АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 7 минути

8. 8. Услужно (сервисно) радио

Во ова поглавје ќе го дефинирам тн. услужно (сервисно) радио, имајќи предвид дека според програмската определба, програмско-уредувачката политика и развојна стратегија, но и според програмската структура е (треба да биде) во најнепосредна корелативна врска со комерцијалното.

Според една дефиниција на Паоло Валмарана, услужното или сервисното радио (вториов назив е поприфатлив) му помага на слушателот да ги разреши малите дневни проблеми, но неговата задача не се завршува на тоа. Услужното радио „не треба да го изедначуваме, односно поистоветуваме со збирка практични совети или со прирачник како добро да се живее, или со антологија на љубовна коресподенција”1) Основна задача на услужното-сервисното радио според овој автор е „да ја забрза зрелоста на слушателот, а со самото тоа и на општеството. Тоа е радио што ќе му помогне на слушателот подобро да ја сфати реалноста што го опкружува, реалност која не е ограничена со тенџериња и слатки, што се сведува само на прашањето за состојбата на патиштата или за правилата на социјалното осигурување”2).

Преферирајќи го активниот, а не пасивниот однос на слушателот спрема сервисното радио, основната заложба е тоа континуирано да му помага на слушателот во сопствените активности, во секојдневната комуникација со околината, со средината во која живее; му помага да ја искажува и потврдува сопствената личност и успешно да ги совладува секојдневните животни задачи, проблеми и дилеми.

Еден друг комуниколог, Жак Васер, ја истакнува улогата на сервисното радио, особено во поврзувањето на слушателот со изворот на информацијата. Во еден свој прилог тој сервисната информација ја дефинира како „практична информација која може да се користи за да се реши еден одреден проблем”3). Со други зборови, сервисното радио мора постојано да одговара на потребите на слушателите, секогаш да им биде „при рака“ во секојдневните активности и да им помага во изнаоѓањето на најпрецизните одговори на прашања што му ги поставува ритамот на денот.

Значи, една од основните карактеристики на сервисното радио е доволно информации корисни за слушателот, и одговори на потребите и барањата што ги иницира неговото секојдневје. Тоа едновремено претпоставува и коресподенција со него (директна или индиректна) и , следствено, комуникација на радиото во поширока смисла (посредна, непосредна-низ програмата, емисијата или рубриката, по пошта-испраќање на писмени одговори, документација и сл.).

Сервисното радио е пред сè активистичко радио, има дури и улога на мобилизатор, па и организатор на акција. Сервисната информација не е само дали некои патишта се затрупани со снег, туку и повик тие да ги исчистат одговорните служби, а доколку има потреба и со пошироко ангажирање на слушателскиот аудиториум. Натаму, сервисното радио мора да биде „навремено“, па според тоа најцелосно може да се оствари во отворените контактни програми. Сервисната информација мора да се нуди во „вистински момент“, што значи тогаш кога таа е природен, составен сегмент на вообичаениот секојдневен животен и работен ритам. И конечно, сервисното радио не ги селектира своите практични информации, туку ги групира. Селекцијата ја врши единствено во однос на нивната ефикасност.

Особено интересно за развојот на услужното (сервисното) радио, и како современ тренд започнат уште во 80-тите години на 20, век, е неговата услуга (сервис) во областа на културата. На програмски план тој тренд и кај нас доби свое значење, но само сегментарно-во рамките на информативните и информативно-забавните програми.

Во спомнатиот прилог на Ж. Васер, инаку мошне инструктивен за концепирањето на сервисното радио или на сервисната програма, емисија или рубрика, се нотирани залагањата на радио-сервисот за култура на програмите (France culture). Основно е воспоставување дијалог со аудиториумот што ќе овозможи: изјаснување на слушателите за една тема според нивниот избор; одговор на поставени прашања преку телефон или преку писма; средба со публиката во холот од музејот на пример; и „присуство во провинцијата, и соработка со универзитетите“4). Притоа, посебен акцент се става на начинот на презентацијата на сервисната содржина. Јасно е дека таа жанровски има пред сè информативно-селективна форма. Селективна во смисла да се презентираат и афирмираат оние културни настани, манифестации и творби кои веќе имаат проверени и потврдени вредности. Од друга страна, валоризацијата бара повисок, поаналитичен новинарски ангажман (осврт, коментар, рецензија), но не „едномислен“, туку во коресподенција со други ставови и мислења, со оние на слушателскиот аудиториум. Анимацијата на слушателот за културните случувања и ведности во рамките на радио-програмата подразбира и соодветна „партиципација“. („Јас одам на оние културни приредби што ми ги препорачува, на кои ме упатува моето радио“-изјава на слушател.) Меѓутоа, таквата „партиципација“ е само еден дел од сервисирањето. Многу е поважно, и во тоа се потврдува вистинската вредност на услужното-сервисното радио, кога тоа се става во специфична „соорганизаторска“ улога; значи, едновремено, синхронизирано случување, дејствие „на сцената“ и на „сценското радио“. Во тоа е суштината на тн. „радио што се гледа“, кое во последно време доживува невиден подем во светот. И најпосле: „создавањето“ култура како трета функција значи директно програмско ангажирање на културно-научни дејци за создавање на трајните вредности на радиото.

