18. Хоризонти
Монолог
Нема никаква сличност или блискост меѓу согледлив хоризонт, човечките хоризонти и хоризонтите во човекот. Може да има само меѓу луѓе слични или блиски. Согледливиот-еднакво блискиот и видлив на човек меѓу површините на небото и Земјата, како два света во единство и меѓузависност, меѓник што не е тоа оти кон него се иде, а кога се стасува на него се останува што подолго,па потоа се тоне до исчезнување; човечките хоризонти-можности што треба да се користат и искористат, перспективи, стремеж кон нови, сè уште неоткриени, сè уште неосознаени простори и времиња, но и како лични и заеднички погледи и разбирања на светот; хоризонтите во човекот-самоосознвањето, самобитноста, соживотот, личниот и колективните идентитети, рамнотежата меѓу неговиот внатрешен и надворешниот свет, како опстанување, доживување, преживување, лично достоинство, почитание, љубов во и со стојности од него самиот и од оние со него и за него. Сите заедно и едновремени.
Човек на хоризонти откога е сам и заедно со друг или со други, откога е во љубов животворна и непореклива од кого било. Откога е сам во љубов вонпросторна, вонвременска и неповторлива. Никогаш само на еден меѓу небото и Земјата, туку секогаш на повеќе или со многу. А кога е без неа? И без неа, но секако не долго, та предолго, што да ја изгуби дури човечноста во себе, дури да го поразат егоизмот, себичноста и самодоволноста. Човек на хоризонти и хоризонти во човек откога е сам и заедно со друг или со други како стремење кон самоцел.Исто во љубов џелосен, неделив и кога споделува. Токму тие-хоризонтите во себе имаат поттикнувачка моќ на непрестанување на чекорењето кон совршенство, достигнувајќи го во моментот пред зачекорување зад нив. Како неодминлив замин, како исчезнување.
Покрај сè, сепак хоризонтите во човекот просто сами по себе се наметнуваат пред сите и над сите други. Особено кога е збор за нивното времетраење. Особено кога е збор за творците на дела со безмерни стојности. Најмногу поради нив, колку што се освоени, тој е во незаборав наспроти минливоста, сосе личното време кое не може да го освои ниедно друго. Токму поради тоа тие се возвишени, тие се понапред од други, тие се од многумина недостижни. Но, до хоризонтот меѓу небото и Земјата и до човечките хоризонти творците се неразделни од нивните дела. Не може и не е прифатлив секаков обид тие да се следат, да се доживуваат и преживуваат одделно. Тоа кога станува збор за дела на познати творци. Не за од непознати, откриени по многу време од заминот, од исчезнувањето зад хоризонтот. Да, како неизбришлива трага на постоење по смрт.
Се достигнуваат хоризонтите, но дали се освојуваат? Ако да, тогаш кои или, пак, сите? Според сето изнесено во монологов, очевидно е не! Зошто? Затоа што животот, кој напросто не е можен без нив, се живее во својата полнота, а не се освојува. Следствено, човек не освојува хоризонти, туку постојано достигнува едни до други.
Дијалог
Хоризонти на Сончева:
-За нас се најважни нашата еднаквост и нашата истовременост. Којзнае што би било со Сончева, со нејзината битност и нејзиниот интегритет кога тие не би постоеле или би биле нарушени некое време. Особено кога се работи за нејзината љубов спрема тебе, Сончев.
Хоризонти на Сончев:
-Нашата сила, пак, е насочена кон единственоста на целта. Инаку, неа никогаш не би можеле да ја достигнеме. Сончев мисли дека таа е токму неизмерната љубов спрема Сончева. Всушност се надева. Ние, хоризонтите во него уште од неговото осамостојување како личност добро знаеме дека таа пред сè друго му дава сила и енергија да истрае во борбата за живот со достојание. Затоа јас, хоризонт меѓу небото и Земјата, сум секогаш пред него. За да нема никакво сомнение дека можеби се доволни сите други животи што ги доживува и преживува човекот. Јас, човечките хоризонти, секогаш сум на штрек да не некој се обиде да навали на некоја од човечките вредности кои се брана против анималноста. А јас, пак, хоризонтите во човекот, ту го стишувам ту го засилувам пламенот на творечкиот оган во него, во зависност од значењето и времето на создавање меѓу едно и друго негово дело.
Хоризонти на Сончева:
-Ние сме тие што ѝ помогнавме на Сончева да го разбере и прифати темпераментот на Сончев, во не мала мера да се прилагоди на него. Благодарение на нас таа за мошне кусо време успеа да изгради свои критериуми за вредноста на неговото творештво во континуитет, како творец на скулптури како живи луѓе и животни меѓу светлина и мрачнина. Да, со сопствени хоризонти.
Хоризонти на Сончев:
-Ви оддаваме секакво признание за тоа што успеавте таа притоа да чекори со него рамо до рамо во животот со достојание. Наскоро нивната неизмерна љубов ќе кулминира со прва рожба, а ние ќе се сплотиме во неа и ќе продолжиме да суштествуваме заедно.
Хоризонти на Сончева:
-Се радуваме поради тоа. Особено дека со неа ќе почне да заживува нов свет на луѓе и животни како живи. Во кој ќе ја научиме Сончева како да открива, па потоа да докажува дамнешни и неодамнешни траги на цивилизации кои опстанувале долго благодарение на свои, сопствени и автентични хоризонти. Сите знаеме дека е мошне тешко и макотрпно да се поврзат во трајна врска скулптор и археолог, кои според определбата и содржината се колку блиски, толку далечни, но секако ќе успееме заедно.