4. Во длабоко мислење
Буле е сега во длабоко мислење, а го пикна, просто го турна во него татулето му со две прашања едно по друго: „Како на школо?“ и „Оди ли?“. Буле одлучно му одговори дека на школо е така и така, а тоа ниту одело, ниту ќе оди некогаш. Школото е цврста градба, од бетон, железо и дрво и нема шанса тој и кој било да го помрдне од место.
Сега Буле длабоко мисли за школото, неговото школувањето и на Индијанците во неговото племе Смокови. Ич не е задоволен од сѐ во врска со тоа, дибидус од школувањето како такво никакво. Мисли длабоко и гласно зашто е во неговата куќна гајба два со два, со затворена врата да не може ни глас да излезе од неа дури и уши да залепиш на неа. Пред него го ставил големото огледало од спалната таткина и мамкина за да си го мести, да си го гледа и контолира лицето како ептен загрижено, а пред сѐ и над сѐ мудро.
-Зошто човек треба да учи и глава да му бучи дури е дете и млад, ама не мора кога ќе порасне, ќе напрај едно, две, преку сила три деца, па дење, може особено ноќе да умира од работа и сешто да прави за фамилијата да му живее на здрава и што повисока нога? Нели мудрите од антиката до денес велат дека човек учи цел живот зашто сега знае дека ништо не знае?
Се гледа очи в очи во огледалото, уште повеќе потонува во длабоко мислење, па продолжува:
-До кога со тоа реформите? Уште пред да почнам да учам за нив слушам! Ма јас тоа по најкратка постапка. Како се викаше?…Аха, декрет. Ма јас тоа со декрет. „Од денеска на школо ќе учи секој, а ќе знае која сака да знае. Од денеска се укинуваат проверка на знаење и оценување. Ма тоа е ноторна глупост! Кој сака нека се проверува секој ден ако сака, нека му го оценуваат знаењето и незнаењето профите и профките колку му душа сака. Кој не сака не мора, за да нема гајле до утре сабајле. Школото дефинитивно не е за воспитание на младите партиски и надпартиски сили. За воспитание се Интернет, Гугл, Википедија, мобиљка последна марка, Фејсбук, телевизија чат-пат и забава, дајте забава. Воспитанието е дома и најпрвин за дома. Школото е првин за дружење, за заедно сме посилни, за први, втори и преку сила трети љубови, за разбирање на светот како глобално село и град, со сељачишта во град и граѓаништа на село, па по малку за учење директно, физички и онлајн, а најмногу за забава. Дајте забава од сите спортови до пливање и џускање со лајт шоу.
Пак се гледа очи в очи во огледалото, виѓава дека фризурата му ја нема логиката и заклучува дека мора под итно да му појде на неговиот фризер за правење коси. Уште повеќе потонува во мислење, па продолжува:
-А едно нешто никако не ми иде ко школство. Тоа бубањето! Прво тоа мора да се забрани со декретот. Ене ја Мира Штркољкана. Никој ко неа. Ма тоа е невидено и нечуено бубање! Таа сѐ набубува од А до Ш и назад. Од кај толку да памети набубано и никогаш да ја фати профа или профка да не ѝ текне моментално?! Е, ама ако ја сецнеш негде на средина готова е! И мора пак од почеток. Права Штркољка. Не дека ми иде на живци, не давам ни пет пари оти ми се пушта, ами никако не признавам бубање кое значи учење без мислење и разбирање. За кој мој или нејзин е тоа? За да е најдобра? А бе ај!
-Буле, кај тебе ми е огледалото?-му се јави мамето.
-Да, мамуле, ти го зедов за да си се изнагледам пред да излезам на проводење.
-Ај донеси ми го и јас да се изнагледам пред да излезам со татето ти на проводење.
Буле за последен пат се гледа очи в очи во огледалото, заклучува дека е добар, добро сокри што му фали, не само фризурата, заклучи дека му мина времето на потонување во мислењето, го зеде огледалото и излезе од гајбата.