Формите на реализација на културниот сервис се различни, а нивната застапеност, и во однос на бројот и во однос на просторно-временската димензионираност, најмногу зависат од типот на радиото, од програмската определба и програмско-уредувачката политика. Воопшто, радиото на современата модерност подразбира користење на најразлични форми и жанри, афирмирајќи сопствен стил и израз. Тоа еднакво се однесува и на сервисното радио, а особено на културниот сервис кој, уште еднаш да нагласам, има мошне допирни точки со комерцијалното радио или комерцијализацијата на радиото, со што едновремено го афирмирам и ставот дека сè повеќе се брише границата меѓу комерцијалното и некомерцијалното-алтернативното радио. Дотолку повеќе што токму културниот сервис отвора можности не само за реализација на постојни, туку и за дефинирање и вградување во програмската шема на нови творечки радио-жанри-радио експеримент.

Ќе приведам еден пример-обид за специфична презентација на културни вредности преку нова (во нашите радио-простори) форма која јас ја воведов во програмската шема на Вториот канал на Македонското радио-Радио Херц. Станува збор за тн. радио-плакат или „аудио арт“; радиска форма или дури радио-новинарски (творечки) жанр (кој сè уште не може да се сретне во литературата за новинарскиот занает, ниту, пак, во студиите за радио-новинарство).

Радио-плакатот (аудио арт) ќе го дефинирам во поглавјето за новинарските и творечките радио-жанри, а во овој контекст само ќе посочам на неговата препознатлива специфика: модификација (прилагодување) на плакатот како уметност и сведување на аудио-визуелниот израз на видео-артот на аудио-уметност (звук-сигнал, збор-знак, глас-дејствие). Со радио-плакатот (аудио-арт) не се нуди само сервисна информација (и не само од областа на културата и уметноста), туку и на настанот-случувањето му се дава вонвременска димензија. Се разбира, во тој творечки чин до полн израз доаѓа идејноста, инвентивноста, изразот и стилот, уметничкиот впечаток, како и пораката што му се упатува на слушателот. (Доколку овој творечки експеримент наскоро се афирмира како творечко дело, можеби ќе присуствуваме и на аудио изложба или дури музеј на акустична-радио уметност, што би претставувало посебно доживување.)

Валоризирањето односно вреднувањето на културниот настан би морало исто така да се остварува со помош на спецификите на радио-изразот, а не како што е сегашната практика-со „рецензии“ кои не им прилегаат на современиот-модерниот радио-израз, односно не ги содржат ниту основните елементи на рецензентскиот пристап кон едно дело или културен настан. Освен тоа, таквиот пристап не соодветствува и на јазикот на радиото, односно многу повеќе е пишан отколку говорен текст. Рецензирањето повеќе се задржува на препораката отколку на критиката. А кога се гради критички однос во рамките на културниот сервис, поголем ефект се постигнува со расправа-дебата помеѓу стручни-компетентни лица пред микрофонот, во постојан-директен контакт со слушателскиот аудиториум.

Се чини најтешка задача сервисното радио (конкретно културниот сервис) има во создавањето на културните вредности. Најнапред, тоа значи создавање на дела или творби од „полесен“ тип (во наводници бидејќи не станува збор за некоја леснотија во создавањето, туку во воспримањето и задоволството од слушање). Мислам на трактатот, есејот, приказот, фељтонот, репортажата, расказот, поезијата. Сите тие во радиска форма, што ќе рече користејќи ги говорните-интерпретативните и звучните елементи. Предзнакот „радио“ кај овие книжевни дела (радио-трактат, радио-есеј, радио-приказ, радио-фељтон, радио-репортажа, радио-расказ, радио-поезија) сугерира создавање на творечки дела (-творечки радиожанри) што треба радиото да го промовираат како медиум со сопствени естетски вредности (радио-драмата веќе се потврди на тој план).

Ја издвојувам појавата на радио-романот кој веќе зазеде свое место како творечки сегмент на радиото на современата модерност. (За него говорам во овој контекст-услужно радио-културен сервис од причина што може да се реализира со двојна цел: како препорака на веќе постоен-објавен роман со радиска адаптација и како посебен творечки радио-жанр.)

