1. Слатката власт загорчува живот.
2. Му кажувам, му укажувам и му докажувам на оној што сака да ме слуша, да мисли со своја глава и да промислува пред да прави што било.
3. Секоја војна завршува со победа или пораз, па делба или прекројување на граници на освоена територија.
4. Забрзано иде времето во кое животот ќе се темели не на парите и личното богатство, туку на човечките вредности во рамнотежа со здрава природа.
5. Зошто сум изнапишал илјадници страници мислечки и книжевни дела, а уште не престанувам да пипувам? За џабе!
6. Никој жеден и гладен за власт не е за верување.
7. Од маки, јадови и гнев никому уста не му се отвора!
8. Никому од апашиштава властодржачки влакно не му фали на глава, ниту ќе му фали. Без оглед дали им е нивна косата или си ги покриле главите со перики.
9. Едноставен почеток на нов почеток на модерна, развиена, богата и перспективна држава:
На врвот во секоја област врвни-учени, творци, способни и посветени патриоти.
10. На „стратешкиот партмер“ (САД) му одговара апартхејд во Македонска република?!
11. Различностите обединуваат доколку се непорекливи, рамноправни и наспоредни.
12. Скитник:
Без свој дом, никој не го познава, сеедно му е каде е и каде ќе стигне. Цел свет негов.
13. Најтешко и најбавно си докажуваш на себеси дека не те бидува.
14. Незаживеана љубов на овој свет можеби ќе заживее на оној.
15. Може да престанам да објавувам свои дела, но не и да престанам да ги создавам.
16. Се чини веќе неминовно:
Моето грандиозно мислечко и книжевно творештво само мое до смртта и по неа!
17. Прва задача на демократски избрана власт е секому во државата да му овозможи достоинствен живот.
18. Договараат „заедничка“ историја на два соседни народа дебилни квазиисторичари и велепредавнички платеници.
19. Еден дребникав старец создал грандиозно мислечко и книжевно творештво? Добро. И што со него?!
20. Прашање за најголема колективна секирација:
Дали денес има утре за нас?
21. Се договараат големи што да прават со мали, а поголеми од нив.
22. Не се навраќај на она што е криво дека било. Не си од вчера прав.
23. Одамна не си што си бил. Зашто не требало да бидеш.
24. Уживај во сè поредок радосен миг.
25. Одамна не си со мене и ќе бидеш без мене којзнае до кога.
26. Ред и обичаи за спокојна живеачка.
27. Светот на раскрсница:
Или на пат кон денес како досега, или на пат кон утре почнувајќи отсега.
28. Светот на пресвртница:
Не едни спроти други или против други, туку наспоредни вредностите, минливостите и секидневностите.
29. Светот денес за утре:
Забрзана целосна дезидеологизација и департизација, а со цел стручно, мудро и искуствено раководење со сите сфери на колективното живеење.
30. Сè што се случува треба веднаш да се сопре, да се прекине, да се пресече. Неминовни се нови актери на сцената.