Суштинско прашање-важно знаење: Како настанало писмото?

0
47

Утврдено е дека првите текстови се напишани во Египет и Месопотамија-долги приказни и поеми кои раскажуваат за создавањето на светот и луѓето, за животот на боговите и подвизите на јунаците.

Револуционерниот пресврт се случил ококу 3000 г. пред Христа, кога Сумерците во Месопотамија усвоиле систем на цртежи, гравирани на глинени плочи, кој им овозможувал да го сметаат своето богатство; глава на вол за вол, клас жито за жетва итн. Тоа е едновремено и раѓањето на клинестото писмо.

Помеѓу 3000 и 2500 г. пред Христа во Египет се појавиле хиероглифите кои за Египтјаните биле начин на комуницирање со боговите, што ќе рече дека се тие дел од свето писмо. Тие биле официјално писмо користено во стариот Египет, а се состоело од мешавина на логограмски и алфабетски елементи. Нивните текстови се врежани или насликани во храмовите, во пирамидите, на саркофазите, а нивни книги биле свитоци од папирус (листови добиени од растение од бреговите на Нил).

Познатата Книга на мртвите, од 15. век пред Христа, е заедно со мумиите во саркофазите и им објаснува на покојниците како да влезат во кралството на мртвите. Исто така, Египтјаните пишувале многубројни збирки на мудрости, од кои најпозната е секако Мудроста на Птахотеп. Таа содржи животни совети на Птахотеп, фараонов министер околу 2400 г. пред Христа.

Буквите на абецедата се всушност знаци за звуци. Латиничното писмо или латиницата се темели врз римската абецеда, стара околу 2.500 години. Големите букви на латиницата се речиси исти како буквите употребувани во римските натписи во 3. век пр.н.е.

Пред создавањето на кирилицата, богослужбата кај Словените се вршела на туѓи, неразбирливи јазици, како што се грчкиот и латинскиот. Составувачи на првата словенска азбука-глаголицата се Кирил и Методиј, кои имале мисионерско-просветителска дејност во повеќе словенски земји.

Кирилицата е создадена на македонско тло, а современата е составена од нивните ученици Свети Климент Охридски и Свети Наум Охридски, од Охрид, кој тогаш бил во Царството Бугарија. Тие ја преобразиле и поедноставиле тогашната глаголица и новата видоизменета азбука во чест на Свети Кирил го добила името кирилица. Таа е составена од 44 букви.

Кирилицата денес се употребува за пишување кај шест природни словенски јазици (белоруски, бугарски, македонски, руски, српски и украински), како и кај многу други јазици од поранешниот Советски Сојуз кои се наоѓаат во Азија и Источна Европа. Секој од нив има своја посебна верзија на азбуката, со различни одлики во зависност од говорното подрачје.

Македонската кирилична азбука е составена во 1945. година. Има 31 буква.

Пред писмата за да забележат некој настан и за да соопштат некоја смисла, луѓето употребувале слики. На пример, неколку антилопи значеле „овде е богато ловиште“. Таквото „сликовно писмо“ било прилично усовршено кај старите Вавилонци, Египтјаните и Кинезите. Низ вековите тоа претрпело одредени промени. Наместо да го заменува самиот предмет што е нацртан, сликата почнала да претставува некоја идеја за него. На пример, слика на нога можела да го означува глаголот „оди“. Тоа писмо е наречено „идеографско“ или „поимно“ писмо.

Цртаните пораки секој можел да ги толкува на свој начин, па затоа тој метод почнал да се менува. Се појавиле знаци кои претставувале звуци. На пример, ако раката се викала „ид“, сликата на раката го заменувала звукот „ид“, па се употребувала секогаш кога требало да се претстави тој звук. Таквото писмо би можело да се нарече „слоговно“.

