Потребно време за читање: 5 минути

27. Убајните и грдотиите сосе груботиите

Здраво-живо народецу мој,

Приметуам оту во последново наше време сè помалу си думаме, си прикажуаме и си распрааме за убајните и грдотиите сосе груботиите најопшто и најпосебно. Не знам заошто. Али од шо се многу едните визави другите, али од шо се редат едни по други. Така шо чоек да не можи ни да се најди себеси меѓу нив ни со нив, а камо ли да поживеј одржувајќум им го рамновесието во живото свој. Па еве, мене ми дојдоа на ред онака, преку ред. Поготоо зато шо мене ја ми се гледа ја ми се чини оту грдотиите сосе груботиите ко да ги надвладуаат убајните, та ко да се сè појќе на број и си се навикнуаме на нив. Дури ко да не мојме без нив! Ја просто напросто не знам шо живот ќе ни биди со сè помногу грдотии и груботии визави сè помалу убајни.

Да ми е жива и колку-толку здрава Громојца моја, знам шо би ми рекла за оваа проблематика, ко шо се вели стручно. Ја цитирам: „Ти бре, дедо Громче, ко да немаш друга работа, па си се фатил за убајните и грдотиите сосе груботиите. Остај ги, тргни им се настрана и глеј си ја староста. Не ти требаат ни едните и другите…Остај им ги на лујѓето сами да им се редат едни со други, едни по други, едни врз други али едни против други“. Баш така би ми рекла, од збор до збор. И ко шо ни беше редо, ја само ќе ја погледав убоо али малу грдо, топло али малу ладно, напоречки али ко да ми е сè рамно, и ќе ги баталев. Е, ама коа не ми је жива и колку-толку здрава…

Туку, лујѓе мои, ја стварно не домислуам шо е со убајниве и грдотииве сосе груботииве во живото наш насушен. Живото ни го напраија страшна работа! Да не мојт чоек да се соземит од нив, да се стабилизира шо се вели, па да ги стај во рамновесие и да си го продолжи остатоко од животнио пат меѓу нив. Одозогора на то грдотиите појќе навалуаат од убајните, та ми изглеа ко да стануате сè погрди! Шо, признаам, во поим ме разнебитуа. А најодозгора на то, грдотиите, ко шо се знај добро, обврзателно идат али се заедно со груботиите. Што ќе речи за да се доречи: грдотиите и груботиите ги урнисуаат убајните дотолку, да тие не мојме ни да ги припознајме.

Прочитај и за ... >>  ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози, 40

Шо сакам да речам конкретно, за ко секогаш од мене кажаново да је кажано? Сакам не само да речам оти живото е таков шо не мојт без убајни, грдотии и груботии, ами и да доречам оти живото е со од нас убајни, грдотии и груботии, ама и со од соживоти али животи на други. Ме разбирате, нели?

Да не остани нешто неразбрано меѓу нас:

Ја на пример си ја зедов мојата Громојца за невеста лично и најпрвин од убајна за убајна. Сакам да речам дека ја зедов оти нејната убајна и стројната ѝ снага прва ми легна на срце и не ми стана. Не ко другите момоци во селото кои си земаа невести со стројници, при то не виѓавајќи ги сè дур` не ќе се заречеа на љубов и верност до смрт. Отко ми падна во очи нејната убајна, не можев да се смирам и ноќум и денум дур не ја зедов за невеста. Да ми е сега жива, и таа ќе ви го речеше истово, односно оти најпрвин ме зела поради зато шо ѝ паднав во очи со мојата убајна и кршната ми снага. Таков бев ко момок ја. Со други зборој, убајната ни ги врза животите, од младос до старос, а ја можам да ви се аргументирам оту и по нејната смрт и по мојата, ко ќе ми дојт ко шо пишал Госпо во китапо, таа-убајната на другио свет пак ќе нè врзи за вечни времиња.

Прочитај и за ... >>  ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози, 45

Да ти кажам прао, народецу мој, живото наш, мојо и на мојата Громојца, ни беше со многу убајни, ама имало и не малу грдотии ем груботии. Многу појќе од самио живот и од други одошто од меѓу нас. Прво отепуачка од сиромашија, работа до премалуање и ничкосуање наземи, да се преживеј како-така, ко шо се знај како е да зависиш од родо на земјата каква-таква, колку-толку родна. Грдотиите беа имање колку за два-три дни по еден, немање и гладуање, носење крпени алишта и дупнати опинци, маки неброени, самоизлекуање од секакви болештини. Груботиите, пак, со ноќи и деној сал мрачнини на земја и на небо; чоек бел ден да не види, чиниш ојде во неврат свето. Па од преработуање во секакви времиња и невремиња браздосани дланој и брчкосани лица, од преумора свиткани снаги, од војвање во туѓи војски траги на отворени и едвај излекуани рани, да де од ножој и куршуми. Богами ептен големи груботии по војни и одмазди со многу смрти. Да редам други? Не. Ми е смачено од ними…Можи за сите вас од дедо Громче уште ова исто за грдотиите и за груботиите: тие никогаш ништо не ѝ можат на природната убајна. Мислам на убајната шо и на природата и на лујѓето им ја дал Госпо при праењето на свето, ама и на придодаената во живото. Пред неа никој не можи да биди рамнодушен, да не се возбудуа, нито некој можи да ѝ се приближи со својата. Ни маж ни жена. Па баш зато неа треба да си ја чуваме и да си ја браниме сите, сè дур` сме живи и колку-толку здрави.

Прочитај и за ... >>  ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози

Ќе признам дека едвај издржав да не ги спомнам политиката и власта. Ама појќе не ми се издржуа! Морам да ги стаам во сооднос оти во невремево наше се баш во корелација, ко шо се вели стручно.

Добро се знај дека политиката, а особено власта шо се добива со политика, шо значи политизираната власт нема никаква убајна. Се лажат и оние шо се во ними. Во ними ама баш сè е грдо ем грубо. Дури и она шо можи да се чини оту е убоо. На пример богаството стекнато одозгора на то. Најпрвин кога е во прашање и под прашање народо и негоата држава, потем дур` се тера политика и се владеј, а најсетне и најмногу откоа ќе се изгуби власта. Откоа ќе се изгуби, грдотиите и груботиите излегуаат на поврвнината на секидневнио живот, испливуваат на виделина шо се вели, та можат и да го сотрат живото. Просто напросто, чоек кој бил на власт па ја изгубил не можи да се помири со губењето, камо ли да се помири шо веќе не е власт, па пука, па се самоутепуа. Ич не претеруам! Да, да, можи да дојди и до самоутепанство.

Некој сака да ме попрај оти не зборам за политика и власт, ами нив ги мешам со политикантство и властољубие? Нека не пробуа. Дедо Громче никоаш не греши и не меша. Во случајов политиканството и властољубието се грди и груби сами по себе, та никому не му ги препорачуам. Доста ќе ви е да ги погледате и да им ги согледате на нашиве политиканти и властољубци. Гарант ќе ви се смачи и ќе се избербатите од повраќање.

Ве остаам сами да доразмислите и да доумите уште за убајните и грдотиите сосе груботиите во живото.

Да си кажам на крајо за да не остани некажано:

Ја ко ќе кажам кажано је!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here