Потребно време за читање: < 1 минута

37. За големо дело

Се собрале луѓе за големо дело
пред големо дело на творец
кој дошол до раб
на живо време во жив простор
без негова трага.

Што ли чекаат? Што бараат?
Се надеваат ли на нешто
со него или од него?
Дали совреме ќе го препознаат
дека е за нив?

Творецот не ни помислува
скоро по едно создадено
ни мало ни големо дело
да почне да создава друго.

А не може на себеси
да си објасни зошто
го збриша во миг во кој
се виде сам
среде оган во мразнина.

Собраните луѓе за големо дело
пред негово големо дело
наслушнуваат ехо
на глад и жед самотни
што иде од согледлива доблест
на човек сонувач во стварност
неменлива.

И како да се плашат!
И како нешто да ги плаши!
Се вкочаниле како стени
вековити!

Творецот конечно решава
да фрли пред нив семиња
за живот,
потоа за нив да пробие
светлина низ мразнината,
а тој сам среде огнот
одново да заживее љубов
меѓу продуховени сушности.