Потребно време за читање: 2 минути

Основни сознанија:

Надреализмот (франц. surrealisme) е уметност на „надстварноста“, уметнички правец кој тендира кон спотнано, надреално, нерационално бележење на потсвесните доживувања.

Се појави во Франција во 20-тите години на 20. век. Радикално прекинува со сите поранешни школи.

Од книжевното наследство се признаваат само П. Борел, Ж. д Нервал, Лотреамон и А. Рембо, значи само оние поети кои настојуваат непосредно да пренесат импресии и чувства, не подлегнувајќи ги на какви било закони на логиката, синтаксата или литературните калапи.

Надреалистите се жестоки бранители на својот став спрема уметничкиот феномен, пријатели се на скандали и провокации, а наскоро се распаѓаат во повеќе струи со различни тенденции. За повеќето надреалисти е карактеристичен , како впрочем во помала мера и за симболистите, во прв ред отпорот спрема стандардната конвенционална употреба на јазикот, спрема неговата вообичаена семантичка структура. За нив е типичен и култот на сензорна компонента, на автоматски, сомнабулни, често апсурдни слики, што ги прекинуваат сите врски со кои фантазијата е врзана за стварноста.

Прочитај и за ... >>  Како мудроста се разликува од другите особини

Социолошки гледано, надреализмот е и своевидна реакција на граѓанскиот и традиционалистичкиот „ред на нештата“.

Надреализмот програмски се заснова на нихилистичко негирање на се што човека дотогаш го поврзувало идејно, морално, артистички, па дури и формално со јавноста и општеството.

Поетскиот акт се изразува во пасивно автоматско испишување (франц. ecriture automatique), на повремени повикувања на предрационалните длабоки слоеви на потсвеста. Поради тоа психолошката и теоретската компонента на надреализмот често се поврзуваат со поставките на Фројдовата психоанализа.

Иако името surrealisme прв го употребил Гијом Аполинер („Тирезиини дојки“, 1918.), за самото движење во Франција најважни се Бретоновите манифести (1924. и 1930.; третиот е објавен во 1942.)

Надреалистичкото списание La Revolution surrealiste собра низа поети и публицисти, од кои подоцна многумина минаа во напредните леви позиции и му пристапија на комунизмот (Луј Арагон).

На групата француски надреалисти им припаѓаат, освен водачот на движењето Андре Бретон, и П. Елијар, Р. Кревел, А. Арто, Ф. Супо, Р. Шар, а како основачи некои интерпрети ги спомнуваат Ж. Риго и Ж. Ваке.

Прочитај и за ... >>  Историја на пивото

Надреалистичката литература, во различни форми, се проширува и во Италија (Н. Бонтемпели), Шпанија (Р. Гомез де ла Серна), САД (Х. Милер) итн.

Надреализмот се јавува и во ликовната уметност, најнапред во делата на Џорџо де Кирико, чие метафизичко сликарство се вбројува во најважните претпоставки за создавање на надреалистичкото сликарство, како и во раните дела на Макс Ернст. Во 1925. година на првата групна изложба на надреализмот во Париз изложуваат исто така П. Пикасо, П. Кле, Х. Арп и М. Реј. Освен нив, истакнати претставници на надреализмот во сликарството се и Ж. Миро, А. Масон, И. Тангуј, С. Дали и Л. Буњуел. Во различни варијанти, често во слободни игри на имагинацијата, надреалистичите тенденции во сликарството и графиката траат до денес.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here