ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, XXII, 409-470

Потребно време за читање: 3 минути

409. Да не си ми во кожата додека создавам мислечки и книжевни дела! Подносливо мачно.

410. Не вреди да игнорираш или омаловажиш поголем од тебе. Он е рамнодушен спрема такви како тебе.

411. Со свој свет во нечиј.

412. Не е добро кога некому не му е добро.

413. Без оглед на сè, ме има и кога ме нема. Додека ме има.

414. Најголемо бесрамие по победа по секоја цена.

415. Стар бел дедо:
Дома незнаен, непризнаен, а почнале да ме „откриваат“ во „странство“ како „една од водечките мислечки и книжевни личности денес во светот“!?
Не знам што значи ова, ми „мириса“ на идиотска шега (можеби од некоја северномакедонска политичка кујна), а и воопшто не ме интересира!

416. Една држава колку е самостојна и независна, толку е развиена и перспективна.

417. Нема демократија од избори до избори.

418. Повеќе според потребите, помалку според можностите.

419. Не може една без другите страни на светот.

420. Секој свој со мене.

421. Меѓу црно и бело сиво или розово.

422. Јас мислам и создавам дела. Сè друго за мене е сосем неважно.

423. Секој за друг колку што му сече умот.

424. Што мислиш ти за мене?! Ама јас не ни помислувам на тебе!

425. Муртинецот или кој било од неговите да одговори:
North MaKedonia, со официјална кратенка NMK (значи, не North Macedonia како што е според Преспанскиот!), се наоѓа северно од или на север од?

426. Ајдеее!
Ќурката ракоплескала на проектот „Скопје 2014“!? Како бре?!

427. Од антимакедонските партии се слуша сè поочаајно:
„Спасувај се кој како знае, умее и може! Народот се разбуди!“

428. Нема каде да бегаш и нема каде да се криеш од вистина.

429. Луѓе, уште малку време за трпеж, па со стапови в раце кон крпеж.

430. Нема од властодршци според заслугите.

431. Како да се разбереме кога ем не разбираш ем не знаеш?

432. Се струполи во празнотија по долга лична борба против подлости и зла.

433. Знам за кого и против кого. Не треба никој да ме убедува.

434. Само да те видам уште еднаш, љубов. Не мора ти да ме видиш.

435. Секогаш со луѓе самосвесни, самокритични и самостојни.

436. Туѓински силници избираат платенички силници за да владеат со слабаци.

437. Не чудно, а смислено итроманско однесување на слуги покорни, договорено со својот господар за победа по пораз.

438. Или ќе се исправиме или ќе коленичиме ако не можеме да избегаме од пустошијава.

439. Им ставиле оглавници на коњите кои ги јаваат и јареми на воловите кои беспоговорно им слугуваат.

440. Наместо да се прашуваш што другите, одговори си зошто веќе никој не сака со тебе.

441. Бегај дури имаш време од несреќен, понижен, а гневен народ.

442. Што љубовта за тебе? А што ти за неа?

443. Тој знае што и како, но никако да узнае дали и кога ќе зависи од него.

444. Кој мешал за да биде по негово, ќе меша дури не домеша.

445. Вредноста може, но не мора да има врска со допаѓањето. Исто и со убавото.

446. Кој смислено и решително тргнал кон своја цел, никој со ништо не може да го сопре. Може само да му го забави одот.

447. Игнорирај, ама не толерирај.

448. Кој бара се повеќе, ќе го изгуби и она што не требало да го добие.

449. Тешко на мудроста против глупоста на власт натурена од силник.

450. Поезијата е возвишена игра на слободен творечки дух.

451. Сегашност и иднина на зрелоста на човекот:
Мислење наместо молчење, наспроти гледање и слушање.

452. Да ти дадам совет, но што со него кога веќе си решил?

453. Мора да биде добро кога е веќе се лошо.

454. Ние двајца не во еден живот, а во два ни блиски.

455. Во историјата единствено се важни вистината и трагите до неа.

456. Човек не е сам и кога е сам-ако е со себеси.

457. Сум рекол и пак велам:
Не се во свое, туку се во мое време.
Значи, ненаметливо, ни забрзано или забавено, смислено, домислено и совреме.

458. Почитувам сечии години, а си ги сакам моите со се што сум преживеал и преживувам во нив. И очекувано и надежно и ненадејно.

459. Психофизичката преумора бара и одмора и одбрана од нејзината навалица.

460. Ако не можеш да се спротивставиш на зол човек, оддалечи се од него, одбегни го, тргај му се од патот.

461. Науката без култура се сведува на егзистенција на човекот во просечност.

462. Само творечкото сомневање создава дело. Секое друго ја негира човечката постојаност.

463. Не барај лична одговорност на властољубец за од него сторено или несторено.

464. Ни црна ни бела предизборна кампања не им помага на оние што изгубиле доверба дури и кај своите послушници и измеќари.

465. Најголем политички пораз е згаснување на политичка партија по целосен дебакл на избори.

466. Стојам настрана и рамнодушно ги следам собитијата кои лично не ме засегаат.

467. Конкретна дејствителност и творештво според годините.

468. Страв од власт ги заробува и умот и телото.

469. Неминовен пораз предизвикува очај, а тој омраза, зло и пакост.

470. За љубов и во љубов ништо излишно и залудно.