За постот

Потребно време за читање: 5 минути

Постот се смета за средство на облагородување на духот, на чистење на телото, води кон успокојување на душата, подучува на скромност и отфрлање на лоши намери и желби. Се смета и како „молитва со телото“. Со него се развива духовна дисциплина, и тоа со надминување на сетилните искушенија од физичкиот свет, јакнење на способноста за доживување на Бога и со фокусирање на духовниот развој. Тоа е и начин да се присетиме дека она што го сакаме, во голема мера само за себе, најчесто не е пат кон среќата. Мудрите луѓе истакнуваат дека тој пат води низ Љубовта и единството на Духот, Умот и Телото.

Постот го има во сите религии, и големи и мали. Тој е мошне важен дел од религиозните обреди и духовните ритуали-христијанските, јудаистичките, исламските, хиндуистичките, будистичките, а најчесто се поврзани со празнувањата според верските календари.

Најраните христијани неделата ја уредиле според заедничката богослужба на одреден ден и на посните денови. Се работи за славење на два годишни циклуса на пост и празници и циклус на светителски денови.

На крајот од 1. век прославувањето на еврејскиот празник Пасха за христијаните било посебен квалитет. Подготвителниот ден бил сфатен како пост во спомен на Исусовата смрт. Пасха го обележува почетокот на христијанското оформување на годината. Во 2. век тоа сфаќање дошло во судир со постарата традиција на прославување на воскресението на првиот ден од секоја седмица така што, надвор од Азија, постот траел еден или два дена пред неделата која доаѓала по Пасха, а бил прекинат само во недела (Велигден). До првата половина на 3. век тој строг пост од 2 се продолжил на 6 дена.

Во 4. наоѓаме пост од 40 дена (велики пост) кој и претходи на христијанската Пасха. Овој подолг пост често се доведува во врска со Исусовиот пост од 40 дена по неговото крштевање во реката Јордан, а коптски извори навестуваат дека тој првобитно можел да се држи независно од еднонеделниот пасхален пост (Страсна седмица). Меѓутоа, во 4. век овој подолг пост го апсорбирал пасхалниот и заедно со него сочинувал 6 недели пост или, алтернативно, бил ставен пред онаа една седмица и заедно со неа изнесувал 7 недели. Пасхалниот период е прославуван 50 дена кои следат по Велигден и се завршувал на денот Педесетница, која во 4. век и самата станала пост во чест на излевањето на Светиот Дух на црквата. До крајот на тој век Вознесението Христово е прославувано на 40-от ден по Велигден. Датумите на овој циклус се поместуваат во зависност од датумот на Велигден.

Друга група на празници настанала во врска со паганското прославување на зимскиот солстициј (краткодневицата). Најран од тие празници бил денес познатото Богојавление(6/19 јануари, датум на краткодневицата кај старите Египтјани). Во Египет со ова се прославувало крштевањето на Исус, а во Ерусалим неговото раѓање.

Постот не постои во тн. светителски циклус, односно празниците во спомен на одредени светители, најчесто на денот на нивната смрт.

Во другите две големи гранки на христијанството- римокатолицизмот и протестантизмот:

Католиците постат и се воздржуваат од месо на денот на Чиста среда и Велики петок, како и секој петок во Великиот пост. Со векови им било забранувано да јадат месо во петок, но од средината на 60-тите години на 20. век воздржувањето од месо надвор од Великиот пост било работа на локална дискреција. Постот во петок некои го заменуваат со покајание или специјална молитва.

Целта на постот е контрола на телесните желби, покајание за гревовите и солидарност со сиромашните. Великиот пост ја подготвува душата за големата гозба со аскетска практика, а Великиот петок го обележува Христовото страдание. Во христијанството генерално владее верувањето дека преку лебот и виното верниците ги примаат во себе телото и крвта на Исус Христос, а тоа се случува и преку причестие. Католиците постат барем еден час пред причестието.

Кај протестантите постот е работа на поединецот, црквата, организацијата или заедницата. Некои се воздржуваат од храна или пијалок целосно, други пијат само вода или сокови, јадат одредена храна, прескокнуваат одделни оброци или се воздржуваат од одредени искушенија воопшто. Се пости поради духовен развој, солидарност со сиромашните и за да се воспостави противтежа на потрошувачката култура, или на Бога да му се упатат специјални молби и барања. Повеќето протестанти постат само на Велигден и Божик и не следат ритуален пост.

