АФОРИЗМИ И ДРУГИ ЈАДРОВИЗМИ, XIX, 61-90

Потребно време за читање: 2 минути

61. Нема ни држава ни општество штом сè се релативизира, сè се обезвредни, а животот се сведе на банално и бесцелно живуркање.

62. Лично пропаѓање во бездна:
Секој во себе, секој само за себе, ништо за нас.

63. Штом не ме бараш дури ме има, нема да ме најдеш кога ќе ме нема.

64. За повторување:
До кога јас? Додека сум јас.

65. Простаклакот ти е најизразит кога имаш зашто немаш.

66. Нема ни свесност ни самосвесност кај велепредавнички изрод, подлизурко, без`рбетник и политикант.

67. Му се гледа на идиотски насмеаното лице колку е среќен и радосен што конечно е примен од амбасадорот на „стратешкиот партнер“.

68. Напредна мисла:
Човечкото тело е проста и просто-проширена машина со ограничено времетраење.

69. Без цел во беспатје.

70. Знаеш дека браниш неодбранливо, ама браниш оти си избран за да браниш.

71. Ништо од сменето кога мораш да менуваш за да не те сменат.

72. Ни во простор ни во време без смисла и содржина.

73. Колку помалку споделуваме, толку повеќе се оддалечуваме едни од други.

74. Се возхитувам на спокоен и стамен чекор кон догледлива цел.

75. Сонуваш дека сме заедно затоа што одамна не сме.

76. Кажувам и прости вистини што се одамна докажани, но секогаш може да им се додаде ново докажано.

77. А бе недоветен,
Ако Владата на Македонска република успешно се бори против корупцијата, тогаш зошто дојде „да помогне“ американски тим за санкции?!

78. „Ќе биде болно чистењето“, констатираат неизлечиво нечисти.

79. Ништо не може да се почне во нечист крај.

80. Се случува нешто што нема да се дознае додека не се случи.

81. Ќе реши ако сака да реши оној што решава.

82. Нема проблем човечки што не може да се надмине.

83. Се претпоставува зашто невешто се сокрива.

84. Несносливо живуркање со лаги и измами.

85. Поголем проблем за демократијата се политикантските политичари, одошто политикантите и политичарите.

86. Премолчувањето и принудното молчење кога-тогаш преседнуваат.

87. Следам што се случува, предвидувам што ќе се случи и станувам сè порамнодушен. Најмногу поради моиве години.

88. Сè помалу мое време, сè подалечно наше.

89. И уште и уште и уште…Веќе сеедно до кога.

90. Искрено жалам дека не можам повеќе сам од досега и сега.