Запишано, запомнато, испеано

0
24

Помалку познати верзии на познати и испеани македонски народни песни. Забележани-запишани од повеќемина собирачи на македонски народни умотворби:

Шар- Планина и три овчари

Потфатила ми Шар-Планина,
потфатила до три офчари.
Првијот велит, је се молеше:
-Пушчи ме мене, ти, Шар-Планино.
пушчи ме мене, дома да ода;
дома си имам мајка, ме чекат!-
Вторијот велит, је се молеше:
-Пушчи ме мене, ти, Шар-Планино,
пучи ме мене дома да ода;
дома си имам сестра, ме чекат!-
Третијот велит, је се молеше:
-Пушчи ме мене, ти, Шар-Планино,
пушчи ме мене дома да ода;
дома си имам љубна, ме чекат!-
Мајката жалит дури да умрит,
сестрата жалит дур` да с` ом`жит,
љубата жалит до шес` недељи.
(Зап. Константин Миладинов)

Три години, Кате, болно лежав

Три години, Кате, болно лежав,
ти не дојде, Кате, да ме видиш.
Шуќур Господ, Кате, те донесе.
Сврти ми го, Кате, перничево,
перничево, Кате, кон пенџера,
да го видам, Кате, езерото,
како фрла, Кате, далги далги,
далги далги, Кате, бели пени,
како бие, Кате, од брег на брег,
така бие, Кате, мое срце
за мојата Ката, мила севда,
за другега, џанам, посвршена.
(Зап. Константин Миладинов)

На срце ми лежи една лута змија

На срце ми лежи една лута змија,
не је била змија, тук` је кара севда.
Севдините очи черни черешови,
Севдините веѓи морски пијавици!
Иди ми ја искај, дал` ќе ти ја дадат:
ако ти ја дадат, качи ја на пајтон,
ако не ја дават, постој погледај ја.
(За. Крсте П. Мисирков)

Мила ќерко, кој чука на порти

-Ќерко, мила ќерко!
Кој чука на порти?
-Мале, мила мале!
Едно лудо-младо,
на механа е било,
благо е вино пило,
пило си и опило!
На нас налетело,
тука да приспие.
-Ќерко, мила ќерко!
Иди го испади.
-Мале, мила мале!
Ако го испадам,
грехо ќе му берам.
-Ќерко, мила ќерко!
Вечера ќе тера.
-Мале, мила мале!
На лудо вечера
мојата лакрдија.
-Ќерко, мила ќерко!
Ракија ќе тера.
-Мале, мила мале!
На лудото ракија
моето бело лице.
-Ќерко, мила ќерко!
И вино ќе тера.
-Мале, мила мале!
На лудото вино
моите црни очи.
-Ќерко, мила ќерко!
Постеља ќе тера.
-Мале, мила мале!
На лудо постеља
мојата рамна снага.
-Ќерко, мила ќерко!
Покриво ќе, тера.
-Мале, мила мале!
На лудото покриво
мојата бела саја.
(Зап. Стефан Верковиќ)

 

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion