СВОЕВИДНА ЖИЗНЕНОСТ, минијатурни раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

92. Мрави

Тој во животот ни мрава не згазил. А неброено пати на мрави им се нашол на патот или, пак, мрави му го пресекле.

Кога им се нашол, се тргал и почекувал да поминат. Памети дека како дете неретко ги следел до нивниот мравјалник восхитувајќи им се на силата, настојчивоста и упоритоста со товарот на грб да стасаат до него, да влезат, па брзо-брзо да излезат во потрага по храна, по штогоде што можат да туркаат или носат.

Кога мрави ќе му го пресекле патот, тој ќе ги прескокнел не попречувајќи им го движењето. Во мигови на неодлучност едноставно ќе запрел и ќе чекал да поминат, а потоа ќе минел притоа внимавајќи да не им ја оштети трагата.

Не знае што да прави со мравиве кои почнаа да му влегуваат во неговото живеалиште на спокојот, како што го нарекува. Му навлегуваат низ вратата, низ аглите и процепите на ѕидовите. Не оти му пречат, не оти го вознемируваат, ама се сѐ повеќе на број. Просто наезда.

Го побара нивниот предводник за да се обиде заедно да најдат некое решение на обострано задоволство. Се сретнаа, поразговараа пријателски, но не можеше да се согласи дека  неговото живеалиште на спокојот е е доволно големо и комотно за заедничка живеачка. И да е, тие не го создале, не го изградиле, ами навлегле во него без негова согласност, насилно.

Мравите постојано навлегуваат, од ден на ден се во сѐ поголем број, а тој со нивниот предводник никако да се договори.

Ќе мора да ги протера со средства што му стојат на располагање.

Leave the first comment