Европската комисија во Извештајот за Македонија за 2026. година повторно го поставува истиот политички услов за продолжување на пристапниот процес: уставните измени предвидени со заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022. година не се усвоени, а во извештајниот период не бил направен ниту обид тие да бидат донесени. Истовремено, Брисел регистрира одредено реформско движење во јавната администрација, правосудството и спроведувањето на Реформската агенда, но оценува дека кај корупцијата и слободата на изразување нема напредок.
Извештајот на Европската комисија за 2026. година доаѓа во момент кога македонската евроинтеграција веќе подолго време се движи по две паралелни линии. Од една страна се спроведуваат дел од реформите и механизмите за постепена интеграција во ЕУ, а од друга политичкиот процес останува врзан за неисполнетиот услов за промена на Уставот.
Брисел: Немало обид за усвојување на уставните измени
Формулацијата во документот е недвосмислена. Комисијата наведува дека „не биле направени обиди“ да се усвојат релевантните уставни измени кои се однесуваат на заклучоците на Советот од 18. јули 2022. година. Во истиот дел се потсетува дека земјата презела обврска да го започне и да го заврши овој процес, со вклучување во Уставот на граѓани што се дел од други народи, меѓу кои и Бугарите.
Ова практично значи дека позицијата на Брисел не е променета во однос на она што Европската комисија го повторуваше и во текот на годината. Уставните измени остануваат дел од условите за движење кон следната фаза на пристапниот процес. Истовремено Комисијата бележи напредок во подготовката на условите за кластерот „Темели“ – усвоен е патоказот за реформата на јавната администрација, а продолжила работата на патоказот за владеење на правото, Акцискиот план за правата на лицата што припаѓаат на заедниците и патоказот за функционирање на демократските институции.
Тоа е истата поделба што веќе подолго време ја одредува македонската европска политика: техничките и реформските процеси можат да продолжат, но не ја отстрануваат политичката пречка. Panoptikum претходно пишуваше и за предлогот прво да се усогласи Акцискиот план за малцинствата, а потоа да се отвори прашањето за уставните измени, како и за обидите за нов европски формат за деблокирање на процесот.
Корупцијата останува една од најтешките забелешки
Многу поостра е оценката во делот за борбата против корупцијата. Македонија е оценета меѓу „одредено“ и „умерено“ ниво на подготвеност, а Европската комисија констатира дека во извештајниот период нема напредок во спречувањето и борбата против корупцијата. Корупцијата, според документот, останува распространета и претставува сериозна загриженост.
Посебно се посочуваат измените на Кривичниот законик од јануари 2026. година. Според Комисијата, тие не ги отстраниле негативните последици од измените од 2023. година и придонеле кон правна несигурност. Високопрофилните корупциски предмети и понатаму се соочуваат со одолжување, а дел од нив стигнуваат до застарување што ја засилува перцепцијата за неказнивост.
Комисијата бара нов Кривичен законик и нов Закон за кривична постапка усогласени со европското право и меѓународните стандарди, подобар биланс на истраги, обвиненија и правосилни пресуди за висока корупција, како и поефикасно одземање на криминално стекнат имот.
Правосудството се движи, но независноста останува ранлива
Кај правосудството сликата е помешана. Европската комисија регистрира одреден напредок и го наведува продолжувањето на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, како и донесувањето нови закони за Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, платите на судиите и обвинителите и парничната постапка.
Истовремено, во извештајот стои дека независноста и финансиската автономија на правосудството се поткопуваат од недостигот од човечки и финансиски ресурси и од продолженото мешање на други гранки на власта. Европската комисија предупредува и на многу ниската доверба во судството и на политички изјави што можат да се доживеат како притисок врз судии и обвинители.
Преспанскиот договор повторно влегува во извештајот
Посебно чувствителна е оценката за односите со Грција. Комисијата наведува дека соработката продолжува во економијата, инфраструктурата, енергетиката, туризмот и културата, но повторува дека билатералните договори треба да се спроведуваат во добра волја. Во тој контекст се наведува дека членови на Владата и високи функционери повремено го игнорираат Преспанскиот договор, вклучително и преку некористење на уставното име на државата, што според Комисијата создава ризик за добрососедските односи.
Во односите со Бугарија, пак, извештајот наведува дека фокусот во изминатиот период бил на следните чекори во пристапните преговори и на Коридорот 8. Европската комисија оценува дека се потребни видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја, како и дополнителни напори за создавање атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување.
Има и области во кои Комисијата бележи напредок
Извештајот не е составен само од негативни оценки. Во реформата на јавната администрација е регистриран одреден напредок, особено преку проширувањето на електронските услуги и унапредувањето на системот за електронско управување со документи. Македонија останува умерено подготвена во оваа област, иако Комисијата посочува сериозни слабости кај изборот и именувањето на високи раководители во администрацијата.
Позитивно е оценето и ангажирањето во Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда. Во поширокото соопштение за Пакетот за проширување за 2026. година Европската комисија ја вбројува Македонија меѓу земјите што остваруваат значајни резултати во спроведувањето на реформите поврзани со Механизмот за реформи и раст.
Кај економските критериуми земјата е оценета со добро ниво на подготвеност за функционирачка пазарна економија, но со ограничен напредок. Комисијата забележува забрзување на реалниот економски раст во 2025. година, стабилен банкарски сектор и претпазлива монетарна политика, а истовремено предупредува на слабости во управувањето со јавните инвестиции и забавување на борбата против неформалната економија.
Медиумите и дезинформациите остануваат отворени проблеми
Во областа на слободата на изразување Комисијата оценува дека нема напредок. Регулаторот и јавниот сервис и натаму се соочуваат со ограничена финансиска и административна автономија, а државно финансираните кампањи во приватните медиуми повторно се наведуваат како ризик за политичко влијание врз уредувачката политика.
Извештајот обрнува внимание и на изборните дезинформации, странското информациско манипулирање и мешање. Овие закани според Европската комисија сè уште не се доволно опфатени со институционалниот и правниот систем, особено во услови на нерегулирани онлајн кампањи и недостиг од посебен надзор над кампањите на социјалните мрежи. Истовремено, Комисијата ја издвојува Македонија како една од првите земји во регионот што вовела медиумска писменост во основното и средното образование.
Извештајот за 2026. година затоа не дава едноставна слика на „напредок“ или „назадување“. Реформската агенда, дигитализацијата и делови од институционалните реформи се движат, но најтешките точки остануваат речиси истите: корупцијата, независноста на институциите, медиумската средина и политичкиот услов без кој пристапниот процес не може да ја добие следната формална динамика. За Македонија европската интеграција сè повеќе се претвора во тест дали техничкиот реформски напредок може да биде преточен во политички договор што ќе го отвори следниот чекор.










