Популарност, афирмација-авторитет

Потребно време за читање: 2 минути

Равенство помеѓу популарноста и афирмацијата? Да, ама сепак не. Не ќе е баш исто. Исто е во третото, поточно двете се зависни од стекнатиот, изградениот авторитет. Дури обратно, благодарение на заедничкиот „именител“, двете добиваат сосема поинаква сушност, содржина, димензија.

Имено, популарноста и афирмацијата имаат многу поголема „специфична тежина“ ако се потпираат на авторитетот, а не, на пример, на временски исечок, миниливост, настан, случување односно дејствие.

Популарноста најчесто се врзува за естрадноста или појавноста, со или без повод сеедно. Неретко, таа не е резултат на создадено дело, на некое постигање, туку на стек на околности. Имено, во еден момент „се исфрла“ или „го исфрлаат“ на сцената „најподобниот“, оној што на кој било начин, по претходна проценка, може да го предизвика, да го концентрира на себе си вниманието на јавноста, значи го прават популарен, а целта на „исфрлувачите“ на тој начин се прикрива или се остварува во заднина. Најчеста е бизнисменска: брза заработка, голем профит.

Што се однесува на стекот на околностите, станува збор за збир на поволни непланирани моменти кои популаризираат едно или повеќе лица (ретко личности). Таа и трае најкратко, колку што непланираните моменти остануваат збрани. Воопшто, популарноста се манифестира со познавање или блискост која е најмалку искрена или срдечна. Најчесто е мимикрична.

Афирмацијата можеме да ја третираме како процес, чие времетраење зависи од дејствувањето, создавањето и резултатот. Таа е многу поблиска до авторитетноста отколку до популарноста. Човек се афирмира со нешто, а не поради нешто (популарност). Значи, најнапрад таа е единечна, индивидуална, врзана за една личност или за еден тим (на пример, на научници кои работеле на некој проект и се афирмирале откако го реализирале-се афирмирале со него). Со други зборови, делото, резултатот го афирмира неговиот создавач, но откако тој-создавачот ќе вгради дел од себе си или ќе ја вгради целосно својата енергија во него.

Афирмацијата е исто така временска категорија (како и популарноста), но во нејзината сегашност е вградено минатото, дури е условена од него. Меѓутоа, и таа, како и популарноста, нема иднина, не се продолжува во неа.

Авторитетноста е заеднички „именител“ на популарноста и афирмацијата или нивни „потпирач“. Авторитетноста е без дилема од трите највредносната категорија, пред сѐ со својата вонвременост. Таа се гради и создава во долг временски период, во кој се втемелени не само минатото и сегашноста, туку е антиципирана и индината. Притоа, треба да се разликува вистинскиот, реалниот или природниот од наметнатиот, лажниот авторитет. Првиот доаѓа сам по себе, се стекнува постапно исклучиво од нешто (дејание, активитет, творештво), а вториот е всушност авторитарност, стравопочит (многу повеќе страв отколку почит или поточно речено почит од страв), која може да предизвика и трагични последици од широки размери. Вистинскиот авторитет трае, опстојува пред сите турбуленции и радикализми, особено како цивилизациска вграденост, а лажниот се урива, се уништува пред каква било, и најмала промена на „курсот“. Првиот сам се гради и создава (по „природен пат“), а вториот како потреба го градат и создаваат оние кои не можат без него поради сопствената ништожност.

Се разбира, можеме уште многу нешта да придодадеме на досега кажаново за популарноста, афирмацијата и авторитетот, особено од други учени и мислечки авторитети. Но, сметаме дека е тоа доволно за да го поставиме прашањето односно да ја наметнеме дилемата:

Колку нашите политичари, особено оние во власта (пред сѐ тие бидејќи владеат со нас) се популарни, колку афирмирани, а колку авторитетни?

Leave the first comment