Потребно време за читање: 2 минути

6. Наврат-нанос

Буле и неговото индијанско племе Смокови многу од сѐ прават наврат-нанос. Спонтано, без долго мислење или замислување. Така им оди? Без да сакаат? Никој не знае, но за тоа никој не си удира секирација на срце и душа.

На пример, ќе се соберат околу оган, баш ко Индијанци, на кејот на Мртва река, така ја викаа реката среде градот оти и за нив, како за сите со еколошка свест, ангажман и борба, Крива река одамна беше мртва валкана, и скоро до полноќ ќе се правеа романтични типоси. Гледаа во ѕвездите и месечината, замислуваа дека сѐ околу нив и во нив е полно со романтика, некој или некоја од нив ќе извикаше неочекувано „Јас се вљубив“ или „Јас сум занесен“, а еден од нив, обично Буле, ќе застанеше среде, крај огнот, и ќе изрецитираше романтична поезија од голема почетна буква до последна точка.

Буле Зелен гуштер, а и Куле дренот, а и Лидија кракатата, а и Митра штиклата, а и Јонче стаорецот, а и Зоре сомот, а и Иле мачорот, а и Томче кубурата, а и Стојмен каменот, сите ептен сакаат поезија. Секако ја чувствувуваат, особено кога не ја разбираат. Па мораат, инаку може да бидат прогласени за цепаници, каменици, оперирани од вибрации во душата и срцето.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Баш вечерва наврат-нанос се собраа да прават романтика. Наврат-нанос зашто случајно забележаа на небото ѕвезди и месечина. Буле ја крена десната рака во знак на поздрав и наредба сите да молчат, никој да не помисли ни да зуцне, па им се обрати со длабок глас во ехо, како во длабока пештера:

-Мили мои браќа и сестри, мое индијанско племе! Јас, вашиот главатар Зелен гуштер, наврат-нанос напишав песна и станав поет! Немој некој да се посомнева дека станав кога ќе ви ја изрецитирам или да се сомнева додека не напишам друга до утре сабајле. Чујте и почујте, прибидејќи ја знам напамет, па после фалете ме кај нашана најмила и најсакана наставничка по јазик и литература Соња Запирката.

Наеднаш настанаа молк и исчекување. Буле напрчи гради и стомак, ја крена главата кон ѕвездите и месечината, како ним да ќе им рецитира, па изрецитира бавно, со правилно користење на запирките, точките и извичниците:

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

-Песно моја засега без наслов,
наврат-нанос ми дојде
секирација на душа и срце!

Се инспирирав да те напишам
од огнов што го запаливме
среде нас
и нема да го угаснеме
дури не станеме, дури
не појдеме на спиење.
За утре совреме,
во добро, весело расположение
да отидеме во нашата чколија
за нешто да поднаучиме.

Песно моја, романтико моја,
ќе фрлам голем камен
во нашава Мртва река
за да оживее,
па кога ќе дојде лето
да можеме
да се капиме во неа.

Ја изрецитира Буле Зелен гуштер својата песна и фрли голем камен во Мрта река. Сите од неговото индијанско племе фрлија по него.

Пред да се разотидат, секој да си отиде во својата дома, Куле обземен од слушнатите стихови извика:

-Мили браќа и сестри, мои индијански соплеменици, утре наврат-нанос јас ќе го фалам нашиов главатар Буле Зелен гуштер кај нашана најмила и најсакана наставничка по јазик и литература Соња Запирката. Не само тоа, туку ќе ѝ предложам веднаш да му стави петка, да му ја зацементира и до крајот на годишнава чколија да не му го проверува наученото односно ненаученото.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Потоа сите закимаа со главите, во знак на одобрување, па наврат-нанос се разотидоа, секој си отиде во својата дома.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here