4. Викенд во воз
Митра: Морам да ви се пофалам, драги мои. Во ова наше сложено, долгорочно стабилизационо време јас викендувам редовно. Во саботите и неделите без исклучок, а во работните денови онака, со исклучок…Знаете сами какви се исклучоците во работното време. Сега ќе ви раскажам еден мој викенд кој го сметам за историски.
Еднаш решив да си направам викенд во воз. Не со воз, туку во воз. Да видам како ќе биде и што ќе биде. Решив, па ако ми се допадне и ако биде нешто и таквото викендување да го ставам во мојот асортиман. Знаете, драги мои, јас си имам голем асортиман на викенди: со автомобил, во автомобил, во природна, во неприродна средина и околина, во работен, во неработен колектив, со мојон… со нејзинион… (се накашлува).
И… се качив во возот. Убаво си се качив, без проблем. На станицата стоеше и доцнеше којзнае од кога. Прво си се фатив за рачката, па ја кренав едната, па ја кренав другата нога и оп… влегов. Ама само што влегов, кога… еве ти го мојон пријател Трпе. Кој Трпе? Како кој? Па, оној… нејзинион. Ви текна, нели? Е, ме виде Трпе, ги рашири рацете, ме прегрна, ме стегна онака срдечно и подвикна за да не го чуе друг:
Трпe: Кај си, ма срце мое, душо моја!…Иии, од кога не сум те видел. Уште од лани, еееј… Јас просто не излегувам од возов. Патувам дење-ноќе, службено-приватно, а од тебе ни трага ни глас. Како возна фобија да си фатила.
Јас ептен радосно: Еве сум, бе Трпе, другар мој мил, еве сум! Ме гледаш? Уште сум цела, ни делче не ми фали. И здрава сум и права…Јас никогаш не сум имала, ниту имам каква било врска тоа со фобии!…Ете, сега решив да влезам во возов и да си направам викенд во него.
Трпе: Каков викенд?! Ич не ми е јасно! Што ти паднало на ум?
Јас му разјаснувам: Убав викенд, Трпе мој! Викенд и рекреација. Во воз. Знаеш и самиот. Возовите ни се брзи, доаѓаат и тргнуваат навреме, па за викендов нема да си потрошам многу време. А денес најважно е тоа, нели: викендот да го минеш рационално и во што покус временски период.
Мојот пријател Трпе пак ја отвори устата и така си остана човекот. Подзинат, ма со зината уста. Од чудење ли, од што ли не знам, важно ни да гукне. Си замолче човекот, го гледам, почна и да си се успокојува. Ме гледаше едно време право в очи, полека ја затвори зинатата уста, ми подари една слатка насмевка и испушти од душа ваков коментар:
Трпе: Чудно, мошне чудно. Викенд во воз! Ни сум видел ни сум чул…Да не мислиш како она лани?..Ех, што убав викенд си протеравме во возов! Ти текнува? Од Марибор до Гевгелија, од крај до крај. Тоа не се заборава!
И… влеговме во едно празно купе. По едно саат ипол возење, возот застана на станица. Во купето ни влезе една млада девојка, чиниш од последната мода. Од убавина свесно да се онесвестиш. Признавам, нема што, поубава од мене за едно 50 насто. Мојот пријател Трпе издржа некако да не направи таков циркус. Свесно да се онесвести, па да не знам што да му правам, како да го оправдам пред неa дека се онесвестил. Само малку си ја отвори устата, малку зина од чудење. Тоа му е по навик. Се гледаше со неа едно време. Тама ѝ се изнагледа, дојдовме до втората станица.
Во купето ни влезе еден личен маж. Прав, со држење што се вели. Од последна мода. Од убавина свесно двапати да се онесвестиш…Издржав некако, Трпе се направи како да не ми ја гледа маката.
Кога стасавме на третата станица сонцето веќе беше високо, високо на небото. Во нашето купе не влезе никој. Што сега? Што да правиме јас и Трпе?
Почнавме длабоко да мислиме што да правиме. Мислам јас, и имам некое претчувство што ми мисли тој мене. Ама нема мрдање. А сонцето високо, високо на небото…
Возот тргна. Не возеше ни пет-шест минути, кога… тунел! Леле, тунелот…Мрак на очи и…
Е, доста беше. Сакате да ви раскажам што се случи во тунелот? Е ај зинете да ви шепнам на уво…
Баѓ ништо не се случи. Уште од лани ништо!…Што има да се срамам од вас? Ви велам дека немаше ништо. Се знае нашето, помеѓу мене и Трпета. Било-поминало. Тамам работа да го враќаме…
Добро де, ај да ви кажам.
Возот влезе во тунел, а тунелот да бил долг, крајот да не му се види. Јас и Трпе си молчиме и си ја трпиме мрачината. Па така, трпејќи ја сме си задремале, после сме си заспале…Кога ме дрмна и ме разбуди, гледам јас…минал денот! Се притемнило. Си слегов од возот и се качив во друг за враќање.
Толку беше. Исто како лани.