Лажица маслиново масло наутро на празен стомак одамна се пренесува како едноставен домашен рецепт за подобро варење, поздраво срце, регулиран шеќер во крвта, па дури и за „прочистување“ на организмот. Последниве години навиката повторно стана популарна, поттикната и од социјалните мрежи. Маслиновото масло навистина има добро потврдени нутритивни вредности, но науката не покажува дека организмот добива некаква посебна корист само затоа што сме го испиле на гладно.
Со други зборови, проблемот не е во маслиновото масло, туку во идејата дека една лажица, земена во точно определен момент од денот, може да ја замени пошироката слика на исхраната. Најсилните докази се однесуваат на редовната употреба на маслиновото масло како дел од медитерански начин на исхрана – особено кога со него се заменуваат путерот, животинските масти и други извори на заситени масти.
Што навистина покажуваат истражувањата?
Маслиновото масло, особено екстра девственото, е богато со мононезаситени масни киселини, пред сè олеинска киселина, а содржи и полифеноли и други биоактивни соединенија. Токму таа комбинација е една од причините поради кои маслиновото масло со децении се наоѓа во центарот на истражувањата за медитеранската исхрана.
Голем систематски преглед и метаанализа објавени во Clinical Nutrition ги анализирале податоците од повеќе десетици студии. Резултатите покажале дека поголемата употреба на маслиново масло е поврзана со понизок ризик од кардиоваскуларни заболувања, дијабетес тип 2 и смртност од сите причини. Во анализата, дополнителни 25 грама маслиново масло дневно биле поврзани со околу 22 процента понизок релативен ризик од развој на дијабетес тип 2.
Познатото истражување PREDIMED оди во слична насока. Кај луѓе со висок кардиоваскуларен ризик медитеранската исхрана збогатена со екстра девствено маслиново масло била поврзана со помала зачестеност на големи кардиоваскуларни настани во споредба со контролната исхрана. Резултатите се објавени и во The New England Journal of Medicine. Тоа сепак не значи дека една и пол лажица масло сама по себе е терапија. Во ваквите студии маслиновото масло е дел од цела шема на исхрана со многу зеленчук, овошје, мешунки, јаткасти плодови, интегрални житарки и умерено количество риба. Токму контекстот е важен.
Дали мора да се пие на празен стомак?
За тоа нема убедлив доказ. Не постои квалитетно научно потврдено правило според кое маслиновото масло делува подобро ако се испие непосредно по будењето, пред појадок или без друга храна.
Тоа може сосема природно да се внесе преку салата, зеленчук, мешунки, сос, маринада или парче леб. За здравјето е поважно каква маст заменува во исхраната и каков е вкупниот начин на исхрана отколку дали сме го испиле како утрински „шот“.
Ова е и причината зошто во Panoptikum веќе пишувавме дека маслиновото масло е добра маст, но не и чудо во шише. Неговата вредност е реална, само што не треба да ѝ се припишуваат својства што науката не ги потврдила.
Што може да направи за срцето и метаболичкото здравје?
Најцврстите докази се токму во оваа област. Кога маслиновото масло заменува путер, маргарин и други извори на заситени масти, може да помогне во создавање поповолен профил на мастите во исхраната. Кај медитеранскиот начин на исхрана користа се гледа и преку подобра кардиоваскуларна заштита, а не само преку една лабораториска вредност.
Едно големо американско истражување, објавено во 2022. година, покажало дека повисоката употреба на маслиново масло била поврзана со понизок ризик од смртност од кардиоваскуларни, респираторни и некои други причини. Особено интересен е наодот дека корист се забележувала кога со маслиново масло се заменувале путер, маргарин, мајонез и млечни масти.
И токму тука е суштината: маслиновото масло е најкорисно како замена, а не како дополнителна калорична „терапија“ врз веќе богата исхрана. Подетално за неговата врска со кардиоваскуларното здравје пишувавме и во текстот за маслиновото масло и здравјето на срцето.
Може ли да помогне при запек?
Кај некои луѓе – да. Маслото може да има благ лаксативен ефект, а постојат и клинички истражувања што укажуваат дека редовната употреба може да помогне кај дел од луѓето со хроничен запек. Тоа сепак не значи дека е универзален лек за дигестивни проблеми.
Ако е запекот е чест, трае долго или е придружен со болка, крвавење, слабеење или други симптоми, решението не треба да се бара само во една лажица масло. Внесот на течности, растителни влакна, физичката активност и причината за проблемот се многу поважни.
Кога лажицата на гладно може да предизвика проблем?
Маслиновото масло е храна со висока енергетска вредност. Една супена лажица носи приближно 120 килокалории. Ако секој ден само го додаваме врз постојната исхрана, а ништо друго не намалуваме, дополнителните калории со време можат да придонесат за зголемување на телесната тежина.
Кај некои луѓе чистото масло на празен стомак може да предизвика мачнина, грчеви, пролив или чувство на тежина. Особено треба да се внимава со популарните „чистења“ со големи количества масло и лимон. Mayo Clinic наведува дека нема сигурни докази оти таквите постапки ги отстрануваат жолчните камења, а можат да предизвикаат гадење, повраќање, дијареја и стомачна болка.
Особено внимателни треба да бидат луѓето со заболувања на жолчното ќесе, хронични дигестивни тегоби или состојби поради кои следат посебен режим на исхрана. За нив е подобро ваквата навика да не се воведува како „лек“ без разговор со лекар.
Колку маслиново масло има смисла да се користи?
Нема една магична дневна доза што важи за сите. Во различни студии корист се забележува при различни количества, а метаанализите покажуваат дека позитивните асоцијации често се појавуваат во рамки од околу 20 до 25 грама дневно. Тоа е приближно една и пол до две супени лажици, зависно од големината на лажицата.
Ова не е препорака дека секој треба да испива толку масло. Количеството треба да се вклопи во вкупниот внес на масти и калории. Најразумно е да се користи како дел од оброкот – на салата, зеленчук, мешунки, риба или интегрален леб – наместо како уште една „доза“ што се додава врз сè останато.
И ако треба да се избере едно правило, тоа не е „пијте лажица на гладно“. Подобро правило е: користете квалитетно екстра девствено маслиново масло редовно, во разумна количина и како замена за помалку поволни масти. Токму таквата навика е најблиску до она што навистина го поддржуваат научните докази.










