Некое ново идно време во сегашно
Влегло како за никогаш да не излезе
Од себеси,
Се испреплетува непрестано со него
Како да нема никогаш заедно
Како едно да започнат и да завршат
Дури континуитетот и минливоста
На опстанокот на човекот во светот
Не ги пресече нечие минато време
Без корен без светлина без смисла.
Кога ги гледам вака испреплетени
Ги гледам како се испреплетуваат
Во двојба сум дали пак некогаш
Со птици, питоми треви и цвеќиња
Ќе бидам едновремено
На небо меѓу ѕвезди и месечина
На земја и под земја еднакво гласен
И еднакво согласен
Со сите годишни доба.
Јас како човек некој што се обидува
Со последни сили
Одново роден за неосвоиви врвови
И падови во провалии меѓу игри
На ветришта облаци и молњи
Мигум освојувачки па поразителни
Да се убеди себеси
Дека о ваква сомнежна двојба
Не може никој ни долго
А камо ли трајно да се докажува
Како бестрашен и тврдокорен.
Веќе не знам ни дали ова некое
Идно време влезено во сегашно
Што се испреплетува со него
Како за никогаш заедно како едно
Да не започнат и да не завршат
Што било
Треба да се обидам да го надминам
Исто како многу други досега
Или да пронајдам нови
Птици питоми треви и цвеќиња.
ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Грижен, стихозбирка, 19