Потребно време за читање: < 1 минута

56. Од него

Од него секогаш понешто. И кога се очекува и кога не се очекува. Доволно е само да му се посака, да се предизвика за од него понешто. Да, што било, ако не е нешто конкретно.

Просто е зачудувачки како тоа мигум од него. Од многу знаења и искусени нешта во животот? Се разбира, најмногу од нив, но и низ годините насобрани од други. Мудрост? Не секогаш. Може да се рече многу поретко одошто откриено, осознаено, замислено, смислено, чуено, од други речено па од него доречено.

Никој никогаш не го прашал како од него секогаш понешто. Но, кога би, јас знам што би одговорил. Со негови зборови:

„Секогаш од мене исто како секогаш од тебе. Како секогаш од кого било што му треба некому. Што му е некому нужно. Или, пак, може некогаш да му користи. Се разбира дека тоа најнапред зависи од мене, можам да речам и од мојата добра волја…Ова да не го заборавам: од сè најважно ми е да се знае дека е од мене“.

Прочитај и за ... >>  ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 14

Јас не можеби, туку најверојатно, да не речам сигурно би го прашал:

„Зошто ти е најважно да се знае дека е од тебе?“

Негов од мене претпоставен одговор:

„Затоа што има мој печат, препознатливост, а најмногу дека стојам цврсто зад тоа. Тоа значи дека не само што никогаш нема да го одречам, да го негирам, туку и ќе го бранам со сите физички и умствени сили и способности во секаква прилика и неприлика“.

Не паметам дека некој некогаш поради секогаш понешто од него да се нашол сам на ветромет.