Во еврејската практика постот е ритуално развиен и проткаен со богатство од молитвени обреди. Се пости на Денот на помирувањето, Јом кипур- последниот од 10-те дена на покајанието; постот почнува на празникот Раш Хашана (почеток на еврејската нова година). Се практикува голем оброк пред заоѓањето на сонцето, во пресрет на празникот, и не се јаде се до следното заоѓање.

Еврејските посни денови исто така се поврзани и со празникот кој се вика „Премин“. „Премин“ (Пасха) го обележува раѓањето на еврејската нација по спасението од египетската власт. Храната што се јаде во таа пригода служи да помогне за разбирање на приказната за егзодусот. На пример, се јаде бесквасен леб и не е дозволено ништо што има во себе квасец.

Евреите постат поради покајание за гревови, како и поради специјални молитви упатени на Бога.

Еврејскиот закон за храна води потекло од пред повеќе од 2000 години и е дел од општиот правилник на однесување, кој го одржува идентитетот на еврејската заедница. Храната претставува интегрален дел од животот во религиозната практика на Евреите. „Кашрут“ се однесува на законите поврзани со храната, а „кошер“ значи дека храната е дозволена или „чиста“, дека е подготвена на адекватен начин, дека рабинот ја благословил, додека другата, „нечистата“ е строго забранета. Постојат и одредени правила кои забрануваат комбинирање на млечни производи со месо.

Во исламот во време не месецот Рамазан (9-ти месец на муслиманската, инаку лунарната година) е задолжителен постот (саум), еден од четирите столбови на таа религија. Се завршува со појавата на младата месечина и празникот Бајрам, кога се слави и се делат подароци. 28-те дена на постот-комплетно воздржување од јадења, пијалоци, сексуални односи и пушење преку ден, станаа период на самодисциплина и израз на вера.

Рамазан го обележува периодот кога Куранот првпат му е откриен на Мухамед. Се пости и во текот на други важни религиозни датуми, како што е 9-тиот ден на Зул Хиџах. Некои муслимани избираат да постат во понеделник или четврток или во двата дена.

За постот говорат и зборовите на пророкот Мухамед: „постот е половина трпение“ и „трпението е половина на иманот (верувањето)“.

Во хиндуизмот постот најчесто се практикува на млада месечина и во текот на прославите, како што се Шиваратри, Сарасвати пуѓа и Дурга пуѓа. Начинот на постот зависи од поединците. Може да вклучува пост од 24 часа на комплетно воздржување од храна и пијалоци, но е многу почесто само воздржувањето од цврста храна со повремено пиење на млеко или вода.

Се пости за да се зголеми концентрацијата во текот на медитацијата или богослужбата, поради прочистување на телото, а понекогаш се посматра и како вид на жртвување.

Забраната на животински производи варира од регион до регион. Додека говедското е генерално забрането, млечните производи, како што се млекото, путерот и јогуртот се користат во исхраната и се мисли дека ја зголемуваат духовната сила. Исто така, Хинду верниците избегнуваат храна која може да им предизвика болка на животните во текот на производството на храна. За животните се смета дека се духовни и ако хинду верниците јадат месо од животни со себе донесуваат лоша „карма“. „Карма“ претставува духовен товар што го акумулираме или од кого се ослободуваме во текот на животот. „Храната е Бог (Браман)“ е вообичаена хиндуистичка изрека.

Храната се смета за жив дел од Браман, а оваа религија ја прифаќа буквално максимата „ти си она што го јадеш“. Во согласност со целта да се избегне насилство спрема други живи суштества, се препорачува вегетаријанство, но не е обврзувачко.

Сите главни правци на Будизмот практикуваат одредени периоди на пост, обично кога е полна месечина или кога е некој празник. Во зависност од традицијата, постот најчесто значи воздржување од цврста храна, со дозвола за внесување на некои течни напитоци. Постот има улога на прочистување и служи како средство за „ослободување на умот“. Слично на хиндуистичкото верување во филозофијата, концептот на „карма“ е значаен за Будизмот, како и избегнувањето на насилство спрема сите живи суштества. Тие дури веруваат дека причина за човечката агресивност е насилството спрема животните.

(Користена Општа енциклопедија, Енциклопедија на живите религии и повеќе текстови на Интернет)

Leave the first comment