Потребно време за читање: 9 минути

XL Меѓу заумен и стварен свет

Мошне интересно стојалиште на Дамјан Истиноски и Дамјан Колумнистот за творештвото воопшто, посебно за книжевното:

„Секое дело, посебно секое книжевно и однадвор и однатре, и според формата и според содржината, и според структурата и дискурсот е меѓу заумен и стварен свет. Разликата меѓу едно и друго е само колку е вградено од едниот, колку од другиот, дали постои рамнотежа меѓу нив или, пак, натежнува кон едниот или другиот. Притоа, и заумниот и стварниот свет се живи, секој со своја динамика. Едновремено разграничени и испреплетени, лични и заеднички со на други. Тоа, пак, му овозможува на творецот-писателот да создаде посебен, специфичен, единствен свет во кој не се препознаваат, ниту меѓусебно се разликуваат заумното од стварното. Проблемот на авторот на едно дело е до која мера ќе му дозволи на консументот-читателот слободно, според расположбата и потребите да навлезе во него за да го освои, да го присвои за себе, да стане повеќе дел од неговиот заумен или неговиот стварен свет. Или, пак, ќе го задржи надвор од него, дистанциран.

Тоа е особено иманентно, па и изразито во поезијата. Го поставија и развија надреалистите, наспоредно со нив постнадреалистите, а треба да се земат предвид дострелите на металириката и интертекстуалноста. Во овој контекст се мошне значајни проучувањата на структуралистите, постструктуралистите (метајазик) и постмодернистичката литература (експериментирањето во метафикцијата и магискиот реализам на Борхес).

Кога создавам книжевно дело, од кој бил жанр, однапред ја бришам разликата меѓу мојот заумен и мојот стварен свет. Тоа значи дека мојот свет е само мој, а се разбира дека ми претставува задоволство кога некој ќе го прифати како свој, како своевидно богатење на својот.

Што се однесува на моите колумни, само ќе нагласам дека стварноста во нив е суштествена, а заумноста контекстуална.           

Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин 

1. Меѓу политичкиот и државниот фолклор

Нашите политиколози и другите „специјално учени“ малку се занимаваат со политичкиот фолклор како феномен на современото демократско плуралистичко општество. Можеби затоа што тој не е толку препознатлив во секојдневното дејствување на политичките партии, пред сè на нивните лидери (најчесто се „врзува“ за нивниот настап во јавноста односно нивниот вокабулар). Па, следствено, и не е загрижувачки.

Главното прашање е: што е сè дел од политичкиот фолклор на македонската политичка сцена и колку е тој минлив, а колку се продолжува, поточно негува? Поконкретно: дали предизборниот политички фолклор (најприсутен и најпрепознатлив) продолжува да се „реализира“ по победата на избори (меѓу другото, извојувана и благодарение на него)?

Користејќи една од, во последно време најупотребуваните „форми“ на упатување на пораки и одговори пред јавноста-одговори на новинарски прашања (однапред договорени?), често се промовираат „гледишта“ на она што се случува. Всушност, најчесто се тоа реторички прашања.

Морам да признам дека една нова „содржина“ во македонската политика прилично ме изненади, дури ме испровоцира. Досега не ми беше познато ништо што личи на некаков политички фолклор. Во едно друго, поранешно едноумно-монопартиско општество се сеќавам дека се користеа фолклорни елементи на избори; бидејќи беа свечени, беа празник, нормално беа „зачинети“ со ора и песни, зурли и тапани, па и сечење на црвени ленти со кои се отвораа „новите победи на работничката класа“. Но, и од тогаш не паметам дека, на пример, прашање за шверц на цигари и други слични „случувања“ од изминатиот транзиционен период биле дел од некаков политички фолклор (макар и во симболичка смисла).

Да нема недоразбирање: поимот фолклор значи „народословие“. Со него се означува наука за народното предание (обичаи, игри, песни, приказни, бајки, загатки, пословици идр.) Па и во симболична-преносна смисла не значи ништо друго, освен „народно“, „народско“, а најчесто „забава за/на народ“.

Каква врска има политичкиот фолклор спомнатиот шверц на цигари како „ситница“ или неркаков си „случај Бачило“ со повеќедецениско јакнење на полит-бизнис олигархиска мафија? Тие ниту биле, ниту се проследени со ора и песни, зурли и тапани и слични нешта!

