НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Потребно време за читање: < 1 минута

38. На извор со дете
легнато
на срце

Стоиме исправени,
стамени,
со кренати глави
и надежни погледи
кон изгрев,
пред ново патување
низ предели на свеста
и самосвеста;
пред рид со недоброј,
ко со сончевина
пресечени,
ко со божева сила
откорнати стени,
на гола земја,
на тишина в гради,
и воздишки
во нашите мисли.

Којзнае уште колку
ќе треба допрва
да освојуваме заедно
возвишенија,
а во нивните подножја
купишта
секакви дребнавости,
откако сама
ќе го израснеш детето
што ти легнало на срце.

Стоиме така еден до друг
никогаш толку молчаливи
пред ѕид што нѐ дели,
без ново утре,
сосе спомени на дамнешни
неугаснати огнови
и заледени маглишта,
ветришта, мразеви
во крвта.

Една од игрите со голи тела
исконски на небосклонот
сокривме в грмушка
крајпатна,
случајно да не ја заробат
трње и диви рози.

Стоиме така пред рид
со сончевина пресечени,
со божева сила откорнати;
ние стени на гола земја,
ние тишина в гради,
ние воздишки во мисли;
секој во себе вовлечен
од студ ли од страв ли
дека никогаш повеќе
нема да бидеме овде,
на овој извор со дете
на срце што ти лежи.

Дека повеќе немаме сила
допрва да освојуваме
возвишенија заедно,
во чии подножја купишта
секакви дребнавости,
повисоки од нас.

Иако исправени, стамени,
иако со кренати глави,
иако со надежни погледи
кон изгрев.

Leave the first comment