146. Јас книжевник за дневната мудрост
како Јас блогер во Јас обичен смртник
Незнаењето, нестручноста и некомпетентноста, волунтаризмот, еклектицизмот, примитивизмот, медиокритетството-се едни од тн. „дежурни теми“ на денешните најревносни промислувачи кај нас. Причината е едноставна, дури банална: тие се сеприсутни во нашето живуркање и опстојување; тие нѐ туркаат сите нас сѐ подлабоко во бездната на бесперспективноста; тие станаа единствен „успех“ на конкретните ангажмани на политичарите и во власта и во опозицијата.
Не чувствувам никаква потреба претходнава констатација да ја поткрепувам со „крупни“ примери. Напротив, овојпат ќе приведам еден „ситен“, а всушност дел од „најкрупниот“: заштитата на интелектуалната сопственост. И веднаш ќе се оградам од она на што таа се сведува кај нас, а згора мошне успешно се спроведува: заштитата на музичките и продукциските права.
Дали ви е познато дека кај нас, кога би се обиделе, нема шанса да успеете да заштитите авторство, на пример на некој назив односно наслов во електронски или печатен медиум? Се разбира, притоа не мислам на генеричките поими кои не им се познати ниту на некои „компетентни“. (Па еден од нив еднаш донесе скандалозно ступидна забрана токму поради незанењето што е тоа генерички поим.) Мислам буквално на оригинален назив или наслов на рубрика, емисија, радио или тв-програма. Да не спомнувам програмска концепција односно програмска шема.
Конкретен пример: насловот на прилогов-„дневна мудрост“ е оригинален, мој, и се однесува на една многу суштинска, пред сѐ (но не само) филозофска содржина. (Оригиналноста се брани токму со филозофскиот предзнак). Е, на „некој“ многу му се допаднал и си го присвоил за „свои потреби“, без притоа да се потруди да ги дознае, сознае, научи значењето, смислата, содржината:
Таа не е за дневна употреба или за еднодневно траење. Таа не е за, туку на денот, што значи дека има исто значење како „мудрост на денот“. Дневна е затоа што се користи, односно се препорачува да се користи на конкретен ден, а потоа и во секој нареден. Затоа што мудроста не е мудрост ако трае само еден ден.
Впрочем, секоја „дневна мудрост“ би требало да е трајна и бескрајна, а се презентира не како „искра на мудроста“, туку токму како вонвременска. И, што е особено важно: таа е активна-активистичка (што има пошироко значење од актуелна, актуелизирана).
Кога дневната мудрост би се толкувала како „дневна“ односно за ден, тогаш тоа би претпоставувало дека постои и „ноќна“. Се разбира дека постои, но таа е различна единствено во однос на содржината. На пример, „ноќна“ не би можела да биде со „борбена“ содржина, освен, да речеме, со љубовна. Но, тоа е веќе во рамките на една теоретско-практична област која се нарекува именување и е дел од дизајнот, имиџот, брендот, препознавањето. За што е потребна посебна стручност-специјализирано знаење.
Што се однесува на проблемот со заштитата на интелектуалната сопственост, еве само колку за пример од електронското издаваштво, поконкретно Интернет: оние што не знаат, можат лесно да проверат колку вреди заштитен оригинален назив-наслов.
Имено, постои една мала држава во светот, за која многумина не ни слушнале, а која „дебело“ заработува благодарение на заштитената кратенка на своето име, а која случајно (дали?) се совпаѓа со „најмасовната“ на светот-телевизијата. Не станува збор за досетка, финта, туку за длабоко промислена заштита на дел од комплексна проблематика која се нарекува-идентитет!