Се разбира, разбирам дека политичкиот фолклор особено се „актуализира“ во предизборна кампања.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XLII

А ќе остане забележано во историјата на предизборната кампања една ептен модерна варијанта под мотото „Како сте?“ Интгересно, прашаните најчесто одговараа со „Нешто не сме баш најдобро“. Кампањата имаше и модерна кореографија во која заиграа оро без зурли и тапани и лидерот и „водството“ на партијата (која не ја спомнувам оти во меѓувреме стана небитна). Многу ми личеше на качување на тапан (да, ептен личеше на она во „Тешкото“). Лидерот лично се качи на тапанот мавтајќи со црвено шамиче, па се наведуваше бришејќи му го со него челото на тапанџијата и извикувајќи ликувачки дека во наредниот владеачки мандат за само една година партијата ќе реализира 365 проекти-секој ден по еден! Нема мрдање! На тоа посебно ја обврзува одговорот на мотото односно прашањето.

Мене лично еден „политички фолклор“ поприлично ме загрижи. Откако го чув, сетики ми паѓа на ум едно прашање на кое засега не можам да си одговорам, а не ми дава мира:

Дали изборите, седно кои (локални, парламентарни, претседателски) биле, се, треба да бидат и ќе бидат „државен фолклор“? И колку е важно кој свири на зурли и чука на тапан, а кој се качува на него?

Не сакам да се фалам, ама јас сум одамна европеизиран тип. Па како таков, нема зошто да ја чекам европеизацијата која постојамно се повторува со еден ист политички фолклор. А некако баш и не ми лежи фолклорот, поготово не турбото.

2. Сè почеста употреба на народната Трпеж-крпеж

Нема сомнение дека модерната живеачка сè повеќе ја плаќаме со најголемата „општонародна“ цена-рамнодушноста. Стануваме рамнодушни на скапотијата, на постојаното зголемување на цените на сè и сешто (за поскапувачите секогаш оправдано, а за плаќачите неоправдано), што најмалку значи прилагодување.

Одамна не важи една друга народна:

Пружи си ги нозете колку што ти е долга чергата.

Од едноставна причина: одамна не си ги пружаме, туку саде си ги собираме, се стуткуваме, уште малку па како клопчиња ќе бидеме.

Никако да научиме дека суштината на модерната живеачка не е во трпежот-крпежот, туку во штедењето-штедливоста. Кога ќе научиме дека прво поскапувањата нема да се случуваат така често, зашто поскапучачите ќе ги одбегнуваат, а второ ќе живееме не порамнодушно, туку поспокојно, поведро, позадоволно.

Ќе си признаам на себеси дека веќе ми е смачено од никако да ни тргне на поарно, а од друга страна сè почесто ја слушам народната „Трпеж-крпеж“. Дотолку повеќе што сè почесто ја слушам разделено: за едни во едно важи трпежот, а за други во друго крпежот. Меѓу другото, тоа поприлично ме збунува, па и ми ги меша мислите, чувствата, расположбите и нерасположбите. Имено, за едни во една благосостојба или независна состојба важи трпежот, неретко во комбинација или како подваријанта со спасот-„Трпение-спасение“, а за други, поготово за широките народни маси важи крпежот, неретко во комбинација или како подваријанта со „Трпеж му е мајката!“-мајката во смисла на вистинска, може и единствена можност, но и да се однесува на две села-„Трпеж и крпеж две села поминале“ и два века-„Трпеж и крпеж два века“; во контекстов во рамките на тешката живеачка односно живуркањето и издржливоста во најмалку два века.

Реков веќе дека веќе ми е смачено од „Трпеж-крпеж“. Тоа значи дека од една страна состојбава на животот во нашава земја е веќе на крајот од крпежот. Од друга, пак, трпевме дури трпевме и доста е. 

3. ЕУ и (не)слободното медиумско слепило

Проблемот на слободата и независноста (читај: објективноста) на медиумите во Македонија не е во определбата да се анализира и коментира, односно зазема позиционерски или опозиционерски став, туку да се искажува јасна партиска припадност и да се информира еднострано, селективно, значи необјективно, па и невистинито (груба лага).

