ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 37

Потребно време за читање: < 1 минута

37. Семе

Секакви семиња за нов живот во човек, со човек и околу човек. И за во сите годишни доба, и за од пролет до есен, и за опстанок и за здравје. Ниедно суво како мртво, а во сувост до заживување. Секое за почеток и продолжение на животворност.

Семиња во семиња во плодна земја и над неплодна, носени и донесени од козјнае каде од ветришта или птици. Семиња засадени совреме од човек со човек. Семиња за потомство, во сегашност за во надежна иднина.

Подучувам младо семе од пред да го оставам меѓу земја и небо до негово изртување:

Не го забрзувај животот во тебе како почеток на нов свет најпрвин со тебе, после со друг, па крај друг и најсетне без тебе. Мора сè да биде со време и да иде совреме. Откога ќе зажилиш и ќе пуштиш `ртулци на сонце и на месечина, откога ќе најдеш свој спокој меѓу ѕвездите, дури си живо да не заборавиш дека меѓу небото и земјата мора да создадеш и да создаваш свој свет, препознатлив меѓу многу светови. За твојот живот да продолжи со тебе кога ќе биде без тебе. И дури од тебе не стане семе, да не заборавиш на рамновесието на светлината и темнината во испреплетеноста на стварноста сосе заумноста.

Го оставив младото семе меѓу небо и земја до негово изртување, па се вратив во моето живеалиште. Ги погалив и изгушкав семињата наредени под прозорецот кон исток сè до вратата на запад.

Наеднаш се сепнав од едно прашање кое во мене всади длабоки сомнежи и стравувања:

Како можев да заборавам да го предупредам младото семе дека за род е најважна играта на неговиот говор заедно со неговата песна гласовна, и тоа како суштината за постоењето со самосвест и идентитет?