Потребно време за читање: < 1 минута

27. Тоа животно помеѓу луѓе

Тоа чудо имаше девет раце.
Еднаш гледав седум,
еднаш пет,
а кога осамна ноќта во молк
имаше десет!

Со првата рака држеше корен.
Го креваше над главите на луѓето
собрани околу него
и голташе дете
поголемо на сон
одошто пораснато на јаве.

Со третата држеше стебло.
Го нишаше во длабока,
непроѕирна вода,
како да чека околу него 
да израснат треви.
Таа беше поголема од море,
сѐ до хоризонтот помеѓу
спокојот и стравот.

Со петтата рака удираше трска.
Потоа го чистеше срцето со неа
и гледаше чист воздух на небо
што му влегуваше ту брзо, 
ту силно во ноздрите.

Со втората внимаваше
како да легне жена
во постела од сенки
и да води страсна љубов со неа.
Како да бара нов плод
под сува земја и гол камен,
поубав од светло око,
божем убавината е сомнежна.

Со осмата рака гореше улица
во одамна напуштен град.
Ја вардеше со железна метла
нејзината чистота
од навреди и насилства. 
Леташе од нејзинот крај
до својот почеток,
повесело од отворена уста
на маска сосе лице.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија

Со четвртата задушуваше
изморена крв на потомци
во напластени векови.
Како да чека нова сува коска
помека од земјата
што допрва ќе ја открие,
а доволно длабока
за во неа да ја сокрие.

Со седмата рака си го миеше
лицето.
Го миеше со нова пена 
и им ги нудеше забите
на стаменици со живи рани
за полесно да им паднат телата
во бездна
од вчерашно и утрешно време,
од високо.

Со шестата пливаше ноќе.
Се престоруваше во длабока смеа
и во крпа за покривање на рани,
да не крвават.
Во исто време криеше нова сенка,
сосе помисла дека стварноста
не е ништо, а надежта е сѐ.

Со деветтата рака скокаше
преку неосвоив рид
од завојувани војски;
целото тело на неа
па отскок.
Деца гледаа и бегаа зад градите
на нивните мајки,
пеејќи песни со очи
подолго од умирања
во залудна војна.

А никогаш никој, а ништо
немаше сила да ја прелета
кулата вавилонска.
Дека сите беа исти,
дека со векови беше сѐ исто.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Кога осамна ноќта во ден
за последени пат,
тоа животно, тоа чудо,
тоа проклетство
пак имаше десет раце.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here