Потребно време за читање: < 1 минута

29. Сами

Она е сама и он е сам пред виделина. Обајцата се во години, сè уште со исправени снаги и бистар ум. Соседи. Откога се знаат со куќарки една до друга. Сами во нив. Никогаш со нив некој час, два, три, полден, цел ден, квечерум, до некое ноќно доба. Без рожба, одамна без ближни.

Он ѝ вели:

-Предолго сме сами јас и ти. Ај отсега заедно, до колку што ни останало од животецов.

Она му вели:

-Мислам дека е предоцна за заедно. Да, така е ко што велиш, од што сме обајцата предолго сами. Но сме научиле така, сме се навикнале, па не верувам во наш, заеднички, нов почеток. А не сме ни доволно блиски за наше време и за споделување на сè што имаме во нас и со нас.

Он ѝ вели:

-Ама од ден на ден обајцата сè повеќе снеможуваме и сме болешливи. Заедно ќе се крепиме…Не верувам дека не ти дотежнала самоста. Мене одамна.

Прочитај и за ... >>  ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 45

Она му вели:

-Така е, ко што велиш ти, но две самости тешко се привикнуваат на заедничка живеачка. Згора на мојата и тво…

Он ѝ го пресекува зборот:

-Да, згора на мојата самост и твојата. Не знам како твојата, но мојата сè повеќе ми ја налегнува снагата со осаменост. Сигурно заедно полесно ќе ја преброду…

Она му го пресекува зборот:

-Нема полесно да ја пребродуваме. Знаеш зошто? Затоа што осаменоста нема и не може да ни биде една. Неминовно е да ни бидат две…во една голема.

Продолжуваат она сама и он сам на виделина.