Лице в лице - сега е достапно онлајн Kupi Lice v lice - sega e dostapno onlajn
Купи Лице в лице - сега е достапно онлајн
Потребно време за читање: 2 минути

Поразително е кога речиси секој прашан, особено од младата популација (секоја чест на ретките исклучоци): која му е најголемата цел од животот, одговара: „Да станам богат“.

Ваквиот одговор може да се елаборира односно анализира од најразлични агли и аспекти, но во овој контекст само ќе посочам на проблематичноста на богатството (што е тоа; кој како го разбира) и на неговиот „третман“ од страна на социолозите и психолозите.

Проблематичноста произлегува најнапред од достасаните стандарди во животот, та „богатството“ е сѐ она што е над нив, што ги надминува. Колку поголем стандард, толку поголемо богатство? Не, туку тоа-богатството станува сѐ повеќе „стандардно“, што ќе рече и (по)лесно достижно. Притоа, мора да се има предвид споредбениот „фактор“, без кој не може точно и прецизно да се дефинира ниту стандардот, ниту богатството.

Од психолошко-социолошки аспект богатството (како „такво“) од една страна е во директна конфронтација со сиромаштијата, а од друга се меѓусебно зависни и заемно детерминантни. Едноставно речено: без сиромаштија нема богатство, ниту богатството „би знаело за себеси“ ако ја нема сиромаштијата. Натаму, промената или целта е секогаш еднонасочна: сиромавиот се труди да избега од сиромаштијата, да стане богат односно да ги достаса богатите, да стане дел од нивниот свет. Се разбира, постојат и обратни примери, но тие се „историски“: на богат човек „му пука“ богаташкиот „филм“, па го распродава, подарува, растура сето свое богатство и со радост и леснотија на душата, како сиромав, се смешува помеѓу сиромашните луѓе кои, според „калапите на животот“, обично се „обични“, што ќе рече едноставни, простосрдечни, чесни, хумани, но и мудри, искрени, и кои (можеби најважното) знаат, научиле да му се радуваат на животот.

Со оглед на големата сиромаштија и бедотијата на животот во Македонија, разбирлива е (донекаде) амбицијата на луѓето да станат богати, а во споредбена смисла како такви да можат да стојат рамо до рамо со оние во развиенот свет.

Меѓутоа, една анкета спроведена во земја во која ем се живее богато, ем во однос на нас и најсиромашниот е богат, покажа резултати кои сигурно многумина (ќе) ги изненади. Погодувате, станува збор за Германија.

Имено, Германците не пројавуваат особен интерес кон парите и за половина од нив збогатувањето не е цел во животот, покажуваат резултатите од анкетата на агенцијата „Ти Ен Ес Инфратест“.

13% од мажите и 7% од жените сметаат дека парите се нешто многу важно во животот, а 48% не сметаат дека е важно да се збогатат.

Помеѓу младите, на возраст од 16 до 24 години, 18% им даваат големо значење на парите. Такво мислење имаат само 7% од анкетираните над 35-годишна возраст.

Германците имаат различно мислење што значи богатството.

Во поранешната Источна Германија, 25% сметаат дека човек е богат ако до крајот на активниот животот собрал 150.000 евра. Во јужниот дел на Западна Германија, кој е најбогатиот регион во земјата, такво мислење имаат 13% од испитаниците. Во тој регион 30% од анкетираните се надеваат да се пензионираат со заработени најмалку 1,5 милиони евра.

По презентираниве резултати не ни преостанува друго, освен да го повториме прашањето:

Која е вашата цел во животот?

Не трудете се да (си) одговорите. Потрудете се да изградите сопствени критериуми (во кои ќе бидат инкоропорирани и општите) за вредното и минливото.

Многу повеќе се наметнува друго прашање, за некои филозофско, за нас суштествено, а на кое е малку потешко да одговорите. Што не значи дека не треба да се трудите:

Што е животот и дали знаете да го живеете?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here