Потребно време за читање: 3 минути

13. Живи љубови

Монолог

Не оти нема мртви љубови. Имало и има, не може да нема. Но, живите се изделуваат од нив според силината, огненоста и траењето. Баш по тој ред, како доживување и оставање трага. Се наметнува ли само по себе прашањето кои се и колку ги има едните, а кои се и колку другите љубови? Се наметнува само кога се возвишуваат и кога остануваат на крајните граници на стварниот и заумниот свет. Па притоа мртвите како такви, дека биле но веќе не се, подолго остануваат во стварниот, додека  живите љубови во еден дел се во едниот, а во поголем во другиот-заумниот свет. Може поважно од сè друго: мртвите љубови биле и се повеќе на број од живите, но живите ги надвиваат мртвите со својата длабина.

Предизвикуваат промислување силината, огненоста и траењето на живите љубови наспроти или наспоредно со нивниот број. Притоа мртвите треба да се остават настрана, може и во заборав,. Пред сè како што биле, како што се случиле, како додавки на минливоста и маргиналноста на животот.

Силината на живите љубови е немерлива. Најмногу зависи од личниот однос спрема нивните вредности. Тоа значи дека е таа различна и содржински и целно. Конкретно: една жива љубов е посилна од друга како концентрација или ширење, односно бранување на емоциите и нивно насочување кон споделување на заедничко време со друга. Конкретно: една жива љубов е посилна од друга како невозвратена, како лична, не заедничка или спречувана да ја покажува и докажува својата постојаност.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 1

Огненоста на живите љубови, неретко погрешно изедначувана со страста, во најголема мера се изразува во заедничко остварување и дејство. Притоа секогаш имајќи ги предвид како временоста, така и личната предаденост. Со други зборови, огненоста е одвреме-навреме,  кога телото и психички и физички насобрало голема енергија, та мора целосно или делумно да се престори во нова форма и содржина, надвор од него. Просто да се отелотвори. Тоа е најочевидно кај жива љубов на творец, уметник, посветен откривач, истражувач, иноватор. Мора да се нагласи дека изедначувањето на огненоста со страст иде токму од предаденоста на живоста. Обратно, пак, изедначувањето на страста со огненоста најчесто иде од потребата за физичко празнење, најнапред како едновремено опстанување и продолжување на конкретноста на живоста.

Што е со траењето на живите љубови? Тоа е најмногу, ако не е и сосем врзано за нивната есенцијалност. Најмалку, пак, е врзано, ако и воопшто не е за одреден простор и мени на времето, како и за нивните години. Има многу познати и којзнае колку непознати живи љубови кои траеле или траат; како и непознати, поточно заборавени, уште поточно исчезнати мртви. Живи на блиски и далечни, мртви попатни и безначајни.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 29

Живите љубови се негуасливи, неповторливи, беспоговорни.

Дијалог

Еден во жива љубов:

-Нашава жива љубов нема никогаш да дозволиме да умре. Во сегашниве и идните наши години, до нашата заедничка смрт и по неа или до нашите одделни и по нив. Не велам, а велам дека живее со нас, таа во нас, и ќе живее долго по нас.

Една во жива љубов:

-Се разбира, но како не дозволуваме и нема да дозволиме? Се согласувам дека љубовта ни е жива, со сите нејзини од нас осознаени ведности и специфики. Само сакам да ја промислиме трагата што ја остава и ќе ја остави допрва. Затоа што сме, нели, согласни дека мртвите љубови се попатни и безначајни.

Еден во жива љубов:

-За неа не треба промислување. Едноставно, трагата на живата љубов е жива. Тоа е тоа. И не е жива само додека не се открие, туку станува уште пожива откако ќе се открие и ќе почне некој да ја истражува и проучува. Пред сè како доказ на нејзината единственост.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 11

Една во жива љубов:

-Не е едноставно! Напротив, јас мислам дека токму трагата на живата љубов, за трага на мртвата не може да стане збор, е најважна и за нејзиното постоење и за нејзиниот опстанок. Поготово колку е длабока.

Еден во жива љубов:

-Добро, те слушам за неа внимателно.

Една во жива љубов:

-Ќе речам само дека таа трага може да се открива и истражува додека има форма, смисла и содржина. Не само по губење на макар една од нив. Белки не мислиш дека тоа-губењето е невозможно, туку може да значи и почеток на нејзино умирање.

Еден во жива љубов:

-На формата, смислата и содржината треба да се додадат и подбудата и подлагата на нега. А што се однесува на губењето на макар една од нив, постојат живи љубови кои се во голема мера, ако не и целосно зависни од родот. Не издржуваат без него.

Една во жива љубов:

-Тоа е невозможно кога е збор за нашава. И родот наш и трагата од неа се неизбришливи.