Примерот е личен токму на создавачкиот план, но за жал не предизвика поголемо внимание, односно не претставуваше поттик да се продолжи и развива од други наши писатели: радио-роман (така и беше најавуван, со посебен џингл и посебен фон), во рамките на попладневниот термин на „Радио урнебес“ (од 15,00 до 20,00, утврден термин:17,30). Насловот: „Состојби“ (автор јас-Љ.Д ). Подоцна е објавен како роман (преработен) под наслов „Марија и Јасен“. Овој радио-роман се емитуваше еднаш неделно, а секое продолжение траеше 5-7 минути. Целосно беше презентиран во 12 продолженија. Неговата содржина воопшто не беше „урнебесна“, па затоа и отстапуваше од вообичаениот ритам на таа програма, но не ги нарушуваше нејзината структура и содржина. Значајно е што настануваше во текот на емитувањето, од сабота во сабота, од седмица во седмица. Секое продолжение се надоврзуваше на претходното, а истовремено претставуваше и целина за себе. Тоа беше една од неговите специфики. Значи, беше направен прв обид кај нас (пред тоа не е познато нешто слично) да се оформи и постави нов творечки жанр: радио-роман. Се разбира, авторот си постави и некои други „правила“, инаку според теоретски и искуствени сознанија во развиениот медиумски свет имаментни на радио романот: куса реченица, рефлексија врзана за настанот односно приказната-„состојбата“; постапно дефинирање на главните личности; присуство на наратор кој го води дејствието, а истовремено го воведува слушателот во него; динамичен дијалог со брзи пресврти; камерна атмосфера; вообичаениот „законит“ развој на дејствието на романот надминат, разбиен; роман без цврста фабула бидејќи настаните ги водат авторот и ликовите, а не авторот и ликовите да бидат водени од нив; психолошко нијансирање и совладување односно апстрахирање на временските координати; конечно, врвна артистичка интерпретација, особено на внатрешните монолози на главниот лик.

Радио-романот, како и другите наведени творечки радио-жанри (освен радио-драмата) воопшто не егзистираат на програмите на Македонското радио. Едно поради немање творечки „слух“ или „нерв“ кај раководните структури, а друго (како последица на претходното) од што не постои ниту обид да се стимулира (вреднува) тн. творечко радио-новинарство во МРТВ. Се разбира, тоа многу повеќе се однесува на приватните-независните-комерцијалните радија (и ТВ) кај кои воопшто не се размислува на тој план, а веќе реков дека сè се сведува на три „програмски“ заложби: реклама (заработка-профит), информирање и забава.

Уште нешто во врска со основната тема на ова поглавје-сервисното радио. Во концепирањето на една радио-програма, до колку не станува збор за услужно-сервисно радио, тн. сервисен сегмент не смее да се занемари. Значи, заложбата е сервисни програми, емисии или рубрики на кој било тип на радио (и не само сервисни информации со најразлична содржина). Притоа, треба да се води сметка кои програмски делови соодветствуваат на такви содржини. Досегашните сознанија и искуства потврдуваат дека се тоа најпрвин утринските часови односно утринската програма. Меѓутоа, сервисните содржини не може да не бидат застапени и во другите програмски часови, во зависност од намената, целта, структурата итн.

Во терминот од 6,00-9,00 кој, како и речиси сè друго е преземен „необработен“ од европските радио-станици (заборавајќи, на пример, дека станува збор за поинаков работно-неработен ритам на слушателите, дека постои тн. европско работно време и денот има сосема поинакво траење, а од што зависи и програмската темпоралност), најмногу се нудат сервисни информации од службите за информирање, временскиот билтен, точното време, настани на денот, а ретко се случува на радиото да се чујат бизнис-информации, здравствен, еколошки билтен, образовно-воспитен сервис, за одделни социјални категории и професии, совети итн. Во продолжението на програмскиот ден, пак, тие се целосно изоставени, а програмскиот ангажман се насочува кон „посложени“ состојби и проблеми на животот, со анализи и согледби, дебати, расправи. Притоа, локалните радио-станици (не и приватните-комерцијалните) се многу повеќе сервисни, но како сервисна служба не се развиваат во правец на понепосредна понуда односно со поголема застапеност на радио-репортерството и поголемо вклучување на слушателите-корисници.
_____________________

1) Паоло Валмарана: „Услужно радио“, Симп.
2) Ибид.
3) Жак Васер. Услужно радио-Дефиниција“, Симп.
4) Ибид.

Leave the first comment