додава во кафето. Преку наопаку свртена лажица се пушта во кафето да тече слатката павлака, додека слојот не достигне 2 см. Се послужува жешко;

-Кафе со вкус на лешник (за 4 лица): 8 лажички кафе, 8 лажички мелени лешници, 8 капки екстракт од ванила, 8 капки екстракт од лешници, 8 лажички шеќер, 1 нерендано чоколадо за готвење, 4 лажици заматена слатка павлака.

Врела вода се вари со кафето и мелените лешници, се процедува низ филтер за кафе или густа газа, се додаваат ектрактите од ванила и лешници, се засладува со шеќер и се сипа во 4 чаши. Во секоја чаша се става лажица шлаг и се посипува со ренданото чоколадо.

На крајот нудиме и 20 необични употреби на свежо кафе или талког по варењето, а кои можат да ги олеснат животот и грижата во домаќинството:

1.Ги убива непријатните мириси од фрижидерот
Ако и вашиот фрижидер очајно мириса, ставете во него мала чинија свежо сомелено кафе и оставете ја ден или два. Кафето ќе го апсорбира мирисот и ќе ви го направи попријатно наредното отворање. Овој трик функционира и со одделни продукти- само сместете ги во некоја пластична кеса заедно со малку мелено кафе.

2.Намалете го целулитот
Сите скапи креми против целулит главно имаат иста состојка- кофеинот, кој наводно го забрзува метаболизмот и го намалува таложењето на масти под кожата. За да направите лек против целулит, помешајте топол талог на кафе со малку кокосово или маслиново масло и внесете го со триење во кожата- со кружни движења неколку минути. Потоа истуширајте се наизменично со топла и студена вода.

3.Неутрализирајте ги мирисите на рацете
Лукот, лососот, коријандерот и многу други продукти можат да остават мириси на вашите раце кои не „испаруваат“ со часови. Можете да се ослободите од нив така што ќе ги протриете рацете со полна шака талог од кафе и потоа измијте ги со топла вода.

4.Направете богат компост
Многумина искусни градинари додаваат талог од кафе на земјата за да добијат подобар компост. Тој е богат со фосфор, калиум, магнезиум и бакар и отпушта нитрити во земјиштето, така што тоа станува благо кисело. Тоа е одлично за одгледување на некои растенија.

5.Сјајна коса
Кафето често се препорачува како природен третман кој косата ја прави неодоливо сјајна. Направете шолја јако кафе, оставете да се олади, а потоа нанесете ја на сува чиста коса. Оставете ја да дејствува барем 20 минути, а потоа измијте ја косата. За идеални резултати повторувајте ја постапката еднаш неделно.

6.Природна боја
Природните пигменти во кафето го прават одлична боја за ткаенина, хартија, велигденски јајца, па дури и за коса. Ако сакате да бојосате хартија, само благо прејдете со четкичка натопена во кафе преку неа и пуштете да се исуши. Можете да ја потопите и ткаенината и некои предмети во врело кафе. Бидејќи таквата боја лесно паѓа, не ги бојосувајте предметите што често се мијат. Ако кафето го користите како третман за сјај на косата, можеби ќе добиете привремен темен отсјај во локните.

7.Исчистете го каминот
Ако сакате да го исчистите каминот или шпоретот на дрва, а не сакате да предизвикате кревање на цел облак прашина во воздухот, испрскајте раствор на кафе по пепелта, оставете да стои околу 15 минути, а потоа изметете ја нечистотијата. Кафето ќе ги поврзе честичките на пепел, па нема да лебдат.

8.Наполнете перниче за игли
Исушен талог од кафе е идеално полнење за перниче за игли. Само ставете го во некоја крпа, врзете ја во јазел и ставете ја во некој мал сад. Честичките од кафе ќе спречат вашите игли да `рѓосаат.

9.Пилинг на кожа
Истите својства кои го намалуваат целулитот можат да ја затегнат и зацврстат вашата кожа. Се што е потребно е да истриете мелено кафе или да направите пилинг од комбинација на една лажица мелено кафе и пловина лажица маслиново масло, па по желба додадете малку мирисно масло.

10.Истерајте ги мравките
Испрскајте сув талог од кафе на проблематични површини каде што сте забележале мравки во куќата или во дворот. Постои можност мирисот да ги истера. Ако пронајдете мравјалник, во него истурете цел лонец кафе.

11.„Нахранете ги“ растенијата
Растенијата кои сакаат кисела средина ќе ви бидат благодарни ако земјата во која се ја испрскате со талог. Азалеите, боровниците и рододендронот се само некои од растенијата на кои кафето мошне им годи.

12.Истерајте ги мачките од дворот
Кога градинарските растенија ќе ги испрскате со кафе, неивниот мирис ќе ги истера и мачките.

13.Полирајте ги површините
Бидејќи е благо абразивно и кисело, меленото кафе е одлично за полирање на површини како на пултови и фрижидери. Користете го само или во комбинација со малку детергент за садови.

14.Освежувач на автомобили
Искористете го талогот од кафе како природен освежувач за автомобили, така што ќе го замотате во искинат пар најлон чорапи или некое крпче и ќе го закачите за ретровизорот.

15.Одгледувајте печурки
Талогот од кафе е идеална средина за одгледување на многу видови печурки, вклучувајќи ја и буковката.

16.Ослободете се од болви
Истријте го со талог од кафе крзното на вашето милениче по бањање за да се ослободите од болвите. Ако не помогне, барем ќе го ублажите непријатниот мирис на испраното крзно.

  1. Интересна декорација
    Со цели зрна на печено кафе можете да полните украсни вазни или проѕирни чаши за моливи и да добиете мошне интересна декорација, која уште и одлично мириса.

18.Направете хумус
Дождовните глисти кои обично се користат за производство на плодната земја хумус сакаат кафе речиси колку и луѓето. Затоа, ако имате своја колонија на глисти можете да им давате талог кафе секој ден.

19.Тајна состојка
Само малку кафе во некои јадења може да остави прекрасен вкус во храната како чили, сладолед или чоколадна торта. Користете го во маринади за месо кое потоа ќе биде совршено меко и ќе поприми благо „чаден“ мирис.

20.Маскирајте ги гребнатинките на мебелот
Гребнатинките на дрвениот мебел исчезнуваат речиси моментно кога ќе истриете малку инстант кафе помешано со паста за полирање и топла вода. Повторете доколку е потребно, се додека гребнатинката не биде со иста боја како околната површина.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here