Партиската опозиција греши кога медиумите ги дели на „мегафони на власта“ и „борци за слобода и демократија“. Имало, има и ќе има само партиски, непартиски „мегафони“, но пред сè и над сè најважни, најавторитетни, највлијателни за секоја демократија и суштинска слобода на зборот и мислата: непристрасни, независни-објективни, слободни-слободоумни; професионални новинари кои, се разбира, ги има во непартиските медиуми, но може да се најдат и во партиски.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), I, роман

Патем, неприфатливо е електронски или печатен медиум да се нарекува „мегафон“, доколку се знае каква направа е тој, колку е „проста“ наспроти модерната технологија на емитување програма и печатење (измислена уште од Едисон). Доказ: неверојатната леснотија на реализација „во живо“.

Што се однесува на мене лично, не гледам ТВ, не слушам радио и не читам весници, туку гледам, слушам и читам прилози на вистински новинари со кои радо сопоставувам ставови и мислења. Без оглед каде моментно работат, односно се реализираат, ја заработуваат својата каква-таква плата и живеат како знаат и умеат.

Мене лично не ме изненадува обидот за судско „третирање“ на медиуми во нашава Македонија, притоа наметнувајќи ја лагата дека слободата на медиумите е во врвот на агендата за членство во ЕУ. Стварно смешно!

За „глувите и слепите“ кога е збор за медиумите: многу е поважна економската слобода и независност, непристрасното и објективно информирање (не слободно изразување на ставови и мислења), демократски амбиент итн.

Би било добро „загрижените“ за слободата на медиумите да се запознаат со европското законодавното, со акцент на слободата на изразувањето ставови. Слобода на изразување на новинарите, а не слобода на медиумите (што е тоа?), слободно изразување ставови (а не необјективно информирање), како и објективна примена на законот (примена, а не работа надвор од законот).

4. Партиски војник и партиски послушник

Дали би сакале да станете член на мојата партија? А партиски војник? А партиски послушник?

Се разбира, ниту сум ги слушнал, ниту ќе ги чуете второто и третото прашање. Дури не се поставува ниту првото. Затоа што кај нас членувањето е доброволно, според сопствен избор и пред сѐ и над сѐ од личен (може и „безличен“) интерес. Второто и третото прашање се претпоставуваат за одговор без да се поставуваат, а се однесуваат на активното членство.

Доколку некои од активните не се во едната или другата улога, тогаш или ќе бидат пасивизирани или ќе се најде начин да функционираат барем како „искрени и верни споделувачи“ на основните политички заложби, односно на партиската политичка платформа.

Да, прашањето за демократијата во партиите во Македонија и од позицијата и од опозицијата се поставува само одвреме-навреме. Но, во последно време сѐ почесто. Тоа се вика „партиско демократско зреење“. Имено, во последно време почесто слушаме констатации од типот:

„Се разбира, во нашата партија има различни ставови и мислења, и тоа се почитува како демократска придобивка. Работиме на заедништвото, почитувајќи ги разликите во мислењата. Тоа нема никаква врска со фракционерство. Токму поради почитувањето на различни мислења и ставови, нашата партија е голема и силна“.

„Најдемократското“ прашање што би требало да ни се поставува (како на граѓани чија политичка определба или активност се почитува) е првото од трите што ги поставив на почетокот од текстов. Второто и третото се меѓу другото навредливи и затоа, веќе реков, не се поставуваат, туку се претпоставуваат. Второто и третото прашање им се особено важни на оние членови на партиите што се во нив поради политичка и/или бизнисменска кариера.

За мене прашање од круцијално значење во однос на второто и третото е следново:

Има ли разлика помеѓу партиски војник и партиски послушник?

Јас тврдам: да, има, и тоа голема!

Партискиот војник е всушност партиски извршител во војничка смисла. За да бидам појасен, особено за оние што не вршеле воена служба, ќе потсетам на основното правило на војникување во однос на субординацијата: „Прво изврши, па жали се“. Партискиот војник прво извршува, а потоа има право да се жали, но тоа не го прави бидејќи не станува збор за војникување, туку за градење партиско-политичка кариера. Партискиот војник, пак, најчесто дејствува на теренот, а на некоја фотелја може да се надева откако ќе му мине „војникувањето“.

