15. Главен проблем на Куле
Ми се жали братот на Буле, Куле:
-Знаеш, јас како Куле добро знам дека мојот главен проблем е главен и на Буле. Тој ретко го признава тоа пред широка маса, како што е нашата банда односно племе односно партија, и тоа само кога ќе се најде во тесно и небрано, ама тоа е фактографија. Нашиот главен проблем е паметењето односно заборавањето на ученото, приученото и недоученото на чколија. А бе ни се случува да се отепаме од учење дури не научиме напамет или ко напамет, ама кога ќе нè дигне некој од наставниците или некоја од наставничките за да не испита, мозоците што се вели ни се закречуваат, односно по македонски ни се заваросуваат, па не можеме ни да гукнеме! Во таков случај наставникот или наставничката или си молчи, нема намера ниту на прв збор, ниту на прва буква, ниту на прв број да нè потсети. И уште згора на тоа, ич не ни верува дека знаеме. И данге кец, бандера! Или двојка поради затоа што сме му на пример симпатични и сме гукнувале понешто претходно. Па после сме на жива ем мртва мака дури пак не научиме, приучиме или недоучиме и да ни се трефне мозоците да не ни закречат, односно по македонски не ни заваросаат. Нормално, во таква поволна ситуација одговараме напамет или ко напамет, од запирка до точка, од А до Ш што се вели.
Му давам совет:
-Проблемот што го имаш ти Куле, како и брат ти Буле, е баш во учењето напамет или ко напамет. Учете со разбирање, па на чколија сè ќе ви оди подмачкано. Стручњаци за учење откриле дека учењето напамет или ко напамет не вреди за ништо зашто не се памети односно се заборава моментално. Со други зборови, мозокот прима така учено, приучено и недоучено, ама применото брзо му испарува.
Ми противречи:
-Се согласувам, ама за учење со разбирање треба објаснување детално односно така за да се разбере. А нашите наставници и наставнички, чест на исклучоци што ги исклучувам, малку се трудат на тој план. Не поради тоа зашто не им е до трудење, туку поради тоа зашто немаат време за детално објаснување.
Му негирам и му давам совет:
-А зошто прифаќате така? Зошто не протестирате, мислам организирано и масовно? Многу е просто. Прво и прво на час не им давајте на наставниците и наставничките да почнат нова лекција додека старата не ви е разбрана, а второ и второ кога учите дома барајте од вашите татичиња и мамичиња не да учат со вас наместо вас, туку да ви објаснат детално односно така за да разбирате.
Ми реагира прилично нервозно:
-Ја мајката! Прво и прво, ако наставниците и наставничките не знаат со разбирање. Ако, пак, знаат, ќе знаат да ни го предаваат знаењето со разбирање. И што? Џабе протести, а лекциите ќе ни се натрупаат, па ај тогаш научи, приучи или недоучи да те видам. А како второ и второ, нашите татичиња и мамичиња имаат големи проблеми со труд, работа и партиска припадност да ни обезбедат стандарден живот, та тамам работа наместо по работа да одмораат се уморуваат за да нè научат односно да не преслушаат што сме научиле.
Веќе ме нервира, па се обидувам да заклучам:
-Значи, нема чаре? Морате да терате како што терате? Главниов проблем твој и на брат ти Буле да си стои така, нерешен и нерешлив, а оценките за наученото, приученото и недоученото на крајот од учебната година да ги средат вашите татичиња и мамичиња од една, и профите и профките од друга страна.
Ми заклучува.
-Не бе, има чаре! Чарето е ако јас, Буле и бандата односно племето односно членовите на нашата партија се ангажираме не политички, туку реформистичко-образовно за оценување на знаењето со разбирање. Конкретно, наставниците и наставничките ние да ги оценуваме за знаењето без разбирање со оценки од еден до пет, а од нив да им зависи не политичката и политикантската, туку професионалната односно наставничката кариера.
Му прифатив да ме заклучи.