ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Потребно време за читање: 4 минути

125.

Морам да се корегирам во врска со дваесетината во домов за стари лица, овде во Сиднеј. Кога се сместив во него, само седдумина на различни години, од кои две дами и петмина господа, кои веднаш ме прифатија и почнаа со љубопитство измешано со рамнодушност д ме слушаат и да дискутираат со мене, ми се видоа уште здрави и при здрав ум. Во меѓувреме се приклучија уште четворица, додуша во инвалидски колички, па попладневните часови ни станаа погласни и некако поживи. А и енциклопедиите во библиотеката почнаа да се користат сѐ повеќ, на задоволство на пероналот.

Пред некој ден во мојата соба го сместија најавениот познат писател во години, но на нозе и мошне витален, па целата атмосфера, не само мојата расположба деновиве и часовите до доцна во ноќта добија поинаков, посодржаен тек. Човекот не е многу зборлест, напротив. Зборува бавно, како да откинува зборови од длабок молк. Ми се претстави како пензиониран новинар, без род и пород, дојден во Сиднеј од Перт, Западна Австралија. Во два-три збора ме запозна со тој град: сместен е на брегот на Индискиот океан, има река Свон; тој е главен и најнаселен град во таа австралиска држава, има околу два милииона жители, и е четврти град по големина во Австрлаија, по Сиднеј, Мелбурн и Бризбејн. Климата воопшто не му одговарала, ниту сувите лета, ниту влажните и благи зими без снег, па е убеден дека таа најмногу придонела за неговото прерано стареење. Има седумдесет и четири години, а се чувствува како деведесетодишник. Прилично ме зачуди тоа дека толку прецизно ги препознава разликите помеѓу тие години во него и на него, но не го прашав за тоа, туку само рамнодушно му се насмеав. Не знае многу за минатото на Перт, но истакна дека тој простор со илјадници години го населувале две абориџински племиња, го викале Борло, но сега тие се во најмал, незначителен број. Најмногу има Англичани и Австралијанци, а во последниве години се зголемува процентот на Италијани и Кинези. Тој е по потекло Англичанец.

Се разбира, тој ме интересираше како писател, каков што ми го најавуваа во домов. Се поднасмеа, може од скромност, па ми раскажа нешта за кои малку знаев или досега не бев чул. Имено, за сето време додека работел како новинар во локален весник одвреме-навреме пишувал песни и куси раскази, понешто објавувал во него под посевдоним, не го прашав зошто, но без амбиција да се посвети на книжевноста и да создаде некое покомплексно дело. Откако се пензионирал, сосема заборавил на новинарството. Интензивно, секидневно пишува, а негови две стихозбирки и една книга раскази веќе ги поседуваат осумнаесетмина читатели! Притоа нагласи дека тој број постојано се зголемува што му е особено драго, го радува и го поттикнува да продолжи со пишување. Штотуку започнал да пишува хипертекстуален роман. Му признав дека за жал малку знам за тој книжевен жанр, па тој со задоволство ме запозна со хипертекстот воопшто и со структурата на романот:

Хипертекстот содржи меѓусебно поврзани единици што се прикажуваат на некој електронски уред. Нема единствен редослед на читање, него го одредува читателот додека чита. Тој содржи врски односно хиперлинкови на други содржини кои исто така можат да содржат врски што водат некаде на друго место. Негова најпозната примена е Вебот, глобалниот информациски интернет сервис, а најпознат пример на хипертекстуален принцип на функционирање е Википедија. Во неговиот роман се „структуираат“ односите помеѓу различни генерации на луѓе, со акцент на нивните спротивставености и сѐ поголемиот јаз помеѓу нив.

Признав дека сум многу изненаден од сенасе осуманесеттемина негови читатели и неговото радување оти тој број постојано се зголемува, па го замолив да ми објасни.

Тој:

„Јас не ги објавувам своите дела во печатен формат, туку лично им ги испраќам на заинтересирани во преносен формат на документи-PDF. Потоа, доколку се одлучат да ги печатат меѓу корици потпишувам авторски договор со нив, со договорена додадена цена за само еден печатен примерок на цената што е веќе платена за електронскиот формат. Сѐ поголем е бројот на тие читатели затоа што на тој начин стануваат специфични библиофили; поседуваат раритетни примероци, од кои некои допрва можеби ќе добијат непроценлива вредност. Претпоставувам дека го делите моето мислење за таканареченото масовно читателство односно бестселерот. Тие никогаш не постоеле, а сѐ се сведува на бизнис. Суштината е дека секое дело има еден единствен, свој читател“.

Забележав дека секогаш, од будење до заспивање при рака му е таблет, чија батерија ја полни секоја ноќ.

Забележал дека одвреме-навреме го вклучувам лаптопот, пребарувам на Интернет или нешто пишувам, па ме праша:

„Вие што работите? Со што го исполнувате времето во домов?“

Јас:

„Јас ги откривам и осознавам древните човечки цивилизации, нивните траги во нашево време и нивната неспорна поврзаност низ времето. Јас сум по потекло Македонец, од Македонија, па се подразбира дека акцентот го ставам на македонската“.

Тој:

„Мошне интересно. Прочитав на Интернет неколку статии за она што ѝ се случува на Вашата татковина, нејзиното разнебитување и геноцидот и етноцидот на македонската нација. Несфатливо е што сето тоа го спроведуваат домашни велепредавници на власт. Мислам дека такво нешто не е познато во историјата на човештвото“.

Не сакав да продолжиме на таа тема, па само нагласив:

„Тоа се странски платеници, слуги на големи и моќни сили кои наголемо го прекројуваат Балканот. На кои токму таа моја мала, сиромашна земја со духовно голем народ им е трн в око, па се решени по секоја цена да ја збришат, сосе нејзиното минато и сегашност. А нејзината територија да ја распарчат и да им ја поделат на соседите. На сите нејзини соседи и на цела Европа им пречи тоа дека Македонците најмногу од сите во својот ген го носат македонството. Древната македонска цивилизација е во темелот на сите европски народи, тие најмногу ѝ должат токму нејзе, во своето минато, својата култура, историјата, традицијата“.

Тој:

„Сакам да разговараме на таа тема. Имам некои свои стојалишта во врска со геноцидот и етноцидот на малите народи, како и со велепредавството“.

Искажав задоволство.

Leave the first comment