Потребно време за читање: < 1 минута

28. Предоцна

Се будиш не совреме,
а предоцна за никој
никогаш да не може
да исече, да пресече,
да скрши, да прекрши
ни најмало делче
од телото ти стамено,
со векови на ветромет.  

29. Навестувам

Судејќи според мените
во криците и грмотевиците
на излитените зборови,
мислам дека скоро
ќе се случи ноќ во ден
со безлични сенки
и тивок, безволен молк.

30. Ослободен

Бран од извор до влив
слободен на сонце
се запенил во рани зори,
запеал своја песна
меѓу камења и карпи,
та ја натерал својата реката
да ги прелее бреговите.