Партискиот послушник е исто така партиски војник, но на повисоко ниво. Тој го минал „теренското војникување“, па веќе седнал во некоја фотелја, а во најмала рака во парламентарна-на републичко или во советничка-на локално ниво. Тој ретко настапува на политичката сцена, ретко излегува на говорница, а гласа како што е договорено; без оглед на фактичката ситуација односно, на пример, тежината на контра-аргументите и фактите (особено од опозицијата). Него најлесно ќе го препознаете кога се преминува на гласање. Тогаш тој и таквиот, на пример во Парламентот, го притиска копчето ЗА или ПРОТИВ со наведена глава и поглед. „Повештите“ набљудувачи можат да го препознаат и во текот на дискусиите-расправите и расправиите, со мимиките и договорените знаци што одвреме-навреме си ги упатуваат едни на други, поточно им ги упатуваат нивните „горни“.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXX, роман

Партискиот послушник никогаш не може да се надева на неочекувана фотелја и речиси без исклучок точно измерил колку му е долга партиската черга. Тој извршува, а не ни помислува потоа да се жали. Затоа што нема зошто.

Ако во меѓувреме, без оглед дали сте или не сте член на некоја партија (активен, пасивен, партиски војник или партиски послушник), некој ви упати покана за членство во, да речеме, нова-новоформирана партија, на пример со вакво прашање: „Дали би партиципирале со дел (и кој) од вашиот индивидуален ангажман и стручност-компетентност во сегашнината и иднината на заедничкото живеење на овие наши-македонски простори?“,

немојте многу да размислувате. Одговорете со „Да“ и зачленете се. Бидете сигурни дека сметаат на вас како на личности со достоинство и вредност.

5. Грабежот

Кога не сме ни ваму ни таму, а и не сакаме да бидеме, секој трга на своја страна и гледа што повеќе да земе за себе од заедничкото, да оттгрне, да грабне. Му се може, му се дало, па си зема, си граба, си краде.

Имаат право оние што предупредуваат и го креваат својот глас против грабежот на секој чекор околу нас и помеѓу нас.

Од ничие станува сечие благодарение на позицијата на која е и останал да биде додека може. Или благодарение на пријателите, роднините, колегите, на оние во власта, под власта, до неа и над неа.

Меѓутоа, немаат право кога бараат да се запре грабежот не со сѐ што може да биде приватно, туку и што не може да биде државно. Тоа е враќање назад, во времето во кое не чиневме оти не ни чинеше. Напротив, во приватното е спасот затоа што никој своето не може да го краде.

С ѐ е познато, ништо нема непознато за да се докаже или да се каже нешто ново. Само што сме ние нови, се менуваме, се променивме, а сепак од старото не можеме да се ослободиме. Од кражбата и крадците. Во правна држава не се ослободува некој од крадци, туку тие се гонат, се апсат, се затвораат.

Во едно претпријатие почнал грабеж. Се собрале раководните, научиле како најлесно може да се приграби, да се присвои заедничкото, па почнале да грабаат, да присвојуваат. Малку скриено, повеќе нескриено, а никој да може, поточно да сака да ги запре. Матни времиња, матни луѓе во раководството. Организирани, договорени матно да остане додека не расчистат, додека не остане нивно сѐ.

Рипнал еден работник, не можел да трпи да го прават будала, пред очи да го крадат. Ене го на улица. Избркан, без работа и замолчен. Ни збор да му исцедиш од заби. Се обвинува себеси оти не можел да мижи, да се прави на удрен, како ништо да не се случува околу него.

А еден друг, што рипнал по него и исто така игубил работа, решил да оди докрај, да тера и да истера правда. Веројатно ќе успее. Што да успее? Да го вратат на работа, замолчен како и првиот, рамнодушен или прифатен од оние што во грабежот веќе загазиле длабоко. Да биде дел од нив. Што ли ќе грабаат заедно кога веќе нема ништо за грабање?

Грабежот не може да се спречи кога сите грабаат! Секој си трга на своја страна и гледа што повеќе да земе, да оттргне за себе од заедничкото.

Затоа сме за никаде, а не сакаме да бидеме ваму или таму.