Ах, тие комарци

Потребно време за читање: 3 минути

Здодевни се, неподносливи и надвор, во двор, во природа, и внатре, в куќа, во стан. Има спас од нив, од комарци? Се разбира, побрзо внатре, во затворен простор, отколку надвор. Едноставно, ќе ставиш мрежи на прозорците и вратите, ќе купиш спреј или апарат за „бркање“, ќе ги „собереш“ со правосмукалка. Ако ти влегле, сигурно не се многу на број, та еден по еден ќе ги отепаш. Ама надвор, во двор, во градина…уште поедноставно.

Комарците се инскети кои нанеле и се уште нанесуваат огромни штети на сите континенти, зашто пренесуваат низа тешки болести (маларија, денгуе, жолта грозница и различни типови на енцефалитис). Ги има практично на сите континенти и на различни географски широчини. За развој им е неопходна неистечна вода. Во зависност од видот, можат да се развиваат во различни води, чисти и нечисти, природни и вештачки.

Женката на комарецот полага јајца од кои во вода се развиваат ларви. Од нив настануваат мали инсекти, од кои се развиваат возрасни комарци. Првите три стадиуми се одвиваат во вода, додека возрасниот комарец е летечки инсект. Во зависност од температурата на водата, развојот од јајце до возрасна единка трае од една до неколку недели.

За да може да развие и положи јајца, како и да го обезбеди развојот на нови единки, женката на комарецот мора да исцица крв. Најважниот атрактант-материја која рецепторите на комарецот ја препознаваат и така ја пронаоѓаат жртвата за цицање на крв е јаглен-двооксидот (CO2). Луѓето издишуваат јаглен-двооксид и така ги привлекуваат комарците, дури на околу 50 метри оддалеченост. При цицањето на крв комарецот во човекот внесува секрет кој често предизвикува локална кожна алергиска реакција.

Од многу совети глава не боли. Особено кога се однесуваат на здодевните, неподносливите „бубачки и други ѕверки“.

Најнапред, можете многу, директно и индиректно да влијаете врз бројноста на комарците во вашата околина: проверете дали во близина се наоѓаат места кои се соодветни за нивно размножување, а пред се неистечни води. Потоа:

-отстранете ги старите гуми, конзервите, скршените пластични играчки, стаклените садови и слични предмети кои можат да задржат вода;
-проверете ги садовите за собирање на дождовница, над нив поставете мрежички со ситни отвори;
-често менувајте ја водата во базените во кои таа не циркулира;
-менувајте ја водата во садовите кои служат за поење на домашни животни;
-проверете дали водата во олуците непречено истекува;
-ако имате рамен покрив, проверете дали има неистечна вода на покривот неколку дена по дожд;
-проверете дали вишокот на вода во саксиите за цвеќе непречено истекува;
-чистете ги каналите околу куќите од троскот и отпадоци;
-одржувајте ги септичките јами;
-вештачките езера со риба не претставуваат проблем зашто повеќето риби се хранат со ларви од комарци, но доколку вегетацијата не е прегуста. Отстранете ја густата вегетација особено од ивиците на водените површини.

Во вашето домаќинство:

-заштитете ги прозорците и вратите со мрежи;
-проверете дали во самата куќа имате комарци. Можете да ги уништите механички или со спреј против комарци.

На отворен простор:

-користете средства кои ги одбиваат комарците;
-при престој на подрачје каде што популацијата на комарци е висока носете долги ракави и пантолони;
-во текот на периодот во кој има комарци намалете го на минимум количеството на дезодоранси и парфеми што ги користите- некои мириси ги привлекуваат комарците;
-носете облека со посветли бои- темни бои посилно ги привлекуваат комарците;
-намалете го количеството на шеќер во исхраната- луѓето кои внесуваат многу шеќер повеќе ги привлекуваат комарците.

Одбивање на комарци на природен начин:

-мирисот на лаванда нанесете го на местата каде што пулсот е најсилен (зглобовите, вратот, ушите, колената);
-ефикасно средство е и јаболковиот оцет;
-излупете краставица, исечкајте ја ситно и потоа изгмечете ја или сомелете ја. Сокот замрзнете го во сад за мраз. Со замрзнатите коцки сок од краставица мачкајте ја кожата на лицето и рацете;
-можете да го подготвите следниот препарат: 20 капки масло на еукалиптус, 20 капки кедрово масло, 10 капки масло на гераниум и 60 мл јојобово масло. Состојците добро измешајте ги во чинија, а потоа оставете да се замрзне. Вака подготвениот препарат дејствува врз кожата околу 3 часа.

Еве што природата дала за заштита од комарци:

Цвет на невен

Најкорисен начин за одбрана од комарци на отворено е околу Вас да има цвет на невен или свеќи со негов мирис. Посадете невени во својата градина или двор и ќе ги обесхрабрите комарците да се приближат. Можете да користите масло од невен врз кожата како непријател на комарците.

За заштита на децата користете чај од ајдучка трева или столисник. Можете да им го истриете на децата врз кожата. Ова е сигурен и ефективен начин на заштита на децата. Како алтернатива можете да користите матичник.

Оригинална ванилија

Верувале или не, чистата ванилија исто така ги одбива комарците. Немојте да користите копија на ванилија зашто нема да дејствува. Комарците не се единствените инсекти кои не ја сакаат ванилијата, па затоа е добро да ја имате при рака.

Лаванда

Кој би помислил дека лавандата, како што убаво мириса, е и природен заштитник од комарци. Користете го цветот на лавандата да го втриете врз кожата или користете масло како да користите парфем. Ова е доказ дека не морате да смрдите на хемикалии за да ги избркате комарците.

Босилек

Засадете босилек оти комарците не го поднесуваат неговиот мирис.

Лук

Можеби звучи смешно, но со конзумирање на лук ги одбивате комарците. Тие не одат ни близу до него.

Leave the first comment