6. Секако? Никако!
Здраво-живо народецу мој,
Ти знајш дека ја дење-ноќе мислам, промислувам, домислувам за сè што нè снаоѓа и допрва секако ќе нè снајде или може да нè снајде. Ма се отепуам од мислење и премислување. Просто око не склопувам. Знам, знам, не е тоа за моиве старцки години, а да не ја спомнувам снагата ми и здравјето ми ко трошна куќа. Ама што да праам? Тој сум, таков сум. Таков ме праеле, таков ме напрајле и таков напраен ќе си умрам. Не бе, ич не ти се жалам. Само сакам да ти кажам дека мислам, промислувам и домислувам оту ептен се секирам? Ептен се секирам за ова сè што нè снајде, што нè снаоѓа и ќе нè снајде допрва. Ја спомнав државичкава ни? Што имам да ја спомнувам? Нема кој не знае што е, што напрајвме од неа, што ни напраија со неа и што ќе биде скоро од неа. Ја за то другпат, ако дај Господ.
Ја знам дека е едно да си филозоф, а сосем друго да филозофираш. Филозофо е учен да мисли длабоко, односно сè она што го мисли да го мисли од сите страни, длабоко и широко. Ако си филозоф, тоа значи дека ги знајш сите од прв до последен големи и важни филозофи на свето, па и малите и помалу важните филозофи во историјата на филозофијата. То значи исто така да ги знајш филозофските школи што биле дамна и што се сега. А најпрво од прво е дека треба да си роден за филозоф.
Друго и трето и четврто е да филозофираш. Сакам да речам дека треба да те бидува за филозофирање. Ја мислам дека за то треба да те бидува ептен ако не сакаш да си просечен, ко секој што филозофира за што било. Да филозофираш, тоа значи да се фатиш за нешто важно, најдобро за ептен важно и да се стајш во психофизичка позиција што се вели. Сакам да речам да си стајш на лице филозофска фаца, демек да изгледаш ко замислен длабоко. Можи и прст да си стајш на чело, па да застаниш ко филозоф пред некој или некои и да почниш да филозофираш. Ја мислам дека последново е најважно за филозофирање. Заошто? Прибидејќи ќе ти биди џабе филозофирањето ако си филозофираш сам за себе. Исто ко да филозофираш во празно.
Знајте што е најтешко во врска со сето ова, лујѓе мои? Ја да ви кажам: најтешко е да си филозоф кој филозофира. Полека, не брзајте, ќе ви објаснам. Ја сум ви баш погоден за објаснување прибидејќи, ко што знаат мнозина кои ме знаат, ја ко дедо Громче сум баш таков, баш еден од ретките такви во ова наше турбо…тур…турболентно невреме. Така се вика кога времето е невреме ко што е нашево, нели?
Значи, ако не знајте треба да знајте дека филозофо кој филозофира е по правило опитно старче, ко што сум ви ја, кој минал и поминал што сè не во живото; кој преживеал, доживеал сè и сешто, па за среќа е уште жив и поприлично здрав. Макар не бил на нозе. Таквото опитно старче не збори многу, ама ко ќе кажи нешто кажано му је. Ко што велиш ти, народецу мој, од уста не му излегуаат зборој ами алтани. Демек, сè кажано од него вреди и е за паметење, а она што не вреди е за забораање. Филозофо кој филозофира збори бавно оти зборојте не само што му се ко алтани, ами и му се тешки оти се полни со памет. Добро де, не е тоа баш секоаш. Ко на секој чоек, и на филозофо му се случува да филозофира од немајкаде што се вели, сакам да речам заошто не му е погодено времето или расположението за филозофирање. Нормално, тогаш знај да тресне и понекоја зелена, ама то му се проштаа. Тие на кои им филозофира се преправаат ко да не го слушаат, ко да се недоветни, не му прифаќаат здраво за готово и ич не им е тешко да му го издржат таквоото, скоро или дибидус празно филозофирање.
Ме прашуате за што филозофот најчесто и најмногу филозофира? Прибидејќи знам дека ме прашуате за да не се прашуате, ај да ви кажам: најчесто и најмногу филозофира за живото и времето во кое живото го живејме ние. За тоа филозофира долго, длабоко и широко, посебно кога ќе се најде во расположение за филозофирање.
Ја сум филозоф кој филозофира? Ја ко дедо Громче обично не сум, ама можам да бидам ако сака некој или ако некој запне да бидам. Ако разбравте што кажав сега и досега, би можеле да ме земете ко пример на дедо кој просто не можи да не мисли дење-ноќе, да промислува за сè што нè снаоѓа и допрва секако или може да нè снајде. Прво прибидејќи си ја глеам староста и немам друга работа, а второ и трето и четврто дека ми е сè кристално јасно што се вели, баш ништо не ме изненадува, а ми е ептен криво и ми прај многу мака на душа и во срце то што непрао праат оние што скришно праат против сите нас што сме ги избрале да праат за нас. Ма просто не можам да издржам да не кажуам што мислам и зошто мислам ко што мислам. Некоаш ми иде да станам, да рипнам од место и да се ставам на твое чело, народецу мој, па заедно сè да напрајме ко што треба да се напрај.
Туку, да си кажам сега за што сега и во последново време се отепуам од мислење и премислуање. Просто око не склопуам, иако не е тоа за моиве старцки години, а ни за снагата ми и здравјето ми ко трошна куќа. Се отепуам, просто око не склопуам, а можам да речам и филозофирам ко филозоф за секако никако.
Што значи секако? Секако значи дека чоек можи секако односно како било. Секако најмногу праат политичарите и зато ја лично многу многу не ги шајкалам. Сакам да речам дека секако значи прилагодуање на дадена, најчесто наредена, да речам и натурена ситација. Од кого дадена? Од кого било, а најмногу од оние што на пример ти ги натуриле тебе, народецу мој! Кои се тие? Најчесто ги викаме стратешки партнери, а не си ни едно ни друго туку диктатори. Или, да бидам прецизен, точен и јасен, партнери што диктираат. Ќе им издиктираат како и тие така, па друго ќе им издиктираат и тие така, па трето и сè така. Многу важно за тие и таквите, едните и другите: тие односно едните диктираат секако, како им чини, еднаш вака другпат така, третпат онака, ко што им е интересо стратешки и тактички, а таквите односно другите, на кои им диктираат излегуа дека се прилагодуаат и праат секако. Зато ја сум никоаш и никако за секако. Зато што ја ко дедо Громче по сè што сум претурил преку глаа знам дека најнакрај секакото при што било и при како било прај катастрофа. Чоек можи секако? Можи, ама е големо прашање што чоек е. Секако е несаглам.
Најнакрај да ви кажам ко филозоф кој филозофира:
Ако морате секако, поарно е никако!
Можам уште за ова, за секако никако, ама ај нека е доста. Да не претерам, да не испадне на крајот дека не сум филозоф а филозофирам.
Мислам дека веќе знајте оту ја ко ќе кажам кажано је. Секако је!