Потребно време за читање: 2 минути

Momentum XVII

Сцената полека
се затемнува.

Глас 6

Досега често ги спомнувавме животните. Овде пак. Коњи и тигри. Точно, како месо. Втората асоцијација е просторот што го освојуваат во брзина. И заклучокот: луѓето се исплашени, па чувствуваат потреба од разговор.

Глас 8

Немаме трпение. Ниту публиката. Ни треба малку одмор за да си ги смириме нервите. Напорот е преголем. Првите редови се веќе во вода.

Глас 6

Сакам уште ова да го претпоставиме: сите сме изморени дека бараме секој да измислува оригинални димензии на убавината.

Глас 10

Јас не знам за другите, но има денови кога самиот можам да ги протолкувам игрите на предметите. И каква врска има убавината со мислите што ги измислуваме вака безволно и свесно, истовремено обидувајќи се да прифатиме некаков занает? Прашувам каква врска има убавината со тривијалноста на средбите во кои очекуваме некаков интелект и ерудиџија?

Немирот е тука,
некаде во нас.

Од што немаме доволно
храброст
не влегуваме подлабоко
во пештерите на ридот
за да ги откриеме главите
на луѓето
со мраз и чуден шепот
како ехо.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА XI

Како да е сушата поважна
за опстанокот на народот
од водата која со силен звук
паѓа во нашите тела
и ја притиска снагата
да пукне од тежина
и морнина.

Нашата тревога заради
бесмислените разговори
и идеи што го заспиваат
срцето од умори
ни ги гори раните,
а песната ја сече жилата
со која ја стегаме
оти ќе ни го зголеми
мозокот,
и тоа за сметка на малиот,
та да не можеме
ниту да одиме, ниту траги
да оставаме зад себе.

Ако ја сретнеш некаде
во земја со длабока совест,
помеѓу високи дрвја и заби,
помеѓу ружи
и диви ветришта
ако ја сретнеш,
кажи ѝ дека
не го заборавам движењето
на устата пред извор
и бранот што го јававме
на коњ,
ниту дишењето на тигрите
напнати во крв,
ниту градските улици
во нивните очи;
а ни луѓето што од нас
бараа мир од горчина.

Само внимавај притоа
водата да не направи
поплава.

Прочитај и за ... >>  MOMENTUM II, Последен чин или спокојно доаѓање на утрото, поетска инсталација

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here