Вавилонците, Кинезите и Египтјаните не го надминале тој степен. Египтјаните составиле некој вид на абецеда, вклучувајќи во своите слики и 24 знаци кои претставувале одделни букви или зборови составени од еден согласник. Но, тие не биле свесни колку е значаен тој изум. Пред отприлика 3.500 години жителите на источниот брег на Средоземното море сфатиле дека ист знак може да се користи за ист звук во сите случаи кај што се јавува, па почнале да употребуваат ограничен број на знаци, а тие заедно ја формирале абецедата.

Таа нивна абецеда ја усовршиле старите Евреи, а подоцна и Феничаните. Тие, пак, им ја пренеле својата абецеда на Грците, а Римјаните ја прифатиле грчката абецеда со одредени измени и дополни и им ја предале на народите на Европа во форма на тн. латиница, од која настанала денешната латиница.

Поминале илјадници години додека човекот достигнал таков степен на развој да може да произведе нешто што само од далеку личи на книгата каква што денес ја познаваме. Според тоа, кога зборуваме за првата „книга“, треба да се има на ум дека таа поприлично се разликува од денешната. Првите книги за кои знаеме нешто не ни биле книги во современата смисла на зборот.

Пред неколку илјади години Вавилонците и Асирците правеле плочки од глина. На нив испишувале разни податоци и сѐ она што сакале да сочуваат. Со една заострена алатка врежувале клинести букви додека глината била се уште влажна. За тие плочки да ги направат што потрајни биле печени во печки. Понекогаш се случувало испишаните податоци да бидат опсежни, па морале да бидат врежувани на голем број плочки. Таквата низа од плочки, „страници“, можеби би можела да се нарече книга.

Старите Египтјани направиле чекор поблиску до современата идеја за книгата. Тие правеле некој вид сурова хартија од трска која се викала „папирус“. Најнапред биле рачно правени рамни листови со бледожолта боја, кои потоа се лепени во долги ленти, а тие се виткани околу валчести шипки од коски и дрво. Служејќи се со мастило од саѓи, Египтјаните запишувале песни, приказни и разновидни податоци со помош на хиероглифи, односно сликовно писмо. Бидејќи валчестите шипки не биле секогаш подобни за ракување, понекогаш се пишувале на посебни листови папирус. Тие потоа се поврзувани во ленти и тоа потсетувало на некој вид груба книга.

Другите стари народи, а меѓу нив и Грците и Римјаните, изработувале книги кои исто така биле обвиткани околу цилиндрични шипки.

Книгите какви што ги познаваме денес се појавиле дури во средниот век. Најблиски на нив биле свитоците папирус. Во средината на 5. век пергаментот и велинот го замениле папирусот. Тој се прави од овча или козја кожа, а велинот од телешка. Листовите од тој материјал, испишани на едната страна, се сечени за да бидат со иста големина, а потоа на едниот крај се спојувани со кожни копци и поврзувани во книги.

Меѓутоа, првите книги слични на денешните се четири парчиња велин свиткани така што секој правел по два листа. Тие парчиња потоа се ставени во еден друг, па се добивале осум споени листови кои може да се наречшат „том“, во денешната смисла на зборот. Тие потоа му се испраќале на писарот кој го испишувал текстот. Тој, пак, ги раздвојувал листовите и пишувал страница по страница. Велинот бил достаточно дебел, така што можело да се пишува од обете страни.

Следниот чекор бил испраќање на испишаните томови на книговезец од нив да направи книга. Тој ги прошивал со дебел конец, потоа правел дрвени корици, па краевите на конецот ги провлекувал низ дупки издупчени на штичките, и на тој начин ги спојувал „страниците“ на кориците. Најпосле лепел големо парче кожа на спојот на испишаните делови и дрвените корици. Подоцна поврзувањето било усовршено. Пронајдени се нови начини книгата да се украси и подобро да се сочува.

Средновековните книги повеќето биле Библии, проповеди и други верски списи. Потоа се појавиле и книги од областа на правото, медицината, природните науки, а уште подоцна и неколку летописи и романи. Најголемиот број книги во средниот век се пишувани на латински јазик.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion